Верижен генератор (13)

06.07.2016 13:30
Верижен генератор (13)

Богомил Ѓузел

ОРЕЛОТ НА ПРОМЕТЕЈ

Кавказ и за мене е кафез.
Иако не сум прикован за карпана
јас морам по цел ден да му го колвам џигерот
па ноќе, јасно, сум сосема папсан.

Дур нему џигерот му се обновува и расте
јас сонувам за бескрајните пространства
што некогаш ги летав слободен
пред боговите да ми ја дадат гаднава работа.

А тие ни сами веќе не знаат што сакаат.
Ми велат – колви го, но не премногу за да не пцојса;
нека го боли, но понекогаш и заскокоткај го
за да ждригне она што мисли…

Но јас не го разбирам ни она што го збори!
– Како тоа, кога си му утробата,
кога знаеш што јаде и што пие?
Научи му го јазикот на клетките!

Хм, божем богови, а ништо не разбираат.
Дур јас го колвам, без ништо да му можам,
глувци и стаорци им ги јадат дур и жртвите
што луѓето уште им ги пренесуваат

а не пак летнината и зимнината.
Јас, пак, сум толку наколкан што не можам да летам
(а да јадам џигер замразив за довек!)
Тие, кутрите, мислат – Прометеј е само џигерот.


 

Николина Андова Шопова

Митот за Прометеј веројатно има стотици илјади интерпретации во историјата на книжевноста, од славната трагедија на Есхил, па сè до денес. Во рамките на македонската книжевност (и поезија), песнава на Богомил Ѓузел е едно од највпечатливите книжевни дела базирани на мит. Иако со директно пласирани пораки и поенти, со исповеден тон, поплаката со прости зборови на лирскиот субјект ја доведува песната до ниво на трогателност. На прв поглед, таа повикува на емпатија со орелот-џелат, кој, ете, „мора“ да ја извршува омразената задачата доделена од боговите. Прашањето за односот на поединецот со боговите/власта/авторитетот е вечно. Но, се чини дека во моментов се наоѓаме во миг кога е поактуелно од кога било. Дали орлите-џелати навистина мораат или „мораат“ да ја извршуваат гнасната работа? Направиле ли нешто за да си ги вратат пространствата по кои некогаш летале? Заслужуваат ли разбирање и сочувство или осуда и презир од оние чијшто џигер го колваат? Ѓузел во својата песна не нуди одговор, туку осветлува едно мрачно ќоше на темава. Впрочем, уметниците не се задолжени за давање одговори и нудење спасоносни рецепти. Заради сето ова, во оваа пригода ја одбирам песната „Орелот на Прометеј“. И заради оптимистичкиот тон во последниот стих: Прометеј не е само џигерот, а „боговите“ наскоро ќе го дознаат тоа!

ОкоБоли главаВицФото