Да зборуваме за пари

11.07.2016 01:40
Да зборуваме за пари

Надворешниот долг на Државата е некаде околу седум милијарди евра. Владата побарала пет милиони евра, а се задолжила дванаесет милиони евра. ЕУ ја стопира исплатата на дополнителни шеесет и девет милиони евра од ИПА фондовите. Проценетата штета за рушењето на стамбениот комплекс Космос се проценува дека е околу шеесет милиони евра... Милијарди и милиони евра. Секојдневно, ушите ни се полнат со парични величини кои не можеме ниту да ги појмиме, ниту да ги преброиме. Се зборува за нив како да се монети од десет денари за поткусурување во локално гранапче. Ќе ми простите што не употребувам децимални броеви. Морам да заокружам, иако живеам во земја каде што просечните лични примања се во границите на шестата децимала од гореспоменатите бројки. Од онаа страна на нулата. Двеста до триста евра е сумата со која треба да го преживееме месецот. Бериќатврсен и за тоа, во недостаток на реален производен сектор. Да не зборуваме дека за добар дел од текстилните работнички ширум земјава, и овие пари се мисловна именка.

Како го полниме буџетот? Веќе десетина години, задолжително пополнуваме образец за данок на дополнителни приходи. Данокот на дополнителните приходи е десет проценти. Десеток за Државата. Немам ништо против. Исто толку години, при купување на добра за широка потрошувачка, при плаќање на комуналии и слично, плаќаме и данок на додадена вредност, познат како ДДВ. Осумнаесет проценти од цената на секој набавен продукт. И за ова – немам ништо против. На правните лица, овој данок им се враќа на крајот на фискалната година. Имам многу против, што нашето бизнисориентид владе, не смисли механизам за поврат на ДДВ-то на крајните корисници. Не дека не знааат. Не сакаат. Признавам дека сум мрзлива и, макар што неколку пати сум најавила, не сум седнала да пресметам колку мои 18% отишле неповратно во државната каса.

Буџетот се полни и од наплата на казни. Некаде во 2011 година, некому истекна дека треба да се воведат казнени одредби во сите закони. Иако највеќе ги чувствуваме казните за сообраќајни прекршоци, верувајте дека во секој закон има прецизно одредена глоба за прекршување на законските одредби. Можеби законот е глуп, можеби е неостварлив, можеби немаме услови за реализација на тоа што го бара законодавецот – не е битно. Тужбата не го одложува извршувањето на казната. Тоа е тоа. А вие, повелете, тужете ја Државата. Патем, ќе ве потсетам дека ова правно начело не му беше јасно на тогашниот премиер Груевски, па Миле-ми-текна мораше да му го повторува и објаснува, како што слушнавме во објавените разговори. Дечкото е повеќе по економијата, не е многу по правото.

На што и како се троши буџетот? Актуелна шега по Скопјево е дека новиот (сосема заслужен) назив за нашиот главен град е Неа Стиропори. Покрај големите пари за евтини стиропорни фасади и барокни столбови кои ништо не потпираат, значаен дел од буџетот се троши на администрацијата. Никој не ја знае точната бројка административци, меѓутоа за целите на оваа вежба ќе калкулираме со често спомнуваната бројка од 150 илјади. Тука нема да ги дискутираме вработените кои не се појавуваат на работа, а земаат плата. Нема да се осврнеме на партиските книшки како единствен предуслов за вработување. Ќе проговриме за тоа како администрацијата се држи „на кратко јаженце“.

Во малава Македонија, секој од нас има близок човек кој е вработен во некое министерство или во некоја владина агенција. Со девизата „Знаењето е сила – знаењето е моќ“ многумина од нив решија да си го надградат образованието и да се стекнат со магистерска титула. Секако, мотив повеќе беше и одредбата од Законот за јавна администрација која предвидуваше допонителни 25 евра на месечните примања, заради повисок степен на образование. Би ве замолила да прашате дали воопшто некому е исплатен овој надоместок. Макар еднократно. Понатаму, еден голем процент административци се „овластени“ или „вршители на должност“ по разноразни раководни функции на горенаведените министерства и агенции. Тоа значи дека ја извршуваат должноста, со сите метании и одговорности, а не го добиваат соодветниот надомест за поголема одговорност. Во зависност од работното место и позицијата, таа сума би била околу 50 евра месечно. Ако сумираме, најголемиот работодавач во Македонија – А.Д. Држава Република Македонија, претставувана од ДПМНЕ-ДУИ,
по разни основи, им закинува на своите вработени некои половина милион евра месечно, или цирка шест милиона евра годишно.

Другарчиња задолжувачи, имам нешто да ви порачам - Доста беше! Извадете ги валканите раце од нашите џебови! Нема да дозволиме да нè задолжувате нас и нашите деца и нашите внуци. И тука – нема наши и ваши. Сите сме подеднакво засегнати, подеднакво попарени, подеднакво уништени, подеднакво згрозени од вашите криминогени умови.

Доста е!

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Skrekkøgle