Каков e природниот прираст на населението

15.07.2016 10:37
Каков e природниот прираст на населението

Доколку се анализираат податоците за природниот прираст на населението во нашата земја за подолг временски период, ќе се констатира дека истиот се намалува. Впрочем, тоа зависи од бројот на живородени деца, кој исто така се намалува и умрени лица, чиј број од година во година се зголемува. И последните официјално објавени податоци за 2015 година го потврдуваат истото, односно дека е намален природниот прираст од 3.930 во 2013 година на 3.878 во 2014 година и дури на 2.614 во 2015 година.

Секако, оваа појава се рефлектира на сите нивоа во земјата започнувајќи од населените места што се попразни и раселени, преку општините, а секако и на регионално ниво. Затоа може само да потврдиме дека во 41 општина природниот прираст на населението е намален па дури и во три региони. Резултат на сето тоа е што и во подолг временски период според процените на населението што се изработуваат на годишно ниво покажуваат дека во континуитет се намалува бројот на населението во општините. Така што и во 2015 година во 42 општини и во 5 региони е намален бројот на вкупното население во однос на 2014 година, а да не говориме за подолг временски период започнувајќи со податоците од Пописот на населението во 1948 година.

Меѓутоа, карактеристична е појавата на анализите што се направени во однос на разликите меѓу живородените деца и умрените лица според етничките карактеристики. Истите се следат кај живородените деца според етничката припадност на мајката, а кај умрените лица според умреното лице. Што покажуваат последните резултати односно последните статистички податоци за овие состојби, кои се загрижувачки и се спротивни на многубројните кампањи за многудетни семејства, донесената Резолуција за миграциска политика за период 2015-2200 година, документи за плански региони, за рамномерен регионален развој и разно разни други документи во однос на демографскиот развој? За сите овие активности секако се потрошени и доста финансиски средства, но за нив секако дека се нема отчет пред јавноста.

Но, сега и поконкретно околу тој етнички природен прираст на населението. Како прво, кажано е дека природниот прираст на населението во 2015 година е намален во однос на 2014 година и тој изнесува 2.614, што значи за толку е зголемено населението по природен пат во земјата. Меѓутоа, каков е тој природен прираст кај македонското население со години наназад, а и во 2015 година е намален односно има негативно салдо од 2.855. Ако се направи анализа по општини, треба да знаеме дека во 64 општини имаме појава од негативен природен прираст, а само во 15 позитивен, додека во една општина нема појава. За разлика од нив кај албанското население бројот на населението по природен прираст е зголемен за 4.202 на појавите од живородени деца и умрени лица во земјава. Само во една општина има појава на негативен природен прираст, во 71 општина има појава на позитивен природен прираст, во 3 општини има појава нула и во 5 општини нема појава.

Природниот прираст на населението и кај турското, ромското и бошњачкото население има позитивно салдо кај едните за 632 кај другите за 792 и третите за 101. Појавите и овде се карактеристични каде и во кои општини има позитивно, негативно салдо и во кои општини нема појава. Тоа значи дека и покрај наведените состојби на позитивното салдо во вкупното население, сепак таа појава не е присутна во сите општини. За истите појави постојат секако и подетални информации по општини и региони.

За разлика од нив, кај српското и влашкото население имаме појави на негативен природен прираст на населението и тоа само во 2015 година, туку и со години наназад. Состојбите се познати и по општини и по региони каде и какви појави има. Ако кажеме дека земјата има 80 општини и во 60 нема појава на природен прираст на влашкото население а само во 3 е позитивен и во 17 негативен, кај српското население е дека во 26 општини нема појави на живородени деца и умрени лица, во 46 има негативен прираст а само во 8 е позитивен.

Согласно со анализираното и согласно со состојбите, како може да говориме за плански региони и нивниот развој, како може да говориме за рамномерен регионален развој, за каква демографска состојба да говориме кога имаме депопулација на просторот кој се празни, кога бројот на старечкото население се зголемува, а на младото се намалува, кога имаме масовно иселување на младото население за кое немаме доволно податоци на ниво на држава, кога немаме спроведено попис на населението веќе 14 години и не ги знаеме ниту демографските, ниту образовните, ниту економските, социјалните, етничките, верските, земјоделските, станбените и други карактеристики во земјава на сите територијални нивоа? Тоа го наметнува прашањето какви политики треба да води земјата и врз основа на кои податоци.

Извор: Слободен печат
Слики: Небојша Гелевски