Верување во праведен свет

07.07.2016 12:10
Верување во подобар свет

Достапноста на интернетот и можноста за коментирање на информативните сајтови, направија секој кој ја чита веста да може пред виртуелната јавност да ги изнесе сопствените впечатоци и мислења во врска со настаните. Така, коментарите на вестите станаа вистинска ризница со граѓа за феномените кои ги проучува социјалната психологија.

Ако прочитаме вест за сообраќајна несреќа, речиси е сигурно дека ќе се појави мислење дека самиот возач е виновен за сопствената повреда или смрт, бидејќи возел под дејство на алкохол или над дозволените ограничувања за брзина. Не е невозможно да се слушне или прочита дека и сопатниците се делумно одговорни, бидејќи требало да проценат дали е безбедно да се возат со таа личност.

Вториот модел е речиси вообичаен доколку станува збор за жена која преживеала силување или физичко насилство, особено ако била во блиски односи со сторителот: се претпоставува дека можела да ја препознае оваа особина кај него и да реагира на време, или најверојатно направила нешто што довело до тој чин. Ако пак се зборува за некој кој е болен од тешка хронична болест, луѓето често ќе се прашуваат како се храни таа личност, дали вежба и дали е пушач.

Верување во праведен свет

Припишувањето одговорност на одредена личност за доживеаната несреќа доаѓа од механизмот кој социјалните психолози го нарекуваат „верување во праведен свет.“ Ова верување се базира на претпоставката дека животот е уреден на логичен начин, и дека на еден немил настан секогаш може да му се најде „причина“.

Со идентификување на причините, луѓето имаат чувство дека таквите настани на некој начин ги држат под контрола: ако претходно не направат нешто од однесувањата кои се поврзуваат со несреќниот исход, тие веруваат дека истиот нема ни да им се случи. При овој пред сè одбранбен маневар, се изоставаат низа ситуации во кои „причината“ и „последицата“ не се поврзани, односно оние настани кои не можат да се објаснат со тоа дека „некој го заслужил тоа што му се случило“.

Одбрамбеноста во однос на ваквите грешки во расудувањето се однесува на надминување на стравот од неизвесноста и непредвидливоста на животните ситуации. Ако пристапиме со верувањето дека нешто може да се предвиди, стравот и неизвесноста се намалуваат. Но, кога ќе добијат информации кои не се вклопуваат во ова верување, ирационалните механизми како што се негирање или редефинирање, влијаат на тоа и тие информации некако да се вклопат, а да не го нарушт верувањето дека постои некаков иманентен животен поредок.

Денес, за еден вид од овие перцепции се користи називот „откривање на жртвата“. Понекогаш таквиот став на многумина може да им делува сосема необјасниво, бидејќи го има и го искажува некој кој лесно може да се идентификува со жртвата. Нештата стануваат појасни кога ќе се согледаат по пат на објаснувањето дека умот тоа го прави за да се одбрани од стравот и непријатноста кои упатуваат на тоа дека несреќата или насилството би можеле да ѝ се случат на таа личност.

На оваа тема се направени многу истражувања почнувајќи од седумдесеттите години на минатиот век. За подобро разбирање на овој феномен, проверувани се и многу корелации, односно сето она што е поврзано со тоа дека некој е склон на вакво објаснување на настаните. Верувањето во повисока правда е заедничко за многу култури, а се пронаоѓа и во народните изреки. Може да се препознае во изреката „Што ќе посееш, тоа и ќе ожнееш“, или изреката „го доби она што го бараше“.

И покрај тоа што вербата во праведен свет е заедничка карактеристика за многу култури, постојат некои правилности: значително се почести во општествата во кои постојат големи економски и статусни разлики. На пример, во истражувањето во неколку земји кое го изведе Фурнам во 1993 година, највисоките резултати се добиени во Јужна Африка и Индија, а најниските во Велика Британија и Израел.

Истражувањата покажаа дека припадниците на високите класи во овие општества, во поголема мера се склони сиромашните да ги сметаат за одговорни за својата финансиска ситуација. Давајќи им квалитети на мрзеливост, неиницијативност или неснаодливост на личностите со низок економски статус, тие на извесно ниво ги надминуваат тажните екстремни разлики меѓу нив. Од друга страна, луѓето од пониските економски слоеви, врз основа на животното искуство, во поголема мера ја забележуваат непредвидливоста на животните ситуации и фактот дека постојат голем број фактори на кои не можеме да влијаеме.

Предрасуди

Од друга страна, истражувањата покажуваат дека културолошките разлики можат да се најдат и меѓу жителите на иста земја (САД), доколку тие се од различни потекла: испитаниците од Азија покажале помалку склоност кон вербата во праведен свет, од оние кои не се од азиско потекло. Ваквото откритие се објаснува со тоа дека колективистичките култури имаат повеќе разбирање за ситуационите фактори, па со тоа и во помала мера припишуваат индивидуална одговорност за настаните.

Некои автори ги поврзувале особините на личности со склоност кон ова верување: тие поставиле теза дека луѓето кои имаат десничарски ставови и авторитарна структура на личноста, своето доживување на светот како полн со закани, го ублажуваат со цврстото верување дека жртвите на несреќи самите се одговорни за преживеаните настани. Покрај тоа, пронајдени се позитивни корелации со религиозноста. Ваквите резултати укажуваат на тоа дека верувањето во праведен свет може да се комбинира со други ставови или предрасуди, и со нив да биде зајакнато.

Една од темите во кои овој начин на размислување е посебно истакнат се заразните болести, особено сидата. Лица заболени од СИДА или инфицирани со ХИВ постојано се соочуваат со предрасуди и дискриминаторско однесување на заедницата, каде што се одржува верувањето дека тие се одговорни, па дури и виновни за својата болест. Неретко со тоа се појавуваат предрасуди кон сексуалната ориентација или зависноста.

Дека предрасудите и верувањето во праведноста на светот одат рака под рака, се покажа и во реакциите на големите природни катастрофи како што беше цунамито во 2004 година кое зафати неколку азиски земји, како и големиот земјотрес во Хаити во 2010 година. Овие настани често беа проследени со коментари дека жителите требало подобро да ги обезбедат своите куќи, бидејќи живеат на ризично тло.

Правени се и споредби со Јапонија, каде што земјотресите се помалку разорни поради квалитетно проектираните згради. Со ваквата перцепција, се занемаруваат низа фактори како што се, на пример, степенот на развиеност на земјата, додека вчитувањето на одговорноста е изразено и веројатно засилено со етничките и расни стереотипи.

На крајот, теоретичарите се согласуваат со тоа дека верувањето во праведен свет е функционален и здрав механизам за соочување со трауматични настани. Се покажува дека личностите кои ова верување го применуваат на себе, подобро поднесуваат стрес и помалку се склони кон депресија. Всушност, нивната одбрамбеност е неспорна, и веќе во самата дефиниција вклучува и објаснување дека служи за надминување на неизвесноста и непредвидливоста на светот.

Меѓутоа, како начин на восприемање на другите, оваа грешка во толкувањето на настаните може да биде фатална за жртвата на трагичниот настан или злоупотреба. Без разлика дали станува збор за пошироката јавност или во одредени професии кои работат со жртвите, важно е да се подига свеста за погрешната перцепција на каузалноста во случај на насилство или катастрофа, за навистина да се постигне споменатата правда.

Слики: Chris Buzelli

Извор: elementarium.cpn.rs

ОкоБоли главаВицФото