Пијанорексија: кога јадете помалку за да пиете повеќе

05.07.2016 10:31
Пијанорексија: кога јадете помалку за да пиете повеќе.

Елис од Велика Британија се присетува на советот што ѝ го дала сестра ѝ пред првата година на факултетот. „Закрепнував од нарушување во исхраната и добро запаметив кога постарата сестра ми зборуваше за fresher’s stone, односно колку можеш да се здебелиш од пиењето“, напиша во мејлот.

Сестрата ѝ предложила само жестоки пијалоци со диетални оброци кои немале многу калории. Елис отишла чекор подалеку. „Пред излегување, во текот на првата година излегував речиси четирипати неделно, понекогаш и почесто, само јадев Special K или некои други житарки без млеко. Сфатив дека ќе потрошам помалку пари за пијалоци за да се опијам, а и ќе внесам помалку калории, така што тоа беше двојно добитна комбинација“, вели таа опуштено, што веројатно е единствениот начин да се присетиш на нешто глупаво – и потенцијално опасно – што си го правел во текот на студиите.

Феноменот пијанорексија или ограничување на внесувањето калории заради внесување жесток алкохол и претходно се појавуваше во вестите. Уште во 2008 година се пишуваше за ова нарушување во исхраната во „Fashion & Style“ во рубрика во New York Times, но тогаш доказите беа само анегдотални, а многумина го нарекуваа претеран мит кој ги поткопува младите. Меѓутоа, новата студија на Друштвото за истражување на алкохолот открива дека пијанорексијата е реална и многу присутна меѓу студентите кои или сакаат да ослабат, побрзо да се опијат за помалку пари, или двете. Истражувачите велат дека ова е тесно поврзано со злоупотребата на алкохолот и може да има негативни здравствени последици иако многумина кои би се квалификувале како „пијанорексични“ сметаат дека ограничувањето на внесувањето калории заради подобра забава е сосема разумно.

„Знаеме дека не само редовното опивање, туку начинот на кој го прават студентите, е потенцијален ризик за проблеми со алкохолот“, вели др. Дипали В. Ринкер, асистентка на одделението за психологија на Универзитетот во Хјустон во разговор за Broadly. „Сакав да видам како ќе се однесуваат студентите пред, за време и по пиењето“, рече таа.

По испитувањето на студентите во кампусот и преку интернет, др. Ринкер дознала дека многу студенти формираат сложени системи на компензациско однесување во врска со пиењето. „Тие помалку би јаделе за побрзо да се опијат – секако, постои разлика помеѓу пиењето на празен и полн стомак; тие ќе ја ограничат храната ако тој ден планираат да се опијат; ќе конзумираат нискокалорични пијалоци; следниот ден ќе надоместат со помалку храна или претерано вежбање. Исто така, постојат компензациски однесувања карактеристични за булимијата.“

Мелиса ги опиша овие методи од практиката. „Кога отидов во теретана, почувствував дека си дадов право таа вечер да пијам затоа што ги согорев сите калории што ги внесов“, рече во мејлот. Но, ако сакате сурови бројки (истражувањето на др. Ринкер на оваа тема сè уште не е објавено), студијата објавена во Australian Psychologist наведува дека 57,7 проценти од испитаните студентки рекле дека на некој начин го надоместувале внесувањето на алкохол.

Др. Ринкер вели дека луѓето со пијанорексијата почнуваат да пијат повеќе и имаат поголеми проблеми со алкохолот од оние кои не се впуштаат во вакво однесување. И додека оваа комбинација на нарушување во исхраната и проблеми со алкохолот очигледно е ризична, луѓето кои се впуштаат во тоа често не се свесни за истото, рече таа.

„Некој што смета дека просечниот студент пие многу има поголеми шанси и самиот да се опива“, вели др. Ринкер за проблемот со опивањето воопшто. Истото важи и за пијанорексијата. Др. Ринкер исто така додаде дека жените со историја на нарушувања во исхраната почесто се однесуваат на овој начин.

Изненадувачки е што информирањето на студентите дека нивните колеги не се опиваат редовно може да помогне во сузбивањето на злоупотребата на алкохолот. „Постои свест дека, ако сите го прават тоа, можам и јас, но тоа воопшто не е точно. Сфативме дека кога на студентите ќе им кажеме дека другите студенти пијат значително помалку од она што го зборуваат податоците, тие луѓе исто така го намалуваат своето опивање“, вели таа. „Ова би можело да биде првиот чекор во борбата со пијанорексијата меѓу студентите.“

Извор: http://www.vice.com/

Слични содржини

Психологија / Живот
Психологија / Живот
Психологија / Живот
Општество / Психологија / Наука

ОкоБоли главаВицФото