Која диктаторска влада не би посакала Закон за кампањи над 100.000 евра?

06.07.2016 04:42
Која диктаторска влада не би посакала Закон за кампањи над 100.000 евра?

Вицепремиерот Никола Тодоров е потписник на новиот предлог-закон за информативни и рекламни кампањи на јавните институции, кој е веќе претставуван од Марта Арсовска-Томовска, министерка за информатичко општество и администрација.

Законот го регулира јавното информирање од страна на јавните институции во целосна или доминантна државна сопственост, постапката за реализација и начинот на распределба на буџетoт за кампањи за чија реализација се предвидени над 100.000 евра! Истиот закон не се применува за кампањи на јавните институции на странските медиуми!

Во законот кампањите се предвидуваат како исклучок: „заради заштита и унапредување на јавното информирање поврзано со јавниот интерес, јавните институции реализираат кампањи кои треба да бидат оправдани, презентирани на соодветен начин, објективни и политички неутрални“.

Законот предвидува кампањи над 100.000 евра да можат да се реализираат дури и за „информирање на јавноста за поважни настани од културно, историско, научно и друго општествено значење на Република Македонија“. Исто така, законот дава можност за кампањи над 100.000 евра и за „промовирање на каква било економска активност или сектор на економијата на Република Македонија или плановите на Владата за поддршка на економската активност или сектор“.

Предлог законот наложува најголем дел од парите за јавната кампања да се потрошат на телевизиите: „Најмалку 75% од буџетот за закуп на медиуми, маркетинг агенцијата го распределува за закуп на телевизиите и радијата на државно, регионално и локално ниво…“

Во објавените материјали на Собранието на Република Македонија нема никакво образложение зошто воопшто има потреба од донесување закон за јавни кампањи над 100.000 евра, ниту пак има објаснување зошто кампањите до 100.000 евра се изземени од законот, како и кампањите на странските медиуми.

Дури и да се донесе ваков закон кој ќе ги уредува државните јавни кампањи над 100.000 евра, со истиот нема да биде адресирана препораката од извештајот на Прибе дека треба да се воведат построги правила за владино рекламирање.

Ваквиот закон воопшто не воведува никакви строги правила за владино рекламирање над 100.000 евра, а не воведува никакви правила за владино рекламирање до 100.000 евра и за рекламирање во странски медиуми.

Ваквиот закон, доколку се донесе, ќе ѝ овозможи на владата да продолжи со селективното финансирање на медиумите врз основа на „партиска подобност“, односно, да ја задржи контролата врз медиумите поради нејзината доминација на пазарот за реклами.

Во извештајот на Прибе експлицитно се укажува дека е неприфатливо да се „купува“ политичка поддршка од медиумите преку финансиско поддржување на медиумите.

Со предложениот Закон за јавни кампањи над 100.000 евра се легализира купувањето политичка поддршка на големо, а купувањето политичка поддршка со реклами под 100.000 евра си останува законски нерегулирано.

Која диктаторска влада не би посакала ваков закон?

Извор: Слободна Македонија
Слика: Александар Јосифовски