Бегството од зборовите е лесно (осум песни)

02.07.2016 13:42

Натпис

...зашто
бегството од зборовите е лесно
но како ќе се спасиме од она
што го премолчуваме


Либидо

На лагата здолништето ѝ е кусо
а нозете - долги
Чувствувам како бавно се дразни
голата вистина


Мувввввввввввввв-ввва

Ако постигнете брзина
17 В во секунда
ќе чуете благо ѕунење
и текстот
               полетува


* * *

Мувата е нападна мисла
која удира по черепот на собата
Ќе почекам
да се залепи во заборавеното слатко
од моите стари стихови


* * *

Под огромниот шлем
главата ми одѕвонува -
јазик на камбана.


Пчела

удира во стаклото
во витражот со вешто
насликаните лилии
одамна
не собрала ниту грам полен
ќе се убие
пчелата на уметноста


Образование севишно

Господ има поинаква граматика.
На крајот од нашите прикаски
става крвчиња место точки,
става крвчиња место потпис.
Господ, на уво ти шепнувам,
има поинаква писменост.

 

24-ти псалм

Во автобусот број 59
една старица
отворила Библија
џебно издание.
Седам зад неа.
Покажи ми ги, Господи, патиштата Твои
и научи ме да врвам по патеките Твои.

Автобус 59
на пат кон дома.

 

Превод од бугарски: Никола Маџиров
Извор: Балади и распади; Блесок, 2011.

ОкоБоли главаВицФото