Текстилна поема (за маркизата Помпадур, Казанова и дворскиот педераст)

12.07.2016 14:27
Текстилна поема (за маркизата Помпадур, Казанова и дворскиот педераст)

                                                                   За Жоржет

Маркизата де Помпадур, симболот за гламур,
еднаш, во Севр, посетила за текстил панаѓур.
И таму се случил своевиден каламбур.

 

Со рококо фризура, на штикли, Помпадур
во таа пригода носела бунда од самур
или кенгур. Под бундата имала велур.

 

(Некои верзии велат дека опфатена од сплин
и меланхолија носела бунда од хермелин,
а под бундата имала крепдешин или муслин.)

 

Нејзиниот љубовник, Казанова, познат ќелепур,
истовремено бил и моден советник и трубадур.
Ѝ рекол: „Шуќур, конечно текстилен панаѓур!

 

На исландскиот штанд продаваат шетланд.
А по рафтовите се наоѓа и тафт.“
Помпадур прашала: „Зифт тафт?

 

Добра шанса да куртулам од пурпур,
оти велуров изгледа штур...
Ми треба нешто накај лазур...“

 

„ Чуј, душо, креп-жоржетот нек ти е алал
во комбинација со алов шал, ама идеал
сезонава е да се носи креп‒воал.“

 

Помпадур рекла: „Креп е за цреп.
Или за слеп. Или за акреп.
Лош е и за штеп, да речеме, за џеб.

 

А нешто за Луј, да му кренеме адреналин?
Можеби брокат за мојот властелин-пластелин?
Или пуплин? Или цибелин?“

 

Казанова рекол: „Брокат е за во понтификат.
Често е фалсификат па ќе ни треба адвокат
за средување сертификат за брокат.“

Казанова, инаку, се смета за оргијаст,
иако суштински бил фантаст. „Мојата сласт
и страст“, велел, „е ткаенината дамаст.“

 

Смислувал зафрканции како буфон:
„За да оставите впечаток полифон
носете батист-шифон!“

 

На Казанова вистински контраст
му бил цицкастиот дворски портир педераст.
Му велел на Казанова: „За Помпадур ти си баласт“.

 

Можеби не се трпеле оти портирот сакал ампир,
а не толку рококо? „Ампир е за вампир“,
велел Казанова, „исто ко и фротир.“

 

„Казанова, ти си рококо сатир!“,
одговарал портирот. „Имам фетиш кон фротир
оти работата многу ме поти.

 

Иако и ламе ми прави лезет. А в клозет,
на пример, се пресоблекувам во маркизет
за да се осеќам ко стриптизет.“

 

И додавал: „Можеби не сум сфатен,
можеби во умот малку фатен ил скратен,
ама дамастот не мож да се мери со креп-сатен“.

 

Казанова одговорал: „Веројатно ти е поматен
умот, аха, или на екскурзија пратен, ил обратен:
оти креп-сатенот стварно е одвратен.“

 

„А креп-муслинот?“, портирот педераст
продолжувал на соперникот да му вади маст.
Казанова одговорал: „Стварно си напаст.

 

Со фротирот потсеќаш на емирот Елмир
кој толку сакал кашмир
што козата ја прогласил за кумир.“

 

„О, Казанова, стар зулумќар!
Не носел кашмир емирот во Кандахар
туку одежда од бел камелхар.“

 

Казанова возвраќал: „Голем хазард
ти е и фриволниот жакар, типичен за бастард.
Ти фали само крзно од леопард.“

 

„А твојот жерсеј му прилега на фарисеј!“
„Грешка си. Пишува во еден есеј
дека и Мојсеј и Одисеј носеле жерсеј.“

„Стоп! Сетете се на љубителот на фланел!
На еден панел толку го бранел што се занел
и на соговорникот повреди му нанел!“

 

Мадам Помпадур злобно додала: „Шајак
е прав афродизијак за типот мажјак
од ваш ков ‒ лилјак и зајак!

 

„Можеби листер за сè што е мистер?
Јал гангстер јал министер јал филистер“,
помирливо рекол дворскиот педераст.

 

А Казанова рекол: „Може уште еден обид
овде да се створи макар привид на флуид?
Можеби некој вид твид?“

РЕЧНИК

АМПИР (фр. empire) | стил во уметноста во времето на Наполеон (ја имитирал уметноста на Римското Царство; се карактеризира со претерана накитеност и пренатрупаност).

БАТИСТ (фр batiste) | многу фина и збиена ткаенина; БАТИСТ‒ШИФОН ‒ фино бело платно, густо и сјајно, меко на допир, од кое се изработуваат постелнини и женски долни алишта.

БРОКАТ (итал. broccato) | тешка свилена ткаенина проткаена со златни или сребрени нишки.

БУФОН (итал. buffone) | шегаџија, комичар; | дворски шут.

ВЕЛУР (фр. velours) | фина ткаенина со густи кратки влакна; сомот, кадифе.

ДАМАСТ (итал. damasto) | свилена, ленена или волнена ткаенина (наречена по сирискиот град Дамаск во кој почнала првпат да се произведува).

ЖАКАР (фр. jacquard) | платнена ткаенина изработена на специјална машина.

ЖЕРСЕЈ (фр. jersey) | вид свилена ткаенина за фустани; | алиште од таква ткаенина.

ЖОРЖЕТ (фр. georget) | лесна, обично свилена ткаенина со зрнеста површина; се употребува за фини женски фустани.

ЗИФТ (тур. zift) | црна боја; црнило од тутун нафатено на внатрешната страна на чибук, луле и сл.; | катран, смола, тер, асфалт.

КАЗАНОВА, Џакомо (1725-1798) - италијански авантурист, свештеник, музичар, војник, шпион, дипломат, масон, писател кој често се наоѓал во скандали поврзани со жени. Денес секој авантурист и неодговорен љубовник често се нарекува со неговото име.

КАМЕЛХАР (гер. Kamelhaar) | камилско влакно; се употребува особено за изработка на покривки и сл.

КАШМИР (фр. cachemire) | вид мека ткаенина што се произведува од влакното на кашмирските кози; | вид шал од кашмир.

КРЕП (фр. crepe) | лесна и ретка свилена, полусвилена, памучна или волнена ткаенина со кадрав изглед; КРЕП‒ДЕШИН (фр. crepe de Chine) кинески креп; танка свилена ткаенина од цврсто усукани нишки од сурова или вештачка свила; КРЕП‒САТЕН ‒ тешка свилена ткаенина, од едната страна сјајна, од другата мат; КРЕП‒МУСЛИН ‒ проѕирна и лесна ткаенина, благо наборана. Слична ткаенина е КРЕП‒ВОАЛ, но тој е посилно вткаен; КРЕП‒ЖОРЖЕТ ‒ проѕирен, но на допир зрнест и со нерамна површина.

КУМИР (стсл.) | слика, кип или лик на кој му се искажува обожавање, идол, фетиш.

ЛАЗУР (лат. lazur) | мин. вид син камен што се употребува претежно за правење на украси; | сина боја, синевина, особено небесна синевина.

ЛАМЕ (фр. lame) | вид ткаенина проткаена со метални нишки.

ЛИСТЕР (гер. Lister) | вид лесна сјајна ткаенина за главно машки летни костуми.

МАРКИЗЕТ (фр. marquisette) | танка проѕирна ткаенина од памучен или свилен конец.

МУСЛИН (фр. mousseline) | фина памучна ткаенина (наречена по ирачкиот град Мосул, каде што почнала да се произведува).

МАРКИЗАТА ПОМПАДУР (1721-1764), една од најфамозните жени во историјата, мошне присутна во популарната култура; била љубовница на францускиот крал Луј XV и на Казанова.

ПОМПАДУР (фр. pompadour) | стил на женска облека, покуќнина и др. поврзан со името на маркизата Помпадур; | француски салонски танц; | вид женска рачна торбичка; | зоол. име на една јужноамериканска птица со убави перја.

ПУПЛИН (фр. popeline) | полусвилена сјајна ткаенина слична на тафт.

ПУРПУР (лат. purpura) | најфина виолетовоцрвена боја, порфир; | ткаенина обоена со таква боја; | кралска чест (зашто некогаш кралевите се облекувале во пурпур); | фиг. убавина, сјај, блескот, раскош, скапоценост, драгоценост.

РОКОКО (фр. rococo) | уметничко движење и стил што се одликуваат со претераност во украсите; се развил од барокот.

САМУР (тур. samur) | зоол. вид куна, ласица, невестулка; | скапоцено крзно од таква куна.

САТЕН (фр. satin) | вид свилена ткаенина со изразит сјај на едната страна.

ТАФТ (гер. Taft) | лесна свилена ткаенина; служи предимно за правење постави.

ТВИД (анг. tweed) | волнена ткаенина за изработување алишта.

ТРУБАДУР (фр. troubadour) | средновековен провансалски поет‒пејач (ги посетувал дворовите на големците и пеел за витешката љубов); | фиг. вљубен поет, поет на љубовта.

ФЛАНЕЛ (фр. flanelle) | мека волнена или памучна ткаенина од која се изработува претежно топла долна облека.

ФРОТИР (фр. frtotte) | рапава, бушава, памучна ткаенина; се употребува главно за крпи за бришење, мантили за капење и сл.

ХЕРМЕЛИН (лат. hermellina) | скапоцено крзно од истоимената голема северна ласица (лат. Mustela erminea); порано го носеле само владетелите.

ЦИБЕЛИН (фр.) Волнена ткаенина со влакнеста површина. Се употребува за зимски капути.

ШАЈАК (тур. sayak) | вид грубо збиено сукно (за селанска машка облека).

ШЕТЛАНД (анг. shetland) | вид англиска волнена ткаенина.


 

Слични содржини

Пандалф Вулкански
Графички Дизајн / Книжевност / Уметност
Книжевност
Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански

ОкоБоли главаВицФото