Излезе втората поетска е-книга „сеМир“

02.07.2016 16:37
Излезе втората е-книга „сеМир“ на

Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст – Струмица“ од минатата година ја реализира интерактивната програма Школа за поезија – Делегација Македонија, која е дел од Светската унија на поети.

„сеМир“ – е втората е-збирка на Школата за поезија – Делегација Македонија, којa е создаденa по иницијатива покрената од страна на глобалниот претседател на W.U.P., Силвано Бортолаци (Silvano Bortolazzi), како официјално обележување на 21 јуни, „Интернационален ден на W.U.P. за мир на планетата Земја“.

Освен оваа иницијатива, која настана како директен разговор меѓу членовите на Фејсбук групата „Школа за поезија – делегација Македонија“, во Индија и Пакистан се одржаа два поединечни настани кои поминаа одлично и беа проследени од тамошнте медиуми, но и на светско ниво.

Настанот во Индија беше организиран од страна на Џернаил С. Аананд, претседател на светскиот конгрес на WUP за Индија и Рама Кришна Перугу, интернационалниот директор на WUP, a во соработка со кореспондентот Вакати Виџајакумар Реди. Поетското читање и конференција се одржаа во средното училиште во градот Нелоре во околината Андра Прадеш.

Во Пакистан настанот го организира Мухамед Шаназар, кој е победник на WUP маратонот за мир, 2016 година. Тој за време на манифестацијата беше облечен во црно како знак на тага за сите жртви на војните во светот.

Во е-зборникот се застапени 40-на поети – членови на „Школата за поезија – делегација Македонија“. Оваа книга се однесува не само на оној микро Мир по кој сите трагаме, туку и на макро перцепцијата за Мир, онаа космичката која ќе помогне да живееме во иднина во мир не само меѓу нас, како жители на планетата Земја, туку и во хармонија со ѕвездите, сонцето, месечината и планетите кои нè опкружуваат.

Оваа е-книга е своевиден отпор, револт кон Големата слика која постепено нè гризе и ги разјадува сите (не)стабилни слоеви во општеството. Мирот е како дишењето, потребен ни е да бидеме спокојни, тој ни дава храброст, став, уникатност. Тој е простор за прифаќање на диверзитетот кој го нуди секое делче од планетата. Тој не смее да ни биде одземен. Напротив, ние кои ги имаме едни од најсилните алатки на светот (зборот и мислата), треба да сме предвесници на она ново време.