Формула за „прочистување“ на изборите

06.07.2016 04:53
Формула за „прочистување“ на изборите

Во денешно време, кога многумина (погрешно) мислат дека демократијата во најголема мерка се остварува со избори, само малкумина си припомнуваат дека избори се одржуваа и во еднопартиските системи, во тоталитаристички држави каква што беше нацистичка Германија, а постоеја и во времето на римските цезари, цели векови по укинувањето на републиката и востановувањето на класичниот цезарски робовладетелски апсолутизам.

Дали поради тоа нив, или на пример, Римската империја, можеме да ја наречеме демократска? Тешко. Но, постојат јасни историски факти, документи запишани во тврд камен и наменети за вечно паметење, што и денес сведочат дека таа сурова робовладетелска држава одгледувала каде-каде повисока демократска култура од нашава. За нас, жителите на Македоња Вечна, од кои веќе не се очекува да паметиме ништо што се случило пред 2006 (нултата година од која ќе се пресметува фашистичкиот милениум на ВМРО), сосем фантастичен е примерот на изборните правила за градскиот сенат на Италика, родниот град на императорот Адриан.

Елем, во вториот век од нашата ера, во зенитот на својата моќ, императорот решил да му се заблагодари на својот роден град што на Римското царство му го „подарил“ токму него за Цезар, и изградил цел нов град како проширување на старата римска колонија. Градителскиот акцент Адриан го удрил на јавните институции и простори, и се погрижил градот да добие статут што ќе ги регулира сите аспекти на јавниот живот, правила на играта со кои провинциската Италика ќе ги достигне највисоките цивилизациски стандарди во империјата. Статутот бил напишан на големи камени плочи во Рим, од страна на најдобрите Адрианови правници, и однесен во Италика, каде што бил изложен на јавно место на увид на целиот град. Она што е интересно за нашата приказна е еден детаљ од регулацијата на изборите за градскиот сенат, детаљ во кој е утврдено што се смета за фер изборна кампања. Имено, кандидатите за сенат во својата кампања смееле само со зборови да ги убедуваат граѓаните во своите квалитети, но стриктно им било забрането да приредуваат масовни и раскалашeни гозби за гласачите.

Во статутот пишува дека кандидатот смеел со скромен оброк да нагости најмногу 9 луѓе дневно, а сè што ќе го надмине овој стандард ќе се смета за поткуп на гласачите и ќе го дисквалификува кандидатот од изборите. Корумпирањето на граѓаните во изборни цели со пари или друг вид стоки или услуги не само што ќе го елиминирало кандидатот од изборите, туку и ќе го ставело под кривичен прогон од страна на императорската правда. Оваа, ќе речете, ситничарска норма, непогрешливо укажува дека пред две илјади години, на старите Римјани им била кристално јасна самата суштина на изборниот натпревар. Ако не се обезбедат еднакви правила за сите учесници, ако не постојат цврсти норми за дисквалификување на сите што вршат поткуп на гласачите, или уште пострашно, нивно застрашување, уценување, водење на избори влечени за уши и рогови или клиентелистичко врзување – стандардните практики на ВМРО-Фашистичка – ако не постојат, значи, институционални услови овие правила да бидат почитувани од сите, тогаш - според римската демократска култура - не постои ниту натпреварот, значи, не постојат ниту изборите.

Демократските принципи и основните правила на изборниот натпревар што биле враснати во градската култура на старите Римјани, кои, инаку, не останале запаметени по својата демократија, денес, во црната тиња на македонската „политичка криза“, за Македонците се потполно недостижни, непостоечки, незамисливи и неверојатни. Груевски и неговата ВМРО-Фашистичка ги изопачија изборните практики, претворајќи ги во нивна спротивност – во насилство, корупција, криминал, манипулација и масовно силување на населението, и озгора, ваквите первертирани избори ги стандардизираа како нормални. А, секоја од овие практики, всушност, секој поединечен случај на злоупотреба на државни ресурси за остварување на изборен фалсификат – какви што ВМРО-Фашистичка направи милијарда за оваа црна деценија - би морало оваа злосторничка партија да ја дисквалификува не само од организирање на избори, или од учество на избори, туку од политиката воопшто! Секој милион евра од стотината што Груевски ги украде од буџетот на РМ за да ги корумпира приватните медиуми и формациски да ги претвори во пропаганден апарат на неговата фашистичка парадржава, е доволен за дисквалификација и на Груевски и неговата партиска мафија од политиката, и на приватните медиуми од јавноста!

Но, наместо бришење на ВМРО-Фашистичка од регистарот на партии и одземање на фреквенциите на фашистичкиот пропаганден апаратус, ние истакнуваме барања и апелираме на добрата волја (и меката душа македонска) на внатрешниот окупатор, да биде љубезен, да стори гајрет, макар за атер на меѓународната заедница, и да прочисти нешто малку од избирачкиот список, а ако му „тргне“ со лесно, да договори троа правила и за медиумите. Офлелемајко.

Кога ќе разбереме дека избирачкиот список е интересен само како материјален доказ или корпус деликти за злоупотреба на државните органи за фалсификување на изборите? И, дека со неговото „прочистување“ не само што нема да се смени фактот дека тој бил фалсификуван од Внатрешниот Фашистички Окупатор, туку и ќе се придонесе за дефокусација на вниманието на измамениот народ од најважната работа за опстанокот на нацијата (и државата), а тоа е казнување на криминалците што ги фалсификуваа и списокот и изборите! Зарем не ни е јасно дека истиот неажуриран и фалсификуван избирачки список, во замислени услови на слобода, демократија и владеење на правото, самиот по себе нема да произведува криминални последици како што тоа го правеше во последните десет години? Во замислените услови на владеење на правото и фер политичкиот натпревар, избирачкиот список може да содржи и 20 милиони гласачи (на едвај двата милиони Македонци), а сепак изборниот резултат да не биде фалсификуван? Зарем тоа не е очигледно? Изборите не ги лажира лажниот избирачки список, туку криминалниот режим што ја окупирал македонската држава! Поради тоа, „прочистувањето“ на избирачкиот список никогаш нема да го „прочисти“ и избирачкиот процес, зашто последниов може да се „исчисти“ единствено ако од него се отстрани неговиот вистински загадувач – криминалната партија што го фалсификуваше избирачкиот список и што го лажираше целиот избирачки процес!!!

Ист е случајот и со „регулирањето на медиумите“. Новиот договор за медиумите – во каква и да е форма – како закон или меѓупартиски договор, нема ништо да смени во однесувањето на фашистичкиот пропаганден апарат, зашто тие и досега, сосем ефикасно, без каква и да е душевна пречка, ги кршеа сите важечки уставни, законски и морални норми, па, зошто, по ѓаволите, не би го кршеле и новиот договор? И за медиумите важи истиот принцип како и за избирачкиот список: нивната злоупотреба за фашистичка пропаганда и нивното финансирање со јавни народни пари, не ја врши законот за медиуми или уставот, туку конкретните криминални медиуми и нивните „раководители“ од ВМРО-Фашистичка. Тие треба да се „регулираат“, а не законот за медиуми. Така што, единствената успешна метода за решавањето на македонската „политичка криза“ ја испробал уште императорот Адриан: тој се одлучил да ги дефинира правилата за фер избори и да ги дисквалификува и кривично да ги гони тие што ги корумпирале гласачите и ги лажирале изборите. За жал, оваа едноставна формула на владеењето на правото е сè уште неупотреблива кај нас. Како што повеќе пати повторив: не за долго.

Извор: Слободен печат
Слики: ШкАрт