ДПМНЕ како дуќан за фотокопирање

11.07.2016 14:47
ДПМНЕ како дуќан за фотокопирање

Безобразието со кое власта ги одработува своите последни денови во Македонија достигна нови височини по настапот на министерот за надворешни работи Никола Поповски, на интервју во ТВ 24 вести. Целата антизападна и антидемократска реторика се засилува, сега веќе не само од хистеричната пропагандна машинерија на ДПМНЕ, туку и од самите врвови на владејачкиот апарат. Власта признава дека состојбата во и со Македонија во областа на економијата, социјалата, демократијата, правната сигурност и меѓународната положба на државата е очајна, но за тоа се виновни сите други –домашната опозиција, граѓанскиот сектор, независните интелектуалци, критички настроените медиуми и секој кој и на Фејсбук или Твитер не се согласува со таквите како Поповски, вклучувајќи ги и најугледните светски медиуми, ЕУ, НАТО итн. – освен оваа неспособна, злосторнички здружена, антимакедонска екипа што владее со земјата десет години. Сакаат да си ја спасат кожата во страв од долгогодишни затворски казни што ги очекуваат поради криминалите за кои се осомничени. Подготвени се целата земја, како говедо на поило, да ја клоцнат во длабоката кал на хаосот и неизвесноста, само за да добијат уште некоја недела на власт.

БАНАЛИЗАЦИЈА НА ЗЛОТО

Добро е што и Никола Поповски сосема се демаскира како еден од водечките функционери на ова злосторничко здружение, бидејќи не ќе беше фер овој мазен-пазен и благоглаголив соработник на режимот да се извлече од заслужените казни што неизбежно ќе ги дочекаат на крајот од ова тешко национално премрежие. Поповски е одличен сублимат на десетици истакнати национални и локални функционери на оваа власт: еден обичен опортунистички кариерист, без никакви цврсти идеолошки убедувања или конзистентни морални стандарди; претходен политички анонимус, без биографија која би упатувала на каква било мината позначајна поврзаност со идеите или активностите на ВМРО или на ДПМНЕ; испеглан „технократ“ кој, во традицијата на прочуената банализација на злото, нема никаков внатрешен проблем уредно да ги пополнува формуларите и списоците за товарење на вагоните што водат знаеме каде – тој утре ќе тврди дека ништо не знаел, не бил информиран, не му кажале, дека не бил во таа смена или бил на пат, дека баш од таа средба отсуствувал и баш на тој состанок не присуствувал, дека само се трудел да помогне за доброто на татковината, а други биле виновни за издигнувањето на империјата на злото. И дека тоа што значајни припадници од неговото семејство цврсто се „уштекани“ на разните државни или бизнис поила на власта, цедејќи ги општите народни ресурси и во издашни млазови и според капка по капка системот, е само коинциденција, претходна заслуга, потврда за долгогодишните професионални угледи и сл.

Всушност, кога го гледате Поповски, разбирате дека начинот на кој владее Фамилијата е преку ангажманот на вакви политички безрбетници и мижи-бутај опортунисти. На многу од нив семејните корења им допираат до структурите на бившата социјалистичко-комунистичка власт во Македонија. Свртете се околу себе, препознајте ги „фотокопиите“ на Поповски околу вас. Се намножија како печурки по дожд. Денешното ДПМНЕ не личи на политичка партија, туку повеќе личи на национална фотокопирница, на некаков технички сервис на некоја организација за издавање дозволи за злоупотреба на македонското општество според критериумите воспоставени од Фамилијата; како ловечко друштво што наумило да ги истреби сите срни, диви свињи, еребици и препелки во своето национално ловиште; како шумарска служба што нема да се смири додека не го исече и последното дрво по нашите брегови и долини и на нивно место не постави панорамски тркала, барокни згради од стиропор, пресушени фонтани, грди споменици и разни други обележја во слава на сопствената потпросечност. И тоа сечење, ловење и нагрдување добро да го наплати.

ЛЕТЕН КВИЗ

А еве кому служат овие кадровски ДПМНЕ-фотокопии:

Човекот поседува пет-шест станови. Пријавува годишна заработка од 120 илјади евра, иако не знае од каде му се. На летен одмор оди во Израел, на Маурициус или на Сицилија. Се забавува од Абу Даби и Дубаи, преку Лондон, до Монте Карло. Урбанистички уредува парк-шума на Водно, преку компании на Белизе. Поголем дел од денот спие, бидејќи до раните утрински часови праќа СМС-пораки со кои ги малтретира соработниците. Се вози во мајбах. Не се знае точниот број на сметки со кои располага во странски банки, но пријавениот кеш во домашните банки се брои во десетици илјади евра. На носот му висат – односно, мошне стабилно му стојат – позлатени очила за сонце, наводно вредни колку двособен стан во Скопје. Цел живот е партиско-државен службеник, со исклучок на првите две години во кариерата, кога беше шалтерски работник во една бугарска банка... И: народот не го вади од уста.

Дали погодувате за кого станува збор?

Ако одговорот е ДА, тогаш сте странски платеник и предавник, кој сака да ја уништи Македонија. Ако одговорот е НЕ, тогаш сте кадровска фотокопија во ДПМНЕ. Ако одговорот е НЕ ЗНАМ, тогаш сте будала. Одговорот на прашањето дали знаете за кого станува збор може да биде и: „Не, не знам“ – што значи дека сте некоја комбинација од фотокопирана будала со членска книшка на ДПМНЕ. Ваше е да одберете.

ОТСУТНИОТ НА СИЦИЛИЈА

А додека вие бирате, Отсутниот на Сицилија реши на странската и на домашната јавност симболично да им соопшти дека, со своето неприсуство на преговорите, се повлекува од челната функција на ДПМНЕ и дека е подготвен за промена на врвот на ова ловечко друштво, на оваа шумарска служба, на техничкиот сервис за злоупотреба на Македонија. Вонредниот конгрес би се одржал најдоцна до октомври и, како што стојат работите, на чело на ДПМНЕ ќе дојде Никола Тодоров, како преодно решение, додека и за него не се објават десетината кривични пријави од страна на СЈО; по што би го наследил Антонио Милошоски, додека и за него не се објават десетина кривични пријави од страна на СЈО.

Тоа се „картите“ со кои сега се игра на масата со Фамилијата. Ееее, а кога само ќе се сетат на октомври-ноември 2014 г., кога „селанчето од Муртино“ беше подготвено да се спогоди мирно да се повлечат од македонската политика, за доброто на нацијата... Тоа им делува како некаква неостварена бајка во која тие тогаш со потсмев одбија да ја бакнат жабата в уста, со што жабата ќе се претвореше во принц. Сега би ја бакнале жабата и в газ, и би причекале таа и да им прдне, ако треба, ама „принцот од Муртино“ влезе во преговарачки процес чијшто резултат веќе не зависи само од него. Таа бајка нема да ја гледаат.

Извор: Слободен печат
Слики: Александар Ковачевски