Ќе го наполнат Груевски со пари, па раат ќе чекаат „фер избори“?!

16.07.2016 13:11
Ќе го наполнат Груевски со пари, па раат ќе чекаат „фер избори“?!

Македонија почна да ја нуди новата петта по ред еврообврзница. Според агенцијата Ројтерс, на потенцијалните инвеститори им се нуди седумгодишна обврзница со очекуван принос од околу 5 отсто, но сè уште нема информација колку ќе биде тешка, односно дали ќе биде продадена во максималниот износ од 650 милиони евра или помалку.

Во информацијата на Ројтерс се потсетува дека Македонија е рангирана со оценка „ББ -“(стабилна) од „Стандард и Пурс“ и ББ+(негативен) од „Фич“. Водечки менаџери на еврообврзницата се Ситигруп, Дojчe банк и Ерсте банк и Сосиете женерал.

Еврообврзницата ќе биде издадена во евра. Според берзанските инвеститори, оваа информација значи дека е започнат процесот на собирање понуди од страна на инвеститорите што може да заврши до крајот на денот или до крајот на неделава.

На објавувањето на еврообврзницата, реагираше опозициската СДСМ.

„По налог на Никола Груевски, Кирил Миноски утрово го започна процесот на издавање седумгодишна еврообврзница. Издавањето на еврообврзница од 650 милиони евра е последниот обид на Никола Груевски за доуништување на македонската економија“, се вели во соопштението на СДСМ.

Од партијата велат дека со издавањето на еврообврзница се крши Законот за буџет, Законот за влада, Договорот од Пржино и Кривичниот законик. СДСМ апелира до агентите за издавање на еврообврзницата, Сити груп, Дојче банк, Ерсте банк, Сосиете женерал и потенцијалните инвеститори, дека ова задолжување е незаконско и ќе биде предмет на оспорување како законски јавен долг по промената на власта.

 

„Сите раководни лица во државните институции инволвирани во издавањето на еврообврзницата ќе одговараат. Вклучително и Министерот за правда од редовите на ДУИ, кој согласно со Законот за јавен долг дава правно мислење за правната важност на издавање хартии од вредност на меѓународните финансиски пазари. Јасно е дека со давањето позитивно мислење и ДУИ е директно одговорен за ова финансиско злосторство. ДУИ уште еднаш потврди дека заедно со ВМРО-ДПМНЕ кумува на економскиот колапс на граѓаните и на Р. Македонија. Го повикуваме гувернерот Богов да излезе јавно да се спротивстави. Како гувернер во чиј мандат ова ќе биде трето задолжување преку издавање еврообврзница, нека објасни на граѓаните која е, според него, горната граница на јавниот долг што македонската економија може да си го дозволи“ - се вели во соопштението на СДСМ.

Одлуката за новото задолжување Владата ја објави на 8 јули, а од понеделникот, на роуд-шоу заминаа министерот за финансии Кирил Миновски и други претставници од владата. Според одлуката еврообврзница може да биде во износ до 650 милиони евра, а парите ќе се користат за покривање на буџетскиот дефицит за оваа и следната година и за рефинансирање на старите долгови.

Инаку за две години, Владата само преку еврообврзници се задолжи со 770 милиони евра, а со издавањето на оваа трета, вкупното задолжување, без камати ќе биде една милијарда и 420 милиони евра, со што јавниот долг достигне над 50 насто од БДП.

Извор: Слободен печат
Слики: Лоренцо Емилијани

ОкоБоли главаВицФото