Стоиме пред ѕидот

10.07.2016 13:31
Стоиме пред ѕидот

Стоиме пред ѕидот. Младоста ни е соблечена како на осудениците кошулата. Десет, дваесет години поминуваат пред угоениот куршум да ни јавне на вратот. Ѕидот е висок и цврст. Зад ѕидот има дрво и ѕвезда. Дрвото со корењата го подрива ѕидот. Ѕвездата како глушец го нагризува каменот. По сто, двесте години во него ќе има мало пенџерче.

Збигњев Херберт, Ѕид 

Пописот е една од најважните работи што ургентно мора да се спроведе во земјава. Одлагањето на таа работа само ја продолжува и продлабочува агонијата на општеството. Знаеме дека една од главните причини за неспроведување на пописот е децениската етничка битка помеѓу Македонците и Албанците, битка за одбележување на територијата. Во меѓувреме властите (ДПМНЕ и ДУИ) добија уште низа причини пописот, т.е. инвентаризацијата на Македонија, никогаш да не се спроведе.

Демографската и популационата политика (тенденциите на тоа поле исто така би можеле да се исчитаат во пописот) сигурно имаат врска и со идентитетските и националните каузи, но пред сè имаат врска со најпростото прашање со кое мора да се соочи секое одговорно општество: каде одиме? Оди ли македонското општество кон живот или кон смрт? Речиси сите сега достапни бројки зборуваат дека општеството драматично забрзано пропаѓа: младите бегаат (земјата се празни), сиромаштијата е огромна, наталитетот е низок, распределбата на економската моќ екстремно неправедна, просечниот век на живот низок (далеку од европскиот просек), квалитетот на животот уште подалечен дури и од европското дно...

Прецизни бројки ни требаат и за да согледаме колку брзо Скопје, за своја сметка, всушност го исшмукува целиот живот од сите други краишта на Македонија. Не само што во Скопје се носат одлуките и се ползува моќта, туку и физички Скопје станува поголемо од Македонија, во економска и демографска смисла. Во Скопје секоја година се доселуваат илјадници луѓе од сите делови на Македонија (иако за луѓето од внатрешноста, особено младите, често Скопје е само патемна станица за бекство од државата).

Од една страна, значи, се чини дека е добро што во Македонија животот вирее барем некаде (во Скопје), но трагично е и што тој лажњикав квантитативен подем на Скопје (во градежно‒економскиот дел) е проследен со рапидно пропаѓање на буквално сите други градови и села во државата.

Чекајќи ги, значи, вистинските пошироки и компаративни бројки од реално (а не пропагандно) загрижените стручњаци и политичари (кои можеби ќе стапат на сцена по падот на груевизмот), ни останува да се позанимаваме со културните аспекти на проблемот на имиграцијата и емиграцијата.

Прашањето на егзодусот е можеби најважното македонско прашање во 20 и во 21 век. „Златното доба“ на социјализмот (1945‒1990) малку ги ублажи или маскира вечните македонски печалбарски драми (кои се доказ пред сè за неспособноста на локалните елити да организираат функционална држава), но 21-иот век (кој овде почна со воениот конфликт во 2001 година), а особено доаѓањето на груевизмот, одново ја направи Македонија радикално емиграциона и најбезнадежна европска земја.

Демографите ги разликуваат имиграционите (Германија, САД, на пример) од емиграционите држави (Сирија, Сомалија, Ирак, Македонија итн.). Во првите луѓето од сите страни на светот се доселуваат, а од вториве луѓето бегаат. Се разбира, долгорочно е поумна имиграционата стратегија: побројното население го јакне општеството ‒ ако е добро организирано ‒ на сите рамништа. И емигрантските општества (порано Италија, Ирска, Грција, денес Србија, Македонија, Албанија...) имаат одредени предности; на пример, многубројните емигранти постојано испраќаат големи суми пари во девастираните општества од каде што избегале, но каде што сеуште живеат нивните роднини. Тие пари во вкупниот БДП на емиграционите држави учествуваат од 10% (како во Србија) до 20% и повеќе, како во Македонија.

(Зависноста од дијаспорските пари е можеби еден од факторите што македонското општество е парализирано, без енергија да се менува, да се прилагодува, да ја креира сопствената иднина. Таквата економска поставеност може да произведе и мафијашко-корупциски симбиози кои тешко можат да се искоренат ‒ како што добро покажува примерот на груевизмот, огромен паразит кој има монопол врз сите општествени ресурси. Барем 20 до 30 % од македонските граѓани живуркаат од парите што им ги уделуваат роднините од странство или локалните партиски гангстери ‒ со што се умртвува секоја општествена динамика и можноста за бунт.)

Скопје, значи, во мртвата Македонија, е единствениот град што пружа какви-такви знаци на живот. И тоа е уште еден доказ ‒ додуша, во затворениот систем на една распаѓачка држава ‒ дека отвореноста е предност, а не мана.

Изолираните градови умираат. Како што покажува историјата, отворените порти на градовите им овозможуваат прилив на нови луѓе, развој на првите универзитети, богатство, моќ, влијанија. На пример, средновековните градови ‒ како што тоа го констатираат историчарите Жак Делимо или Жак Ле Гоф ‒ често биле затворени оти нивните жители, скриени зад огромните ѕидишта, биле раководени со клучната сила на таа епоха ‒ стравот (истата сила која денес ја опустошува Македонија). Стравот од пекол, смрт, војни, болести, диви ѕверови, стихии, туѓинци... - ги терал луѓето на затворање. Истите стравови и денес, можеби низ малку поинакви слики (денес туѓинците се најопасниот елемент), ги тераат општествата кон затворање, ксенофобија, фашизам... Портите се затвораат, нудејќи им чувство на сигурност на затечените во ѕидините... Странците одново претставуваат закана, непредвидливост, неизвесност...

Но сепак, како што вели Ле Гоф, патиштата во средниот век биле полни со патници. По мрежата на сочуваните римски патишта, по селските друмови и шумските патеки, постојано се движеле реки од луѓе. Талкачки поети и научници, голиарди, свештеници, крстоносци повратници, избегани селани, разбојници... Сите тие, порано или подоцна, влегувале во градовите донесувајќи нови знаења, трговија, технологија ‒ поврзувајќи ги градовите со светот.

И во другите историски епохи империите само привидно биле затворени пред човечките миграции. На тешко бранетите граници на Рим варварите со векови продирале во царството, станувале легионери, чиновници и граѓани, дури и императори. Тие непрекинато му носеле нова виталност на Рим. Слично било и со Константинопол и со многу други градови.

Слободан Бубњевиќ во својот текст „Гости“ во списанието Елементи вели: „Изолацијата како форма на заштита е присутна не само меѓу човечките општества, туку и во другите биолошки заедници ‒ но никогаш не е потполна. Живиот организам и биолошката клетка се заштитени со имуниот систем, но сосема изолирани од средината тие ќе умрат. Планетата Земја се штити од космичкото опкружување со магнетното поле и со атмосферата, но космичкиот материјал постојано стига до тлото и учествува во живите процеси. Ова е речиси универзално правило. Според Вториот принцип на термодинамиката, еден од основните закони на природата, ентропијата, односно несреденоста во изолиран систем, може само да расте, додека системот не се уништи.“

Значи, за да дознаеме со која брзина Скопје ја голта Македонија и која е брзината на распаѓањето на земјава - ни треба попис, ни треба согледување и разбирање на процесите. Потемкиновите села на груевизмот не само што не го прикрија пропаѓањето на земјата, туку рапидно го забрзаа и зголемија. Пописот ќе треба сето тоа да го евидентира. Тоа е првиот предуслов за воопшто да можеме да пристапиме кон некакво планирање, превентива и санација.

Цртежи: Marcel van Eeden

Сродни прилози

Гнојниот остров

Прво географија, после историја

На граница

ОкоБоли главаВицФото