ГМА СК1402

11.07.2016 13:54
ГМА СК1402

„Во царството на тоталниот кич, одговорите се дадени однапред и исклучуваат секакво прашање. Произлегува дека вистинскиот противник на тоталниот кич е човекот кој прашува. Прашањето е како нож што го расекува платното на насликаните кулиси за да можеме да ѕирнеме што се крие зад него.“

Ако го послушаме Милан Кундера, би поставиле едноставни прашања: Зошто ни е потребен барок во 21 век? Зошто молчиме пред кичот?

Што е, всушност, денешното Скопје? Главниот град стана еден голем градежен експеримент, а проектот СК 2014 - пример за генетски модификувана архитектура. Град и култура од комбинација на генетски и историско мутирани материјали.

Според дефиницијата, генетски модификуван организам е организам, билен или животински, чиј генетски материјал е изменет со техника на генетско инженерство и во текот на развојот е вметнат ген од некој друг организам. Генетски модификувана архитектура единствено може да биде парадигма на генетски модификувани организми.

Во нашиот случај, ГМА е адаптација на естетскиот вкус на приградскиот антиинтелектуалец на модерните трендови во главниот град. Затоа и Скопје треба да биде репрезент на „убавина“ и истовремено да метастазира нови променливи аксиолошки вредности. Мора да веруваме дека во Скопје се раѓаат најновите архитектонски трендови во светот, бидејќи на друг начин не би можеле да си објасниме зошто помеѓу две модерни згради од стакло се вметнува „барок“ од стиропор во темноцрвена-бордел боја, со фигура на Јустиција. Би требало јавно да му оддадеме признание и на архитектот што успеал да го смести Археолошкиот музеј, кој воедно наликува на лоша копија на Британскиот музеј, помеѓу речното корито на Аксиос и зградата на Комерцијална банка.

Сепак, тоа е подвиг достоен за восхит. Пред само неколку децении тоа би било невозможна мисија, но сепак и во блиското минато и генот на африканскиот мајмун беше ген што припаѓа единствено на африканскиот мајмун. Денеска тој ген се наоѓа во речиси секоја „свежа“ мандарина во колонијална продавница.

Лудилото на архитектонскиот инженеринг денеска доживува кулминација. Уште на почетокот кога старите згради почнаа да се преоблекуваат во уште постар барок, срамежливо се насетуваше дека ќе дојде време за стиропоризација и на некој важен објект што ќе биде триумф на иднината и „изгубениот синџир“ со минатото. Искрено се надевав дека тој мегаломански проект ќе биде изграден од нула. На „ливада“ т.е. огромен празен простор што ќе овозможи да дојде до израз визијата на уметникот. Но, ги потценив луѓето чија цел од првиот ден е расчистување со минатото.
На тој пат секако се наоѓа и Градскиот трговски центар, како симбол на едно комунистичко наследство. Но, што ќе постигнат со промена на ликот на ГТЦ? Дали навистина веруваат дека со тоа Скопје ќе добие европски шарм? Не сакам да поверувам дека се работи единствено за пари. Сепак постојат вредности што сме ги наследиле и треба да ги оставиме во наследство на оние што ќе дојдат после нас. Да го направиме ГТЦ во лош стиропорен барок е исто како Италијаните да ја исправат кривата кула во Пиза или Французите да го модернизираат Лувр во нова стаклена зграда.

До каде е спремна да оди власта на ДПМНЕ во остварување на мегаломанските визии на лидерот? Дали може да очекуваме да дојде време кога ќе се заситат од премногу средновековното наследство и ќе се свртат кон Византија? Во таков случај може да дојде и до византиски инженеринг на црквата „Свети Пантелејмон“ во Нерези ако „лидерот“ одлучи дека е потребно фреските да ја претстават новата ВМРО-вска реалност освен светоста на христијанските светители? Според досегашните дела, ништо нема да нè изненади.

И, второто прашање е - зошто барок?

Тој во својот историски развој е различен од земја до земја. Дозволува импровизација и прилагодување на просторните решенија. Единствено треба да се биде упорен и доследен за да се доживее неговиот лик во Македонија. На тој пат треба да се одговори дали да се следат веќе воспоставени обрасци или е доволно да се експериментира со слобода на изразување? Колку македонскиот барок треба да се врати во минатото за сите ние да имаме некаква иднина?

Барокната архитектура, во која се присутни многу варијации и отстапувања, сепак е позната под едно име најмногу поради поедноставување за да може полесно да се објасни една епоха. Во 17 век овие варијации во себе содржеле произволност, нелогичност и претераност. На италијанскиот јазик „барок“ означува усилена, извештачена расправа со слаби докази. Речиси во сите европски јазици изразот „барок“ станал синоним за настрано, претерано, неприродно, извештачено, апсурдно. Со овие изрази се користеле критичарите од 18 век за да ја означат уметноста на минатото столетие.

Со кои зборови ќе се опише македонскиот доцен барок? За нашата модерна архитектура не постојат многу зборови, доволно е да користиме еден што ја објаснува сета убавина на задоцнета уметност. Кич. Кичот е производ што потсетува на уметност. Тој е најчесто фалсификат на оригиналот кој се вреднува како уметничко дело. Во случајот на ГТЦ веќе имаме оригинално архитектонско уметничко дело, кое сакаме да го претвориме во лош фалсификат, што е апсурд сам по себе. Многумина социолози кичот го набљудуваат и како манипулација со културни вредности. Во еден текст се наведува дека „ГТЦ е етички проект, кој ја препознава и на мајсторски начин ја надградува визијата на архитектот Танге за Скопје како град на иднината“. Да го промениме изгледот на веќе докажана вредност е невидена манипулација и не остава простор за никаква дискусија. Едноставно, ГТЦ не смее да се третира како уште една климатизирана продавница.

Вистинскиот уметник се плаши од кичот, а оние што упорно се трудат да побегнат од своето минато, ризикуваат да се изгубат себеси, но и да се сретнат со минатото во момент во кој најмалку очекуваат. Тогаш, ќе им остане прашањето: „Кој сум јас?“ А ние знаеме кои сме и знаеме дека ГТЦ е симбол на едно Скопје со иднина. Земајќи ни го ГТЦ, на некој начин, ни ја крадат иднината.

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат

Слични содржини

Општество / Јавни простори / Став
Општество / Јавни простори / Став
Општество / Јавни простори
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став

ОкоБоли главаВицФото