1020 hPa
93 %
7 °C
Скопје - Пон, 14.10.2024 06:59
Лорета имаше петел толку избувлив
што веќе никој не ја посетуваше. Лорета го сакаше
тој петел, а петелот ја сакаше Лорета,
мислеше дека таа му е жена. И така Лорета
ја гледавме единствено кога ќе дојдеше во град.
Ќе се сретневме со неа во кафулето Мајкс Вествју и
цела ноќ пиевме пиво. Петелот се викаше
Вејлон и таа за Вејлон зборуваше цела
ноќ, и да не знаете, би помислиле
дека зборува за својот маж. Но јас знаев,
а сепак и понатаму мислев дека зборува за
својот маж. „Вејлон утрово не се чувствуваше
најдобро.“ „Вејлон ноќеска беше толку
сладок.“ „Вејлон е толку згоден, понекогаш
не можам очи да тргнам од него.“ Таа и понатаму
е забавно друштво и мене ми се чини сосема нормална.
Кога кафулето ќе се затвори, се поздравуваме
и јас ја бакнувам Лорета. Тој бакнеж е само лесно
колвење, бидејќи знам дека е мажена за петел и
го почитувам тоа. Вејлон се чини посреќен отколку што јас
некогаш би можел да бидам. Ѕвездено небо, полициска заседа
скриена во грмушки – Боже, баш е добро да си жив, помислувам,
и се мочам зад автомобилот, во темницата на сопствениот приватен
мрак.
Превод: Лавинија Шувака