Антикомунизмот во екс-ЈУ

15.07.2016 11:11
Антикомунизмот во екс-ЈУ

Пренесуваме фрагмент од интервју на Дубравка Угрешиќ за Младина, во кое, меѓу другото, зборува за силното антикомунистичко и антијугословенско расположенеи во земјите од поранешна Југославија.

 

Самиот збор Југославија во Хрватска претставува пцовка, денес дури и во поголема мера отколку пред неколку години. Што е, според тебе, вистинската причина за таа озлогласеност? И како го толкуваш парадоксот дека хајката против „Југословените“ и „комунистите“ е дотолку поголема колку што нив помалку ги има, како да станува збор за војна против зомбија?

 

Антикомунизмот во сите земји на поранешна Југославија е исклучително силен, просто затоа што комунизмот - барем оној каков што го знаеме од Советскиот сојуз и земјите од Варшавскиот пакт - во Југославија го немаше. Тоа беше „социјализам“. Можеби и таа мака со зборовите е најдобра индикација: во Југославија ретко се користеше зборот „комунизам“, далеку почест беше „социјализам“. „Комунизам“, имено, имаа Русите. На тоа, впрочем, на разликата меѓу Југославија и другите комунистички земји, Југословените ја градеа својата самодоверба. Можеби би требало да се прелистаат издавачките програми, книжевните списанија, кино програмите, за да се види како интересот на југословенската публика кон книжевноста, филмот, театарот и дисидентските движења во земјите како Полска, Чешка, Унгарија и Русија беше широк и автентичен. Сите тие земји имаа развиени и богати дисидентски движења. Југословените немаа дисидентско движење, тие имаа две или три дисидентски икони, како Милован Ѓилас и Михајло Михајлов, потоа нешто забранети филмови и книги, и можеби две сериозни табуа кои не смееја да ги рушат: едното беше Тито, другото Југославија. Причините за политичките апсења повеќе лежеа во национализмот, помалку во анти-комунизмот. Голи Оток во таа смисла може да послужи како невидена политичко-симболичка заврзлама. Секако, зборувам многу грубо, на историчарите е да понудат резултати од попрецизни истражувања.

Со други зборови, антикомунизмот, критичкото незадоволство, различните политички опции, уметничката продукција која одеше против меинстримот - сето тоа најде свое уточиште и признание во културното подземје, во дисидентските движења во многу комунистички земји. Земјите како Русија, Полска, Чехословачка, Унгарија, можеа да понудат богати материјални докази за своето антикомунистичко делување во слики, филмови, списанија, книги, политички акции, демонстрации, протести, во познатите дисидентски фигури. Југословените во таа смисла немаа ништо. Југославија е единствената земја на која ѝ требаше војна, и тоа војна која траеше четири години, баш како и Втората светска војна, да прекине со комунизмот, кога сме веќе кај тоа. Парадокс, зарем не? На светот, имено, требаше да му се понуди разбирлив наратив за валканата работа на меѓусебното убивање. Разбирлив наратив во тоа време беше крахот на комунизмот, и така сите Југословени станаа жртви на комунизмот, а комунизмот и југословенството ги импостираа, се знае, Србите. И Србите посакаа да бидат жртви на комунизмот, а комунизмот го импостираа, се разбира, Хрватот Тито и неговите партизани. Наративот, секако, веќе го знаете напамет. Значи, кој е виновен за војната? Комунистичката репресија, федеративна Југославија, репресијата на мнозинскиот етницитет, Србите, над малцинските етницитети. Така Југославија се распадна како СССР, освен што темпераментните Југословени својата приказна ја поткрепија со војна. А потоа, почна и веќе познатиот false memory syndrome, синдром на лажно сеќавање.

Одеднаш се откри дека купишта луѓе биле репресирани, одеднаш и Тито во колективното сеќавање од најдобар син на народите и народностите на Југославија стана диктатор и крволок, одеднаш за време на комунизмот сме страдале повеќе од Романија, одеднаш бројот на убиени на Голи Оток почна да се зголемува, бројот на убиени во Јасеновац да се намалува, бројот на настрадани во Блајбург не само да расте, туку многумина открија дека некој драг роднина им загинал на Блајбург од комунистичките колачки раце. Сето тоа е во ред, луѓето на разни начини си ја олеснуваат душата, немам ништо против. Само што таквото колективно сеќавање го кажува следново: или репресијата во Југославија била далеку посилна отколку во Советскиот сојуз и земјите од источниот блок, па Југословените добиле можност да проговорат за титоистичкиот терор дури по распадот на Југославија, или Југословените биле апсолутно најголеми кукавици во комунистичкиот свет, кои педесет години не се сетиле да проговорат ништо за тоа.

Извор: Mladina, 01.07.2016.

ОкоБоли главаВицФото