На спомениците не треба да им се верува

09.07.2016 11:17
На спомениците не треба да им се верува

1.

Насловот „На спомениците не треба да им се верува“ е всушност наслов на еден филм на Душан Макавеев од 1958 година, а неодамна, под истото име, во галеријата Notthingham Contemporary се одржа една од најголемите изложби на екс-југословенската (алтернативна) уметност во Велика Британија, вклучувајќи уметници кои, според критиката, „го смениле лицето на југословенската култура“. Претставници од Македонија на оваа изложба нема – констатација која што не ја соопштувам со скриени или не знам какви други намери, туку само како факт. Впрочем, многу малку уметници (3-4) се застапени и од Србија, иако Белград беше еден од центрите на југословенската алтернатива. Но, тоа е друга тема, спомната овде само заради насловот.

Поточно, насловот на филмот на Макавеев и на спомнатата изложба е како измислен токму за македонската ситуација денес, особено по обидот – за жал неуспешен – да се ничкоса оној огаќен „Прометеј“, инаку за многумина, како што веќе напишав, само „осовремен Брекеров наци Übermensch карши Собранието на РМ, а којшто во слободно време го глуми Прометеј“!

Се разбира, првото прашање што се наметнува при еден ваков „инцидент“ е: зошто? Кому му пречи тој споменик односно зошто граѓаните на Скопје му се навртеле токму на овој „споменик“, наспроти сите други во опкружувањето, а ги има богами доволно? Но, ова не е единственото прашање, иако заличува дека е – вистинското прашање! Прашањата на нашиот однос кон ова десетгодишно шизофрено кич наследство допрва ќе се отвораат. „Шарената револуција“ отвори неколку, односно посочи на неколку невралгични точки околу кои што ќе се кршат копјата во иднина, а пред сите други т.н. Триумфална порта, објектот на Владата на РМ и сега т.н. Споменик на паднатите херои односно токму скулптурата на Прометеј како еден (важен) сегмент од овој споменик!

Се разбира, сите прашања, поставени и (сè уште) непоставени, заслужуваат одговор.

2.

Наспроти воодушевувањето на народот што учествуваше во (засега) неуспешниот обид за соборување на едниот од симболите – квалификација што ќе биде објаснета подоцна – на десетгодишната тиранија на актуелниот македонски режим, па и општото одобрување, првите (и единствени) негативни реакции апропо овој чин се појавија од двајца македонски уметници: авторот на споменикот Томе Аџиевски и сеприсутниот наш „андерграунд“ уметнички мегафон на режимот Александар Станковски. Тие двајцата, во нивната одбранашка рунда филувана со дебела доза на нескриен режимовосхит, дури и несвесно посочија на неколку битни моменти сврзани со судбината на вакви потфати – ничкосување на омразени споменици и други објекти од сличен тип!

Па така, вториот – она подземно но работливо посвојче на криминалнава банда на власт – освен што ги почести „шарените“ учесници во обидот за уривање на Прометеј со глобални придавки од типот „неоварваризам или џихадизам“, влета и во историски компарации од типот на Херострат и Артемидиниот храм, па со Сталин, Пол Пот и слични[1]. Навидум силни историски паралели (пази, Херострат!) за само еден неуспешен обид за уривање на „нашиот“ срамежлив Прометеј!

Прво, не сомневајќи се воопшто во (не)здравиот (раз)ум на укажувачот, се наметнува прашањето: зошто нашиов (неуспешен) обид за кутнување на срамежливиот Прометеј би бил идентичен, или сличен, на успешниот обид (за палење) на Артемидиниот храм во Ефес на арсонистот Херострат? Дали, на пример, тој навистина го гледа „нашиов“ Прометеј како еднакво светско чудо на Артемидиниот храм, прво спомнувано како такво кај Антипатер од Сидон, а потоа и кај многумина други после него? Какви тука сличности воопшто (може да) има, зошто овој толку се потресе од обидот на „шарените“ адекватно да се справат со наметнатиот симбол на реакционерната власт?

3.

Инаку, ако некој запне, може и да најде сличности помеѓу нарачката на Артемидиниот храм од страна на Крез, Лидискиот крал и најбогатиот човек на светот во тоа време, и нашиве крезови и нивните банкарски сметки растурени по белосветските острови. Тоа е една можна паралела, и веројатно единствена. Нашион Томе сепак не би можеле да го споредиме со критскиот архитект Херсифирон и син му Метагенес, уште помалку со елеганцијата и пропорциите на некогашниот храм во Ефес. Нашево „чудо“ е чудо, но од друг тип!

Затоа, впрочем, и дилемите зошто толку гнев околу еден неуспешен обид? Или проблемот е во самиот чин, во самиот обид да се урне нешто направено од нашиве крезови, акција што навестува и идни такви обиди, но со поконкретни, повидливи резултати? А понатаму, преку некои попродлабочени анализи, со право започнуваат и други сомнежи, односно се отвора оној секогаш актуелен линк со Фројдовите упатства за врските со потсвеста, што ќе рече: има ли во овој „споменик“ нешто навистина толку значајно – не мислам за светот, се разбира, ниту пак за нас, секако – за оваа врхушка и нивните газ(д)олики поддржувачи? Бидејќи овде, во ваквиот тип „одбрана“ со спомнување на Херострат на чело, но и други нешта, најмалку станува збор за одбрана на уметноста. Прво, зашто овде воопшто и не станува збор за уметност, а понатаму, нивните газди уништија цел еден град сосе значајно културно и уметничко наследство, а полтрониве глас не пуштија. Затоа, јасно е, овде некој се осмелил да чепне во некаква битна за режимот симболика, во нешто што само на прв поглед изгледа како невин споменик. Зашто, повторно ќе се вратам на насловот: на спомениците никогаш не треба да им се верува!

________________________________________________

[1] Дарко Јаневски, Шарен феномен кој може да се крсти само како неоварваризам или џихадизам, (разговор со Александар Станковски), Дневник, 22.06. 2016

 

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Фотографии: Ванчо Џамбаски

ОкоБоли главаВицФото