Смееш да се шегуваш со сите, само не со Мухамед

19.05.2010 11:23
карикатуристите во исламските земји

Како реагираше исламскиот свет на скандинавските карикатури на пророкот Мухамед им е познато на речиси сите. Но како живеат карикатуристите во исламските земји? Добро, но само додека не ја засегаат верата.

Би можело да се помисли, со оглед на тоа како исламскиот свет реагираше на карикатурите на пророкот Мухамед кои пред една година беа објавени од страна на данскиот печат, дека овој вид ликовно изразување не е популаерн во земјите во кои исламот е преовладувачка вера. Но не е така. Во многу арапски регионални и надрегионални дневни весници секојдневно излегуваат карикатури. Дури и медиумот на подвижните слики, телевизијата, го користи овој израз за да ги развесели гледачите. Темите со кои се занимаваат ликовните сатиричари се многубројни: политика, глобално затоплување, социјални проблеми. Но една тема сепак е изоставена – религијата.

Богата традиција

Со религијата не си „играат“ ни карикатуристите од традиционално либералните исламски земји како Либан. Ставро Јабрас, 63-годишен карикатурист од Бејрут, со задоволство се занимава со актуелните политички теми.

„Карикатурите мораат да бидат актуелни. Ете, токму вчера се занимавав со штрајкот на пилотите од Middle East Airlines и посетата на американската делегација на сириско-либанската граница, но исто така знам и да посегнам за безвременските теми како гладта во светот или човековите права“, вели Јабрас кој работи за највлијателниот либански дневен весник.

Тој спаѓа во т.н. елитата на арапските карикатуристи и е познат вон границите на својата татковина. Себе си се гледа како уметник кој со четката и перото ги коментира секојдневните настани. Тој не е осамен во својот културен круг. Карикатурата, што е помалку познато, во арапскиот свет ужива голем углед и може да се гордее со богатата традиција. На почетокот на 19-от век во културните престолнини Каиро, Алеп или Дамаск почнуваат редовно да се објавуваат карикатури. Темата на цртаната сатира бил животот на моќните политичари, но на забот на критиката се наоѓала и религијата.

Жан Макалани, уште една легенда на карикатурата од арапското говорно подрачје, добро се сеќава на времињата кога преку карикатурата смеел да се критикува и исламот.

„Пред пучот на Насер во 1952 г. карикатурата цветаше во Египет. Имаше преку 50 цртачи. Тогаш започнаа угнетувањата и слободите постепено се ограничуваа. Но претходно и јавноста беше многу потолерантна. Можевте да нацртате два ангела кои се расправаат околу цената на телефонските разговори, и никому не му пречеше тоа“, се присетува Макалани.

Здрава самоцензура

Денес таквото играње со верските елементи е незамисливо, исламот во многу арапски земји едноставно игра преголема улога во јавниот живот, а таквите карикатури би наишле на студен примем. Ама не е само религијата табу, туку во многу исламски земји табу е и владејачката авторитарна каста. Секој лошо би поминал ако низ карикатурата би го критикувал политичкиот врв во земји како Мароко, Саудиска Арабија или Египет. Не е само опасно да се критикуваат домашните поглавари. Авторите на карикатурите за водачот на „исламската револуција“ во Иран, Али Хомеини, кои беа објавени во бахреинскиот весник „Ал Ајам“, едвај извлекоа живи глави откако шиитските верници во Бахреин ги „прашаа за здравјето“.

Во рамките на арапскиот свет Либан сè уште е најбезбедното место за некој карикатурист, смета Макалани. Услов е доброто познавање на локалните прилики.

„Најдобро е првин да се опипа пулсот на јавноста и да се потпреш да здравиот народен хумор“, вели тој.

Понекогаш и самиот доаѓа во судир со „жртвите“ на своите карикатури, како во случајот со актуелниот либански претседател Еде кој се пожалил дека во неговите дела излегува „грд“, но сепак, тоа се исклучоци.

И на карикатуристот Јабрас истакнатите личности од јавниот живот му служат за секојдневна инспирација. Иако во таа група спаѓаат и верските поглавари, религијата и понатаму останува табу. И во тоа се состои, според него, разликата меѓу карикатуристите од исламскиот и западните свет.

„Кај одредени работи ја употребувам самоцензурата. Религијата спаѓа во нив, без разлика дали се работи за христијанството или исламот. Не сакам да си имам работа со нив бидејќи морам да имам на ум каде живеам. Овде живеат припадници на 18 различни вероисповести кои се составен дел од политичкиот живот и нема потреба јас да додавам масло на огнот. Бидејќи како карикатурист, едноставно, немам стилски средства да и’ пристапам посуптилно на некоја тема, зашто карикатурата е директна, ’удира веднаш во главата’“, заклучува Јабрас.

Извор: deutsche welle

ОкоБоли главаВицФото