Анализа: Зошто Франција е повторно нападната?

15.07.2016 14:04
Анализа: Зошто Франција е повторно нападната?

Франција повторно стана мета на терористички напад. Зошто? Постојат неколку потенцијални причини зошто терористите повторно изведоа застрашувачки напад на цивили во Франција.

Како прво, мора да ги истакнеме деталите кои во моментов се познати - нападот се случи во градот Ница (според последните информации убиени се најмалку 84 лица, а околу 100 се повредени), станува збор за втората најважна туристичка дестинација во Франција, веднаш по Париз. Понатаму, нападот се случи за време на прославата на Денот на Бастилја, главниот француски празник, кога на улиците се наоѓаат голем број луѓе, домашни и странци. Затоа Ница стана „идеална“ локација за терористите да изведат крвав напад со најголем фокус и најголем број жртви.

Застрашувачкиот напад е изведен со камион. Напаѓачот се залетал меѓу луѓето кои се шетале покрај брегот и ги убивал на овој брутален начин на рута од дури два километри пред да го запре полицијата (на сликите можеме да го видиме предното стакло на камионот издупчено од куршуми). Дали се случил пропуст на безбедносните сили? Односно, како е можно напаѓачот да можел дури два километри да убива луѓе пред да биде запрен? Тоа во моментов се прашуваат многумина и одговорите на тие прашања ќе мора да ги дадат француските власти.

Тешко е да се каже дали се случил пропуст или едноставно силите за безбедност не очекувале ваков вид напад. Но, имајќи предвид дека прославата на Денот на Бастилја во Ница била место на потенцијален напад со големо влијание (голем број луѓе, важно место), може да се сугерира дека безбедносните сили би требало да бидат на највисоко ниво на готовност. Можно ли е Франција донекаде да се „опуштила“? Имено, францускиот претседател Франсоа Оланд планираше на 26 овој месец да ја укине вонредната состојба во земјата (која вклучува значително присуство на воената полиција на улиците), која е прогласена во ноември минатата година, кога терористите убија голем број луѓе во Париз.

Понатаму, ова секако не е прв пат некој терорист да изврши напад со камион на овој начичн. Еден сличен напад веќе се случи и во Франција - во градот Нант, во декември 2014, напаѓач со камион се залета во луѓето за време на божиќните празници извикувајќи „Бог е голем!“, но тогаш немаше смртни случаи, десет лица беа повредени.

Но, во текот на годините, напади со возила во повеќе наврати се изведени од страна на палестинските милитанти против Израелците - одредени нивни радикални групи дури и отворено ги повикуваа потенцијалните напаѓачи да се служат со камиони. Значи, нападите со камион против цивили веќе се случуваа и француските безбедносни служби мораа да бидат спремни и на таква можност.

Овде мораме да нагласиме дека текстов е пишуван само неколку часа по нападот во Ница и сè уште не можеме да тврдиме кој го извел нападот. Судејќи според околностите, можеме да заклучиме дека веројатно станува збор за припадник на терористичка организација или за некој нивен симпатизер. Секако, нападот можел да го изведе кој било, но статистички е најверојатно дека сепак станува збор за исламистички милитант.

Земајќи ги предвид тие претпоставки, да тргнеме од клучното прашање - зошто Франција е повторно нападната?

Една од клучните причини е француското учество во борбата против ИСИС на просторот на Сирија и Ирак. Но, Франција не е активна само во оваа последна фаза која прерасна во организирана анти-ИСИС коалиција. Франција е исклучително активна на овој простор веќе со години, почнувајќи од просторот на северна Африка, кога се вклучи во воената агресија против Либија, предводена од САД во 2011 година. Нападот кој ја девастираше земјата и доведе до пад на претседателот Гадафи, беше почеток на голема ескалација која ќе зафати значаен дел од Африка, речиси целиот Блиски исток и сега се шири и во Европа.

Веднаш по разорувањето на Либија (додека војната сè уште траеше) фокусот се префрли на Сирија и западните сили (САД, Франција и Британија) почнаа по истиот „рецепт“ со рушење на власта во Сирија. Во тој поход, кој исто така може да се нарече надворешна агресија (затоа што ги вооружуваа, финансираа и помагаа исламистичките милитанти, односно опозицијата) им се придружија и недемократски земји, како што се Саудиска Арабија и Катар. Но, војната која според нивните прогнози требаше да потрае само „неколку недели“, се развлече на повеќе од 5 години. Во Сирија се убиени повеќе стотици илјади луѓе, а хаосот овозможи создавање на ИСИС како нус-производ кој многу добро „успева“ во хаотичните и разурнати земји - затоа не е чудно што ИСИС денес е најсилна во три земји: Ирак, Сирија и Либија - три земји кои се уништени од западни интервенции во текот на последниве години.

Познато е дека ИСИС настана во Ирак, земја во која за време на агресијата и инвазијата се убиени повеќе од милион луѓе во првата деценија на овој век. Франција не учествуваше во инвазијата, впрочем, тогашниот претседател Жак Ширак остро се противеше на нападот на Ирак - агресијата примарно ја поведоа САД и Британија (со поддршка на неколку други земји). Но, со промената на власта во Париз, односно со доаѓањето на Никола Саркози, Франција зазеде неоимперијалистичка политика, особено кон своите поранешни колонии и протекторати (а Сирија беше под Франција); за жал, неговиот наследник Франсоа Оланд, иако многумина се надеваа дека нема да биде така, продолжи по неговиот пат и ја засили поддршката за екстремистите во Сирија. Париз од почетокот на војната во Сирија беше едно од главните седишта на т.н. „умерена сириска опозиција“.

Секако, Франција во тоа тогаш не гледаше закана - мислеа дека од власт ќе го срушат сирискиот претседател Башар ал-Асад, и дека новата власт ќе им биде лојална. Овде станува збор за една многу кусогледа политика, зашто Асад никогаш не бил непријател на Париз, дури Сирија настојуваше да има добри односи со Франција - во толкава мера што дури и некои тврдолинијаши од Блискиот исток им забележуваа за тоа. Тогаш, зошто Франција тргна во дестабилизација на Сирија? Делумно и поради опортунизам - како и Британија во Ирак во 2003, настојуваа да се „прикачат“ на процесот на дестабилизација на Сирија кој го предводеа САД, надевајќи се дека од тоа ќе имаат некоја конкретна корист за себе.

Но, кога се случи ИСИС, ситуацијата нагло се промени. Бројно помалите исламистички милитантни групи сè уште можеа до некаде да се контролираат (иако на сите им беше јасно дека станува збор за сојуз од чист интерес - ниту Запад ги сакаше нив, ниту тие некогаш го сакале Запад), но ИСИС ги промени правилата на игра на Блискиот исток. Накратко, ИСИС „играше по свое“, настојувајќи да ги исфрли сите ривали од игра и да ја земе за себе и територијата и нафтата. Тоа, секако, никој не можеше да го прифати - освен евентуално некои нивни спонзори, но на крајот ИСИС завојува и со нив (нападите во Саудиска Арабија и Турција). Што се случи потоа? Сите тргнаа против ИСИС кој во меѓувреме стана најголема терористичка организација во историјата, организација која и денес контролира огромна територија на просторот на Ирак и Сирија и нешто помала во Либија.

Иако ИСИС е геноцидна терористичка организација каква што светот сè уште не видел, не е тајна дека некои се обидуваа да кокетираат и со нив, надевајќи се дека можеби ќе успеат да ги „насочат“, да речеме, кон Дамаск, за тие да ја сработат валканата работа на рушењето (и речиси сигурно убивањето) на сирискиот претседател Асад. Но, тоа повеќе не беше изводливо, зашто ИСИС веќе излезе од контрола.

Во таква ситуација, единствената преостаната опција беше да се уништи ИСИС - организација која свесно или несвесно ја создадоа сите учесници во воените агресии последните 13 години. Но, тоа нема да биде едноставно. ИСИС изгуби значаен дел од територијата последниве месеци, особено во Ирак, каде изгубија контрола над градовите Рамади и Фалуџа, но, како што предупредуваа припадниците на разузнувачките служби, тоа само го прави ИСИС поопасен, особено по цивилите во Европа (види: ИХС Анализа: „ИСИС изгуби една четвртина од територијата за 18 месеци и затоа сега би можеле да почнат нивните најголеми напади на цивили и економска инфраструктура во Ирак и Сирија, но и во Европа“).

Тоа нè доведува до Франција. Имено, ако ИСИС сака да се одмазди некому поради нападите на нивниот „калифат“, тогаш Франција е нивната прва мета, затоа што е најангажирана од европските земји. Секако, Франција не е единствената која се бори против нив, речиси сите европски земји на овој или оној начин ја помагаат анти-ИСИС коалицијата која е предводена од САД, но Франција е најекспонирана во тоа, а постојат и други причини.

Зошто нападите почесто се случуваат во Франција, а не во САД, кои се поголем непријател на ИСИС? Затоа што САД се далеку подобро чувана „тврдина“ од Франција - САД имаат огромна разузнувачка мрежа, далеку понапредни системи за следење, како на странски, така и на домашни државјани. Планирањето каков било напад за ИСИС во Франција е едноставно полесно. Како прво, француската политичка и општествена сцена е во криза, во власта избиваат судири, додека на улиците траат масовни протести. Второ, целата европска разузнувачка структура е лошо координирана помеѓу земјите членки на ЕУ - тие детали се открија по последниот напад во Париз, а терористите го користат тоа (види: Како да се улови терорист? Предизвици за политичкиот, безбедносниот и разузнувачкиот сектор).

Понатаму, терористичките групи како ИСИС имаат многу кандидати кои можат да ги регрутираат на просторот на Франција. Тука се бројните млади луѓе со потекло од Магреб (Тунис, Алжир, Мароко...), а меѓу нив секако има и такви кои кон Франција не чувствуваат патриотизам туку гнев - што поради денешните околности (случаи на дискриминација, расизам), што поради историските околности (од 1954 до 1962 Алжир водеше крвава војна против Франција за својата независност - во војната загинаа неколку стотици илјади луѓе).

Но, постои и чисто тактичка причина зошто ИСИС повторно би ја имал Франција како мета - за да ги натераат да ја прекинат својата воена кампања против нив во Ирак и Сирија. Да се потсетиме, истото го направи и Ал Каеда во 2004 година во Мадрид, кога изведоа напад на железницата - во нападот беа убиени 192 луѓе и Шпанија потоа ги повлече своите трупи од Ирак. Можеби ИСИС сега сака на ист начин да ја натера Франција да се повлече, но францускиот претседател Франсоа Оланд порачува дека Франција ќе го направи спротивното - дополнително ќе ги засили нападите против терористите во Ирак и Сирија (но прашање е до кога француската јавност ќе го поддржува тоа, во случајот на Шпанија по нападот во 2004 ставот на јавноста радикално се промени против војната во Ирак).

Пред сè поради тие причини, Франција е повторно нападната. Секако, ако анализите на разузнувачките служби се точни, како што ИСИС ќе ја губи територијата, така и бројот на нивните напади во Европа ќе се зголеми, а тоа значи дека сите земји се загрозени, особено оние поголемите, зашто веќе е јасно дека во ваквите напади на мета се поголемите и попознати градови, особено туристичките дестинации.

Што ќе се случи сега? Дали по трите големи терористички напади Франција ќе се повлече од Блискиот исток? Веројатно нема, но повлекувањето во овој момент и не е решение - борбата против тероризмот е важна, но во неа мора да постои целосна координација, а тоа до сега не беше случај. Со други зборови, мора да дојде до голем антитерористички сојуз помеѓу земјите кои до сега беа ривали и непријатели, мора да се здружат САД, Франција, Русија, Сирија, Иран и другите земји кои сакаат да учествуваат во сојузот. Дури и Турција, преку која ИСИС масовно влегуваше во Сирија, сега предлага пресврт во борбата против тероризмот (особено по големиот напад на аеродромот во Истанбул).

Секако, спречувањето на тероризмот ќе беше многу полесно ако воопшто не се ни поттикнуваше во разни геополитички цели, но таквата опасна тактика на поддржување екстремисти против геополитичките непријатели, за жал, се користи уште од 80-тите години (поддршката на САД за исламистичките милитанти во Авганистан против Советите се чувствува и денес).

Терористичкиот напад во Ница е страшно злосторство кое уште еднаш ја шокираше цела Европа и светот. Убиени се сосема недолжни луѓе и единственото исправно нешто што може да се направи во овој момент е градењето масовна солидарност и заедничка борба против тероризмот, без геополитички интереси, зашто во спротивно ваквите страшни настани во Европа ќе станат сè почеста појава. Таа страшна стварност, за жал, е нешто со кое луѓето на Блискиот исток, особено во Сирија и Ирак, веќе со години живеат секој ден. Мора да имаме солидарност и со нив, во апсолутно иста мера.

Мора да разбереме што доведува до тероризмот и што го поттикнува. Во исто време, во овие тешки мигови, мораме со своите сили да им се спротивставиме на оние опасни нагони кои луѓето во моменти на вакви кризи често ги водат во нетрпеливост, расизам, ксенофобија и исламофобија. Обединетата борба, на сите народи, против тероризмот, мора да стане нова стварност и одговор на мракот кој се шири над нашиот свет.

Извор: Advance

ОкоБоли главаВицФото