23.000 мртви поради електраните на јаглен

08.07.2016 11:31
 23.000 мртви поради електраните на јаглен

Термоелектраните на јаглен се штетни за климата, но и за луѓето. Размерите се застрашувачки – ако ѝ веруваме на новата студија која ја потпишуваат еколошките организации WWF (Светски фонд за природата), Европската мрежа за климатска акција (CAN) и Сојузот за здравство и животна средина (HEAL). Тоа се сите организации кои се залагаат против употребата на јаглен.

Според таа студија, само во Европската Унија од последиците на загадувањето на воздухот настанато со согорувањето на јаглен, прерана смрт доживуваат 23.000 луѓе. Тоа се само 3.000 жртви помалку од оние кои страдаат во сообраќајни несреќи.

Термоелектраните во Полска и Германија одговорни за повеќето смртни случаи

Како еден од најголемите предизвикувачи и причинители за смртта се издвојуваат ситните честички кои потекнуваат од електроцентралите. Опасните материи, толку мали, што ниту влакната во носот не можат да ги запрат, стигнуваат до крвотокот и му наштетуваат на срцето и белите дробови. Според студијата, само тоа предизвикува 19.000 смртни случаи годишно. Покрај тоа, штетни се и азот диоксидот (3.800 смртни случаи) и озонот (200). Студијата не дава прецизни податоци за последиците од 12 тони жива која годишно ја испуштаат електраните и топланите на јаглен.

Истражувачите ги земале предвид податоците на Светската здравствена организација, како и официјалните наоди од 257, од вкупно 280 електроцентрали на јаглен во Европската унија. Тоа го направиле со помош на компјутерската програма која симулира временски услови и овозможува следење на ефектот на согорување на јагленот. Според студијата, последиците се значително поизразени кај населението во областите во кои има термоелектрани, но и честичките прашина и штетните гасови допираат и до луѓето кои живеат оддалечени од некои електроцентрали и повеќе од 1.000 километри.

Во студијата се изнесува податокот дека за повеќето смртни случаи се одговорни термоелектрани во Полска (5830), а потоа следат Германија (4.350), Велика Британија (2860), Романија (2170) и Бугарија (1570).

Колку е штетна термоелектраната „Пломин“ во Истра за здравјето на жителите?

Огромни трошоци

Авторите пресметале дека во 2013 година поради последиците предизвикани од употребата на јаглен имало 11.800 нови случаи на бронхитис, напишани се 21.000 упати за лекување во болница, и луѓето низ ЕУ поминале 6,5 милиони дена на боледување. Сето тоа, како и смртните случаи, само во 2013 година предизвикало економска штета од 33 милијарди евра. Трошоците можеби се далеку поголеми. „Долгорочните трошоци за здравство, да речеме поради болест на крвотокот, не се содржани во студијата бидејќи за тоа нема веродостојни податоци“ – вели Јулија Хачер, една од авторките на студијата.

Авторите се надеваат дека нивниот извештај ќе биде нов поттик во борбата за чист воздух во Европа. Тие предлагаат при донесувањето на политичките одлуки да се направи и анализа на трошоци и придобивки – а во трошоци се вклучуваат човечките животи, но и на парите кои економијата ги губи поради боледувањата, а здравството ги троши на лекување.Доколку тоа би се пресметало, пишува во студијата, би можело да се види дека струјата добиена од јагленот всушност е двократно или трикратно поскапа од својата номинална цена на пазарот.

Проблематиката на јагленот нè засега сите нас

Во изминативе години сè повеќе студии укажуваа на негативните последици од загадувањето на воздухот врз здравјето на луѓето и економската ситуација во земјите. За нездравиот воздух најодговорен е сообраќајот, потоа земјоделство, енергијата од јагленот и отворениот оган. Експертите од Меѓународниот монетарен фонд процениле дека трошоците за лекување на болести предизвикани од согорувањето на јаглен во светот изнесуваат околу 1,7 милијарди евра годишно.

„Ниту за еден друг извор на енергија не плаќаме толку висока цена за здравствени трошоци како што е случај со јагленот“ – изјави Пол Вилкинсон, професор на Лондонската школа за хигиена и тропска медицина. Мичел Кризановски, поранешен експерт на Светската здравствена организација за квалитетот на воздухот, ја пофали новата студија, велејќи дека таа го продлабочува знаењето и пред сè покажува дека проблематиката на јагленот нè засега сите нас.

Извор: www.dw.com/hr