Верижен генератор (14)

14.07.2016 13:32
Верижен генератор (14)

Звонко Танески

ОПУШОЦИТЕ ЌЕ СТАНАТ ПРЕКУ НОЌ НОВИ ЦИГАРИ

Опушоците ќе станат преку ноќ нови цигари

младината пред време отидена во пензија

ќе се засити од чадот во кој си ја дошмркува амбицијата

новиот свет ќе се спрпелка во забрефтаната нишалка на сонот

Опушоците ќе станат преку ноќ нови цигари

сите млади жени што личат на лотки

веќе нема да гласаат на штотуку завршените избори

стравот ќе им оди зад петиците и ќе флертува со нивните сенки

Опушоците ќе станат преку ноќ нови цигари

нас потоа ќе нè натоварат на двоколка од која редовно ќе скокаме

опиени од фујарата на еден слепец

за да одиме на нозе напред удирајќи по газињата од девојките пред себе

Опушоците ќе станат преку ноќ нови цигари

птиците без јато ќе мафтаат со лични карти на ангелите без дозвола за престој

по ѕидовите низ градот насекаде ќе се испише тишината

на влезот од возовите – пушачите ќе почнат страсно да ги штедат новите цигари

(од книгата Чекајќи ја историјата, Антолог, Скопје 2016)

 

Богомил Ѓузел

Веројатно на секој поет му дошла песна со намерно извртен однос на опишаните предмети/ситуации/околности... од обично очекуваните. Ете, и јас се сетив дека пред едно педесетина години бев напишал една таква (небаре програмско-прозодиска) песна, чинам, под наслов Небото ќе стане земја, а земјата небо со ударно почетниот стих: „Ќе треснеме на небо пијани ко земја“ и со патетично последниот: „И трипати ќе биде одбиена љубовта на чинија принесена“. Додуша, колку што се сеќавам, зашто таа песна никогаш не сум ја сместил во ниедна од моите стихозбирки, сметајќи ја премногу деривативна (следејќи го небаре тогашниот помоден југословенски „нео-симболизам“), иако беше објавена во загрепската угледна ревија Книжевна република...

Оваа, пак, извртена песна на Звонко Танески како да излегува директно од нашата и онака испревртена стварност, пред-политичка, а можеби и „пред-историска“... Наведена, небаре онака случајно, потамина, со редовите што следат, но секој од нив недвосмислено нè удира директно од стварноста. „Младината пред време отидена во пензија“ „ќе си ја дошмркува амбицијата“ спрпелкана во „нишалка на сонот“... „Сите млади жени“ „веќе нема да гласаат на штотуку завршените избори“, „стравот ќе им оди зад петици и ќе флертува со нивните сенки“... Но на која (и каква) двоколка „ќе нè натоварат“ редовно да скокаме „удирајќи по газињата на девојките пред себе“? И каков е тој град во кој „насекаде ќе се испише тишината“ , „птиците... ќе мавтаат со лични карти на ангелите без дозвола за престој“, а „пушачите ќе почнат страсно да ги штедат новите цигари“? И тоа направени од „опушоците... преку ноќ“? За тоа можеме само да претпоставиме во некоја друга стварност, или таа веќе била - како во онаа на оскудица, во која страсните пушачи навистина ги собираа опушоците за да си направат нови цигари?...

ОкоБоли главаВицФото