Водени лудории

12.07.2016 00:18
Водени лудории

Откако минатата недела државни институции презентираа податоци дека водата во Дојранското Езеро е загадена, вмровците „за инает“ побрзаа да се напијат од водата. Веројатно тоа е така затоа што знаат дека институциите во државава не функционираат и дека големи се шансите дека резултатите од испитувањата на квалитетот на водата се погрешни. Знаат, затоа што како партија веќе цела деценија учествуваат во разградувањето на сите институции.

Градоначалникот на Дојран не им верува на резултатите од испитувањата на водата. Тој беше еден од оние што влегоа во езерото и покрај забраната за капење.

Донекаде јасен ми е човекот што пиеше од езерската вода - тој е спремен да ризикува пролив за својата партија, но сметам дека е недозволиво постапувањето на свештеникот и таткото на бебето кое беше крштевано во езерото. На кого ли му текнa да го крсти бебето во езерото, токму кога беше објавена информацијата за загаденоста на водата и тоа баш за време на снимањето на ТВ-прилогот?

Симптоматично е тоа што забраната за капење во Дојран се актуелизираше токму во време кога топ-тема е новото задолжување на Македонија, па не ја исклучувам можноста дека станува збор за само уште еден спин на вмровската пропаганда.

Извор: Слободен печат