Почина францускиот поет Ив Бонфоа

02.07.2016 16:01
Почина францускиот поет Ив Бонфоа

Вчера, на 1 јули, почина еден од најзначајните француски и современи светски поети, Ив Бонфоа. Бонфоа е роден на 24 јуни 1923 година во Typ, Ендр-е-Лоар. Татко му бил железничарски службеник, а мајка му наставничка. Во родниот град ја завршил познатата математичко-филозофска гимназија „Декарт“, а потоа студирал математика и филозофија во Поатје и на Сорбона во Париз. Магистрирал под меиторство на Џин Вал и три години престојувал во САД како аташе за истражување во областа на критичката методологија.

Почнувајќи од 1960 ќе биде предава како визитинг-професор на повеќе француски и странски универзитети, и тоа: во Венсен (1969-70), во Ница (1973-75), во Екс-АиПрованс (1979-81) итн., а од 1981 до 1993 година бил редовен професор по компаративни поетики на Колеж де Франс во Париз. Бил директор и уредник во книгоиздателството „Фламарион“, каде ja уредувал едицијата „Идеи и истражувања“. Таму го објавил и познатиот Речник на митологиите и религиите на традиционалните општества и на античкиот свет.

Уште со неговата поетска книга Движењето и мирувањето на Дув, со која го истажува односот на поезијата кон животот, влегува во француската и светската историја на книжевноста како еден од најзначајните поетски гласови. Творештвото на Ив Бонфоа станува едно од врвните книжевни дострели на француската поезија по Втората светска војна, а самиот тој станува најпроочуениот и највлијателниот современ француски поет. За негови учители често пати ќе ги посочува Шарл Бодлер и Артур Рембо, но и таткото на надреализмот Андре Бретон. Неговата поезија донесува едно ново рамниште на француската поезија, со херметичните многуслојни асоцијации. Тој зборува за поезијата како за најдобар израз на „времето преобликувано од моментот“ , концептуален, прогресивен свет засолнет и оживеан од моментното насетување кое го донесува зрачењето на сонцето или друг феномен од природниот свет.

Неговото обемно книжевно дело го сочинуваат поетки книги, студии, есеи, преводи. Неговата лирска библиографија ја сочинуваат и книгите: „Пустината што владееше вчера“ (1958), „Напишан камен“ (1964), „Во стапицата на прагот“ (1975) „Песни“ (1978) и бројни други дела преведени на триесетина јазици. До последниот животен миг остана активен како книжевен творец. Неодамна ги објави и последните две книги, поетската „Црвениот шал“ и есејот „Поезија или сознание“.

Тој е исто така еден од најдаровитите преведувачи од англиски и други јазици. Неговите преводи на повеќето од драмите на Шекспир се сметаат за најдобрите на француски јазик.Ги превел и Јејтс, Петрарка, Јоргос Сеферис и редица други значајни светски автори.

За своето творештво и книжевно-истражувачка дејност бил награден со бројни признанија, меѓу кои и наградата „Монтењ“ во 1978 година, a во 1993 година му беше доделена Големата национална награда за поезија. Беше уредник на ревијата „Лефемер“ (1966-1972). Добитник е и на наградите „Гонкур“ за поезија (1987), „Сино Дел Дука“ (1995), „Балзан“ (1995), наградата „Кафка“ (2007) итн. Во 1999 година е награден со „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата“. Прогласен е за почесен доктор на Американскиот универзитет, на Универзитетот Нојшател, на Универзитетот во Чикаго и во Даблин.

ВИСТИНСКОТО ИМЕ

Ќе го наречам пустина замокот што беше ти,
Ноќ ќе го наречам гласот, отсуство твоето лице,
И кога ќе паднеш во неплодната земја
Ќе го наречам ништо блесокот што те носеше.

Умирањето беше земја што ти ја сакаше. Ти идам
Но по твои патишта што вечно се темни.
Те уништувам како желба, како облик, како сеќавање,
Твој сум непријател што нема да има милост.

Ќе те наречам војна и ќе постапувам со тебе
според правото што ми го дава војната и ќе го имам
во рацете твоето лице пресвртено и темно,
таа земја осветлена од луњата во моето срце.

 

УБАВОТО ЛЕТО

Огнот ги исполнуваше и ги населуваше нашите денови,
Неговиот нож го рануваше времето при секоја посива мугра,
Ветрот се судруваше со смртта врз покривот на нашите соби,
Студот не престануваше да ги опкружува нашите срца.

Тоа беше едно убаво лето, бледо, уморно и сиво,
Ти ја сакаше благоста на летниот дожд
И ја сакаше смртта која го надвишуваше летото
Од треперливиот чардак со своите пепелави крилја.

Таа година ти речиси можеше да го распознаеш
Знакот секогаш црн што пред твоите очи го носеа
Камењата, ветровите, водите и лисјата.

Така ралото веќе ја гризеше земјата трошна
И твојата гордост ја сакаше таа нова светлина,
Тоа пијанство на стравот врз летната земја.

 

ПЧЕЛА, БОЈА

Пет часот.
Сонот е лесен, како дамки врз стаклото.
Таму долу денот од бојата ја црпи
Свежата и блескава вода на вечерта.

И тоа е како душата да станува поедноставна
Престорувајќи се сè повеќе во смирувачка светлина
Но Едното се кине во судир со темната нога,
Ти се губиш таму каде што душата пиеше од трпката смрт.

(Рогот на изобилието со црвениот плод
Во сонцето што се врти. И сиот тој ѕун
Од пчелите на валканата и блага вечност
Врз толку блиското поле што сè уште е толку топло).

Препев: Влада Урошевиќ
Извор на песните: Ив Бонфоа, Поезија, Струшки вечери на поезијата, 1999.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото