Бранимир Штулиќ – Легенда во самопрогон! (1)

07.07.2016 10:26
Бранимир Штулиќ – Легенда во самопрогон! (1)

Најголемиот мистичар на рок сцената

Контроверзниот автор и еден од најголемите мистичари на рок сцената, Бранимир Џони Штулиќ, е роден на 11 април 1953 година во Скопје. Татко му бил воено лице, така што преселбите биле неизбежна придружна појава на професијата. Клучните години во растењето и афирмацијата ги поминал во Загреб, каде студирал на Филозофскиот факултет. На почетокот од кариерата често настапувал сам, со акустична гитара и тоа претежно на забави каде изведувал свои, но и туѓи песни од разни жанрови. Во тоа време напишал голем дел од песните кои подоцна ќе се најдат на раните албуми од Azra.

Првата група која ја основал се викала Balkan Sevdah Bend. Ја сочинувале долгокоси момци со акустични гитари и една пејачка. Свиреле сè, од песните на Џони, преку севдалинки, народњаци, до Битлси. Со текот на времето, бендот повеќе се насочил кон рокот, и низ него поминале многу музичари.

Во јануари 1977 година, Џони одлучил да го смени името на групата во Azra. Името е избрано според песната на Хајнрих Хајне, а Azra значи девица. Промените во групата биле чести и под новото име така што сезоната 1977-78 година настапува со Јура Стублиќ, Јури Новоселиќ, Марина Пелајиќ и Младен Јурчиќ. Јура и Џони, како две силни авторски личности, не можеле долго да издржат под ист покрив, па целата екипа се одвојува од Џони и го формира составот Film. Во тоа време Џони станува член на Parni Valjak, но ни таа комбинација не траела долго, само две недели. Резултатите од дружењето останале незабележани на албумите на Parni Valjak затоа што Хусеин Хасанефендиќ Хус, лидерот на групата, имал навика да ги обработува песните на Џони. Така и се создале верзиите „Jablan“ и „Kad Miki kaze da se boji“.

Враќајќи се на идејата на Azra, Џони за постојан соработник го прифаќа тапанарот Борис Лајнер кој во тоа време свирел со групата Haustor. Долго барале адекватен басист, така што за првото интервју се фотографирале со пес. Веројатно за да изгледаат како трио. Двајцата го снимиле првиот сингл со песните „Balkan“ и „A sta da radim“. Во студиото им помогнале Златко Микшиќ Фума, басистот на Parni Valjak, пратечките вокали ги пеел Младен Јурчиќ, гитаристот на Film, Хусеин Хасанефендиќ свирел гитара и ја одработил продукцијата, а електрична виолина свирел извесен Реља. Деби синглот ги повлекол првите позитивни критики. Песната „Balkan“ која Џони ја напишал по враќањето од војска, 1974 година, во себе ги носи главните сублимирани одредници на неговиот авторски сензибилитет. Оригиналниот текст од песната влечел кон севдахот, но Џони под влијание на панкот и новиот бран, го изменил. На тие промени многу влијаел првиот настап на Pankrti во Загреб. На Azra наскоро ѝ се придружил басистот Мишо Хрњак. Триото кое ги снимило клучните плочи на Azra било формирано. Џони продолжил со својата идеја за партизански пробив, така што групата во текот на летото свирела на плоштадите на морето калејќи се во директните контакти со случајната или намерната публика.

Деби албумот го снимаат пролетта 1980 година, а за продуцент бил избран Драго Млинарец затоа што Хус бил зафатен. Во продуцентска смисла резултатот бил слаб затоа што не им се совпаѓале сензибилитетите. Сепак, тоа не им наштетило многу на песните, па таа плоча се смета за едно од најмоќните деби изданија во ЈУ рокот. Во дванаесетте нумери Џони демонстрира гласни гитари, влијание на белиот реге звук (како The Police во тоа време), извикувачко, речиси болно пеење и текстови со теми кои дотогашната сцена не ги познавала. Сепак, соодветно на времето, Џони избегнал да сними песни до помоќни политички теми, оставајќи ги за следниот албум. На деби албумот се нашле многу љубовни песни и целата плоча ѝ е посветена на девојката Грација, за која ја напишал и впечатливата, речиси нервозна балада „Gracija“. Кога деби албумот стигнал во продавниците, публиката веќе добро ги знаела сите песни, така што групата одлично поминувала на концертите.

Добриот прием на првиот албум на Azra ѝ ги отворил вратите на Југотон и Џони почнал со прекројување и дополнување на песните кои ги напишал претходно, а со голема брзина правел и нови. Во тоа време Џони веќе го изразил својот нагласен индивидуализам, така што одбил да свири на претставувањето на загребските групи во Домот на младите, организирани во пакет со назив „Поздрав од Загреб“ во јануари 1981 година. Неколку недели подоцна го посетиле Белград и за три дена со пет концерти триумфирале во СКЦ.

Следниот потег бил синглот со песната „Ljepe zene prolaze kroz grad“ делумно испеана во сленг. Продуцент на плочата бил Хус, ја отсвирел и соло гитарата во манирот на британската блуз сцена. На страната Б се нашол инструменталот „Suzy F.“ за која Џони имал три верзии од текстот, но биле отфрлени затоа што звучело како да пее Ацо Стојковиќ на летна градина 1938 година со вратоврска пеперутка“ (цитат од Џони).

Воедно, синглот бил најава за двојниот албум „Suncana strana ulice“. Продуцент бил самиот Џони, нешто што подоцна редовно ќе го прави. Меѓу 24-те песни вметнал и некои од најраниот период. Плочата ја отвора вињетата „041“ како вовед во приказните кои следат. Во љубовните песни „Ne reci mi dvaput“, „Izmedju nas“, „Gospodar samoce“, „Suncana strana ulice“, Џони е нежен, музички се потпира на акустиката и новововедените дувачки инструменти. Спротивно на тоа, политичките песни речиси неконтролирано бликаат. Од горчеливата „Uzas je moja furka“, преку тогаш актуелните „Poljska u mom srcu“, „Kurvini sinovi“, „Uvijek ista prica“, Џони прозборел за темите за кои се воздржувал да пее на деби изданието. Југотон единствено инсистирал до текстот за песната „Kurvini sinovi“ да се допише дека е упатена кон „империјализмот и хегемонијата“, па што и да значело тоа. На плочата првпат се нашол еден текст кој не бил на Џони. Станува збор за „Pit, i to je Amerika“ која ја напишал Миле Рупчиќ за истоимената монодрама. Една од најмоќните песни е „Odlazak u noc“ каде во вообичаената кабаста вербална форма Џони ја опишал својата урбана параноја. Работејќи на албумот, тројката се хомогенизирала, а поголема пејачка улога добиле и другите членови. Мишо Хрњак ја отпеал „Kad Miki kaze da se boji“, а Лајнер бил поддршка во пратечките вокали. На сминањето гостувале: Мирослав Седак Бенчиќ, саксофон, Фрањо Влаховиќ, труба и тромбон, Никола Шантро, тромбон и Младен Јурчиќ, усна хармоника.

По турнејата низ Југославија, која траела во текот на летото и есента, Azra во загребскиот клуб Кулушиќ, октомври 1981 година, одржала седум концерти кои биле снимени за тројниот албум во живот „Ravno do dna“. Тие вечери дефинитивно го потврдиле статусот на предводници. На тие повеќечасовни настапи Џони речиси и да не ѝ се обраќал на публиката. Повремено во жарот на свирењето ги шутирал засилувачите и тврдоглаво одбивал да излезе на бис. Снимката од концертот одржан на 21 октомври е објавена на албумот во живо во март следната година. Остварувајќи ја желбата повторно да сними некои стари песни за кои сметал дека биле уништени во студио, програмата ја темелел на тој материјал. Сепак, претставени се и нови песни: „Rodjen da budem sonjo“, „Nedeljni komentar“, (со упатство дека им е посветена на локалните богови), „Prokleto ljut“ и други. Пред излегувањето на плочата, Azra одржала седум распродадени концерти во белградскиот СКЦ. Тогаш веќе излегувал на бис. Една вечер им се придружил Влатко Стефановски во песните „Balkan“, „Ljepe zene prolaze kroz grad“ и „Оbrati paznju na poslednju stvar“. Публиката ги повикувала повторно, па на бината излегле сите членови од групата Леб и сол со Џони и ја оствиреле „Slow Down“ од Клептон. На плочата снимена во живо Azra репрезентативно е претставена и едноставно неверојатно делува дека еден месец пред белградските настапи биле на раб на распад. Имено, пред концертот во Љубљана дошло до расправија, па на бината Џони ги искршил гитарата и засилувачот. Конфликтот брзо бил надминат и тие продолжиле понатаму.

Следниот, двоен албум „Filigranski plocnici“ излегол веќе во јуни истата година. На него политичките коментари се уште подиректни. „Tko to tamo peva“ е упатена до другарот Тито, „68“ на пропаднатите револуционери, „Pavel“ на романтичните револуционери, „Gorki okus“ на политички прогонетите, поточно била создадена по повод забраната на збирката песни „Vunena vremena“ и хајката на авторот Гојко Џог. Плочата ги содржи и љубовните песни „Volim te kad pricas“, „Kao ti i ja“, „Ne prodajem nasmijesenog psa“ во која пее Лајнер. Таа фаза ја заокружува синглот „E pa sto“, по кој групата тргнува по надолна линија.

Веќе во јануари 1983 година Џони во Франкфурт ја снима плочата „Kad fazani lete“ и тоа сам со Лајнер, затоа што Хрњак ја напуштил групата но и музиката, посветувајќи се на религиозна секта. Веќе зрел како автор, Џони граби по расчистена патека што е најпрегледно во песните „Anđeli“, „Plavi golub“, „Nemir i strast“, Štićenik“.

Слична е и следната плоча „Krivo srastanje“ создадена со Лајнер една година подоцна, исто така во Франкфурт. Освен неговите песни тука е и обработката на старата народна „ Klinček stoji pod oblokom“. По таа плоча, Лајнер поретко работи со Џони. Паралелно свирејќи со бројни загребски состави, Лајнер, басистот Срѓан Жље***чиќ (еx Haustor) и гитаристот Младен Јурчиќ (ex Film) ја формираат групата Vještice.

По плочата „Krivo srastanje“, Џони се преселил во Холандија каде го снмимил тројниот албум „It Ain’t Like In The Movies At All“ на кој се наоѓаат нови, но и многу стари песни препеани на англиски.

Следната плоча „Između krajnosti“ ја работи во Загреб со Лајнер, Јура Паџен (ex Grupa 220, Parni Valjak, Aerodrom) и басистот Стивен Кип кој со него дошол од Холандија. И на оваа плоча има многу обработки, претежно стари народни песни, а како најуспешни се издвојуваат „Adio Mare“ на Влахо Паљетак и „Zadovoljština“ според мотивите од „I Can Get No Satisfaction“ од The Rolling Stones.

Во текот на 1987 година истата екипа на турнеја го снимила четирикратниот албум „Zadovoljština“ кој се појавил во богата опрема. На буклетот со текстови од сите педесет песни, додадена е и книгата „Anonymous eprigrams“ со поетските дела на Џони. Покрај старите песни на албумот се наоѓаат серија нови, но тоа се претежно обработки од странски автори.

Следниот албум е солистички, двојниот „Balkanska rapsodija“ и Џони го снима во Загреб 1988 година со продуцентска помош на Австралиецот Теодор Јани. Плочата е составена според истиот принцип како и претходната. Штулиќ малку пее на англиски, малку се доближува до македонскиот фолклор, но и домашната поп историја. Така, ја обработил песната „Traži mene“ од составот S vremena na vreme. Во тоа време, на концертите како техничар доаѓал Срѓан Сахер, па на плочата се нашле две песни кои ги потпишале тој и Штулиќ. Песната „Ti znaš da putujem s tim“, подоцна, под називот „Prečesto“ се појавила на албумот на Vještica “Bez tišine!” (Plavi pilot 1991.).

Плочата „Balegari ne vjeruju sreći“ Џони ја снимил во почетокот на 1990 година со бендот Sevdah Shuttle кој го сочинувале Јура Паџен, Томислав Шојат и Бранко Кнежевиќ. Од неа се издвојуваат обработките „Lilly of the West“ од репертоарот на Бод Дилан која во препевот на Џони го добила насловот „Usne vrele višnje“, како и „Leute moj“ од Томе Бебиќ. Штулиќ е ефектен и во своите песни „Voljela me nije nijedna“ и „Meni se dušo od tebe ne rastaje“. По концертот на Хвар на 15 август 1990 година, групата престанува да постои.

Во текот на следната година Штулиќ во Сараево и Холандија ја снима плочата „Sevdah za Paulu Horvat“, но материјалот се појавува на ЦД дури 1995 година. Во сиромашната продукција, на ниво на демо снимка, покрај традиционалната „Јовано Јованке“, „Dimitrije sine Mitre“ се наоѓаат „Otac mog oca“ со текст од Милован Витезовиќ, „Priča o kralju“ со текст од Љубивој Ршумовиќ, „Partizan“ од репертоарот на Леонард Коен и други.

Поголемиот дел од 1991 година, Штулиќ го поминал во Белград, а потоа се вратил во Холандија. Есента 1995 година, повторно бил во Белград неколку месеци. На Саемот на книгата го промовира својот превод на книгата „Božanska Ilijada“, прави конечен микс на некои од песните кои излегуваат на двојниот диск „Anali“, а издавачката куќа Комуна постапно ги објавува неговите плочи на дискови. На дискот „Balegari ne vjeruju sreći“ кој е објавен 1996 година како бонус се нашле обработката на „Moj galebe“ од А. Рујниќ од репертоарот на Оливер Драгојевиќ и „Mokre ulice“ кои Џони ги компонирал заедно со Дејан Цукиќ. На снимањето на тие песни, покрај Штулиќ и Цукиќ, учествувале Драган Митриќ, клавијатури, Марија Михајловиќ, вокал и Енес Мавриќ, хармоника.

Во текот на деведесеттите и Кроација рекордс објави поголем дел од плочите на Azra како реизданија на цд. Песните на Штулиќ се претставени во книгите „Filigranski pločnici“ (Azra music 1982) и „Big Bang“ (самостојно издание 1985) во кое се сите текстови од песните од 1979 до 1984 година, како и шест претходно необјавени. Во Антологијата на рок поезијата „Pesme bratstva i detinjstva“ (Nova 1993), Штулиќ е застапен со дваесет и една песна. Спотовите и концертите на групата се објавени на видео касети: „Zadovoljština“, снимка од концертот во загребскиот Дом на спортовите од 1987 година и „Klinček stoji pod oblokom“ (Jugoton 1990).

Кон вториот дел.

Извор:https://radiogornjigrad.wordpress.com

Слични содржини

Балкан / Култура / Музика
Балкан / Култура / Музика
Балкан / Култура / Музика
Европа / Балкан / Култура / Музика
Балкан / Музика

ОкоБоли главаВицФото