1022 hPa
100 %
6 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 11:59
Мислам дека е време да престанеме да се правиме фини, академски културни, та дури и наудрени и да почнеме настаните од последниов месец да ги именуваме со вистинското име, а тоа е смислена окупација на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје од страна на владејачката партија позната под името Внатрешна македонска револуционерна организација – Демократска партија за македонско национално единство, или попросто - ВМРО-ДПМНЕ. За да нема дилеми на почетокот, иако сум член на Професорскиот пленум, ова подолу го пишувам во свое лично име.
Имено, кон крајот на 2014 година, Студентскиот пленум, во неколку наврати организираше масовни протести. Тие кулминираа со Слободната автономна зона на УКИМ која успешно се одржуваше неколку недели. Не беа поддржани ниту од Студентскиот парламент, односно од в.д. претседателот чиј мандат уште тогаш беше истечен, ниту од ректорот на УКИМ - Велимир Стојковски. И покрај тоа што владините медиуми нè убедуваа дека станува збор за „грст комуњарски“ деца, во преговорите беше вклучена тешка артилерија, како на пример, Ставрески лично и персонално. Студентите ги освоија симпатиите на широката јавност, а беа поддржани од „мала група комуњарски професори без импакт фактор“, односно од Професорскиот пленум.
Неколку пати сум потенцирала во моите обраќања, дека студентското движење беше почетокот на падот на оваа власт, уште пред да дојдат на ред „бомбите“ на опозицијата. Беше вовед во уривањето на груевизмот затоа што ги мотивираше и средношколците, и професорите, и наставниците, и новинарите и сите слободномислечки граѓани да го изразат својот гнев, револт и бунт против т.н. „мек тоталитаризам“, односно тврд авторитаризам на актуелната власт, сведен на уличарската максима – „Победивме на избори, ќе правиме што сакаме“. Иако сосема неприсутни во пропагандните гласила, на позицијата, по сè изгледа сме биле доволно упорни и уште подоволно бучни, за да го свртиме вниманието и гневот кон себе. Тогаш, најверојатно во некоја барокна соба на Илинденска бб, е донесена одлуката - УКИМ мора пасти!
И така, во предворјето на Ректоратот на УКИМ еден убав ден осамнуваат два нови барокни објекта. Никаква елаборација за оправданоста на изборот на локацијата или за тендерската процедура, освен штурата информација од страна на ректорот Стојковски, и тоа ставена под точка разно. Претставниците од Студенстскиот и Професорскиот пленум беа изигнорирани и не им беше прифатено барањето да се свика вонредна седница по ова прашање. Ќе дознаеме и зошто.
Понатаму, силно вооружени припадници на ЕБР во тактичка формација за антитерористичка акција, еден уште поубав ден го блокираат главниот кампус на УКИМ и испоапсија професори од Економскиот факултет кои наводно биле корумпирани. Истите професори биле две години следени и непосредно пред донесувањето собраниска одлука за отворање нов универзитет биваат спектакуларно приведувани пред ТВ камери (кои, како и при апсењето на Бошкоски, случајно се тука). И пуштени на слобода, откако им се одземени патните исправи. Битно е дека јавноста дозна за случајот и, уште побитно е дека владините покорени медиуми беа едногласни во осудата - „Пу, јаз’к да им е на даскаливе од УКИМ!“ Малку подоцна ќе дознаеме дека оваа епизода од NCIS ќе биде искористена како аргументација за универзитетот „Дамјан Груев“.
Потоа следеше изборот на ректор на УКИМ. Конкурсот беше распишан во кус период, меѓутоа имаше доволно време, за прв пат, да се претстават шесте кандидати за оваа престижна позиција, да си ги кажат своите програми и своите ставови во врска со актуелните проблеми во кои (не) функционира УКИМ. Сите, освен проф. Новковски, изјавија дека би се повлекле во случај Студентскиот парламент да делегира нелегитимно избрани претставници во Сенатот. Само еден кандидат не беше присутен на овие трибини. Тоа е новоизбраниот ректор, проф. д-р Никола Јанкуловски. За ваша информација, нелегитимните претставници на студентите претставуваат 10 проценти од гласовите на Сенатот на УКИМ. Што се однесува до останатите гласови, односно гласовите на почитуваните колеги сенатори, би им препорачала на новинарите истражувачи да проверат кој и колку од нивните блиски во последниве месеци се вработени на Универзитетот. Хм, за малку ќе заборавев - еден од проректорите е колегата од Факултетот за физичка култура и спорт. Како што е еден од новите објекти во дворот на УКИМ е - што? Погодувате, Факултет за физичка култура и спорт.
И кроце покроце, еден ден по изборот на ректор на УКИМ, на 107-та собраниска седница бидува донесен Законот за основање на Универзитет за национална одбрана, безбедност и мир „Дамјан Груев“. Пратеникот на ДПМНЕ, Илија Димовски, во таа свечена пригода пригодно ќе изјави дека со тоа ќе се подобрат состојбите и проблемите во високото образование (читај УКИМ) во Република Македонија. Универзитот, со сите девет факултети, според Димовски, толку е подготвен, што ќе стартува со работа уште оваа академска 2016-2017 година. Бреј мајката, такси компанија или откупен центар за бучински кромид да се отвораше, ќе требаше повеќе време, а не Универзитет. Ама тоа е тоа во мојата вонвремена земја Македонија.
И така, последната клапа од филмот под работен наслов „УКИМ мора пасти“, беше изборот на преседател на СПУКМ. Некој и ќе се запраша - зошто се крена толкава врева за некоја си таму студентска организација. Некој можеби и ќе се зачуди зошто беа носени повозрасни тетовирани батки да ги „евакуираат“ кутиите со по десет ливчиња и да бегаат со нив како попарени низ градов. За денес, еден ден по изборите, да разбереме дека имало илјадници избројани гласачки ливчиња. Веројатно некому ќе му биде несфатливо зошто беше толку забележителна инволвираноста на Унијата на млади сили на ДПМНЕ, а некој отстрана ќе дофрли дека е неприфатливо што Чавков им пуштил вооружени желки на студентите од Пленумот. И јас ги делам чуденките, горчината и бесот во барањето на одговорот, кој може да биде само еден - да се демонстрира сила по секоја цена, да се знае кој е газда во Македонија.
Токму затоа, ова мое гневно писание, ќе го завршам со воведната реченица - време да престанеме да се правиме фини и академски културни. Имаме работа со лудаци, што би рекол демисионираниот министер за финансии, Ставрески. Лудаци кои сакаат да присвојат сè – од институциите на државата, до слободата на универзитетот. И затоа, во овој отсутен момент за македонската демократија, ќе го цитирам покојниот Никола Младенов и неговата позната реченица: „Ние сакаме општество на слободни луѓе, тие сакаат збирштина на безрбетници. И тука компромис - нема“.
Или ние, или тие!
Извор: Фејсбук профилот на авторката