Единица за брзи глупирања!

05.07.2016 09:04
Единица за брзи глупирања!

Ме импресионира брзината на Единицата за брзо распоредување. Брзи се како сто обични единици. Понекогаш ми се чини дека се побрзи и од себе, Па, си велам, човеку, па ова е како да имаме повеќе единици за брзо распоредување! Но, само за миг, зашто веднаш потоа ми текнува дека единицата е една, но има многу брзи полицајци. Мислам, и многу на број и многу брзи во смисла на можностите за дислокации и брзи распоредувања на нови места.

Лаже впечатокот дека се тромави ко желки, такви се само во борба, додека во распоредувањето од борба во борба се брзи и затоа и така се викаат. Ги хранат исклучиво со сендвичи од специјална соја со додавки од морски алги и корен од коприва кои овозможуваат вишокот на сива маса без какви било губитоци да се трансформира во брзина.

Отидов да го бутнам Прометеј, тие направиле два кордона околу човекот, ај си реков, ќе појдам да му фрлам едно молотово коктелче на бившиот премиер, кога таму, единицата за брзо распоредување се распоредила и не пушта пиле да прелета, тргнав удолу кон седиштето на владејачката партија, како граѓанин да го искажам своето незадоволство од состојбите во државата, кога таму специјалците направиле од плоштадот на ВМРО гаража за своите хермелини и други борбени средства, тргнав кон Универзитетот „Сент Сирило енд Методиус“ да им честитам на новиот ректор и на новиот претседател на студентите, кога што да видам, помислив дека студентите прават некаков маскенбал, арно ама не, еден полицаец го крена визирот од шлемот и ми вели: ета њет маскенбал, ета Единица за брзо распоредување на ВМРО-ДПМНЕ!

Аман бе!

Имам инсајдерски информации дека утре ќе почнат да ги празнат болниците од пациентите на другите партии! И банките од штедачите кои немаат членски книшки на ВМРО-ДПМНЕ. Ништо не е посомнително од парите што во изминативе десет години некој ги заработил без да има членска книшка на ВМРО-ДПМНЕ. И на таканаречениот уставен суд ќе му помогнат да се изјасни во врска со неуставноста на Специјалното јавно обвинителство. Како Единица за брзо распоредување би можеле брзо и ефикасно да го прочистат избирачкиот список од сите што се занесуваат дека имаат право да гласаат за друга партија. А не министерот на смртта и Шекеринска да требат ко ќорци ориз. Единствена црна дамка во богатата историја на Единицата за брзо распоредување е фактот дека, еве, има веќе четири години, не ги имаат исфрлено пратениците на опозицијата од Политичкиот нотаријат на вмровскиот апашанат, по старо, Собрание на Република Македонија.

Лудачката интервенција на Универзитетот имаше две, случајни, сакам да верувам, акомпанирања: Џес Бејли најде за потребно да ја повтори фразетината дека Соединетите Американски Држави ја поддржуваат Република Македонија на патот на евроатлантските интеграции (блаблабла), а пчеличката Маја од кабинетот на господинот Хан, изјави дека нејзиниот шеф и лудиот шеф на лудаците од Македонија, разговарале за тоа како државата да се врати на патот на кој нè поддржува Џес Бејли и неговата влада и целата страшна федерација.

Павловиот инстинкт работи, ние се влажниме, сите ја чекаме Викторија да ни ја донесе слободата.

Хахаха!

Иво Вајгл, во тоа време, беше рекол дека во Брисел нема консензус околу заминувањето на Груевски. Со интонација која, всушност, кажуваше дека има таков консензус. Само што некои се плашат од преседанот кога се менува влада без избори. Квалификациите на Груевски никој не ги спори. Криминалните квалификации. Во таа смсила има консензус дека човекот треба да замине. И не само тоа, туку дека треба да замине во „Идризово“. Се разбира, ако независен суд докаже дека е виновен. Во што не се сомнева ниту Орбан, така ми се чини.

Специјалната окупација на Универзитетот ќе го забетонира тој консензус. Единицата за брзи распоредувања е единствениот инструмент што му стои на располагање на Големиот лудак. Тој мисли дека таа работи за него. Но, мислам не. Во својата суштина- не. Акциите на оваа група обезмозочени типови го разголуваат Лудакот како лудак, режимот како режим, диктатурата како диктатура, повеќе ментална и културна, отколку физичка. Тие ја прават таа толку неопходна разлика меѓу нив и луѓето кои во малку поделикатни околности можеби би отишле со нив, а светот го доведуваат во крајно непријатна ситуација. Да се прават снимки од ходници ( тоа Шилегов убаво го забележа) или да се слика Иво Вајгл на едната страна на работната маса со комплетната екипа на Груевски од другата страна, мислам, кое е тоа ниво.

„Се зборува дека Груевски му понудил на Хан 100 милиони евра за да му докаже дека вестите за корумпираноста на неговата влада се измислица на опозицијата.“

Многу интересен статус од Фејсбук ѕидот на господинот Тричковски. Се разбира, јас не верувам во тие гласини, но уште помалку верувам во тоа дека со Груевски може да се разговара за тоа како земјата да се врати на евроатлантскиот пат без да се праша, а зошто воопшто скршнувала. Кој ја скршнал? Како е можно опозицијата со нула влијание да ја скршне?! Како е можно владејачката партија во Македонија да има поголемо и поскапо седиште од зградата на Европската комисија и на германскиот Рајхстаг, заедно со се Бакингемската палата?!

Кој тука не е нормален?

Ризикува ли комесарот за проширување, преку контактите со Злосторничкото здружување од Македонија, уште едно стеснување на Унијата, мислам на моралното и цивилизациско стеснување.

Сега очекувам дека Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ќе ја бомбардира владата со пратенички прашања за окупацијата на УКИМ, за новиот универзитет кој ќе го носи името на познатиот научник Даме Груев, за тоа кога Единицата за брзи распоредувања ќе дојде да ги исфрла и кога мислат да го уфрлат предметот за СЈО во антиуставниот суд на ВМРО-ДПМНЕ и така натаму и така наваму и дали мислат и понатаму да го ангажираат Зечевиќ и неговата фирма на преторијанските работни задачи за заштита на Груевски и неговиот режим, кога мислат да продолжат да го чистат избирачкиот список, хахаха...

Зеколи беше рекол дека власта и опозицијата водат заедничка битка за истоштување на општеството, но јас мислам дека и тие не остануваат цели и тие се истоштуваат, дури мислам дека ќе умрат пред да умре општеството. Еве, да речеме, мојата прогноза вели дека на следните избори СДСМ ќе освои 4.578 гласови заедно со дијаспората од планетата Мелмак!

Извор: Слободен печат
Фотографии: Ванчо Џамбаски