1020 hPa
82 %

13 °C
Скопје - Вто, 25.03.2025 06:59
Од 28-30 јуни, во Паркот на франкофонијата се одржа скопскиот книжевен фестивал за мали фикции, ДРУГА ПРИКАЗНА.
На првиот фестивалски ден, беа промовирани три книги од едицијата Градот на издавачката куќа Темплум - „Свињата која чекаше да проба од сопствените чварки“ (сто мали приказни) од Бранко Тричковски; „Кога лавот го изеде сонцето“ (есеи) од Емил Алексиев; „Градот што веќе не е мој“ (песни за Скопје 2014) од Јовица Ивановски; Вечерта продолжи со раскажувачката борба „Овде паѓаат крупни зборови“, на која победи Лилјана Дирјан.
Вториот ден беа претставени писателките Драгана Младеновиќ, Теа Тулиќ, Асја Бакиќ и Терезија Мора, а беше проектиран и филм за Давид Албахари, добитникот на главната награда на фестивалот, во режија на Искра Гешоска. За жал, поради здравствени причини, Давид Албахари не можеше да допатува во Скопје, но наградата, рачно изработена од Билјана Клекачкоска, ќе ја прими во Белград. Во блокот посветен на Давид Албахари, беше промовирана и неговата концептуална книгичка „Стар сум во Скопје“. Вечерта продолжи со одличниот концерт на Телемама.
На третиот и последен ден од ДРУГА ПРИКАЗНА, беше претставен бугарскиот писател Петар Денчев, кој еден месец престојуваше на резиденција во Скопје. Вечерта продолжи со разговорот на Милан Ѓурчинов и Бобан Карапејовски на тема книжевноста и активизмот, а на истата тема потоа разговараа и Срѓан Тешин, Јасна Димитријевиќ, Роберт Алаѓозовски, Јасна Котеска и Драган Протиќ.
Вечерта заврши со краток настап на тројца учесници во Шарената револуција: Дарко Лешоски, Југослав Петровски и Луми Бекири, а разговорот со нив го водеше Ирена Цветковиќ.
Во рамки на фестивалот се одржаа и две работилници: Книжевноста како игра и Работилница за пишување пара вести, а беше и промовирано списанието за популарна наука „Елементи“, кое го претстави Слободан Бубњевиќ.
Атмосферата на фестивалот ДРУГА ПРИКАЗНA ја пренесуваме преку избор од фотографиите на Ванчо Џамбаски.
Сите фотографии на Ванчо Џамбаски од фестивалот: Прв ден; втор ден; трет ден