Сеќавање без слики

17.07.2016 12:05
Сеќавање без слики

Описите на предели и луѓе во книжевните дела за поголемиот дел од читателите се добри кога читателот има таква јасна слика пред себе што речиси почнува да верува дека навистина ги видел сите тие пејзажи и лица. Меѓутоа, постојат и такви кои не разбираат зошто е важно да се опише бојата на небото или реката што тече, или изгледот на главниот лик, а доколку некој им каже дека целта на описите е создавање на ментални слики кај оној кој ги чита, уште помалку им е јасно за што станува збор. Всушност, некои луѓе никогаш не можат во својата глава да создадат слики, и тоа не затоа што им недостасува имагинација да го замислат она што никогаш не го виделе. Тие едноставно дури и за своите сеќавања и блиски луѓе никогаш не размислуваат во слики.

Оваа состојба во 2015 година е дефинирана како афантазија, иако кај луѓето е присутна многу подолго. Една од причините може да биде т.н. „проблем на туѓата свест“, кој бил поврзан со многу филозофски учења, но никој не го воочил сè до Џон Стјуарт Мил, кој во 19 век тврдел дека врз основа на однесувањето на другите луѓе не можеме да заклучиме дека во нивната свест се случува исто што и во нашата кога слично се однесуваме. Токму поради тие граници кои не можат да се прескокнат луѓето комуницираат и учествуваат во заеднички активности без да знаат дека едни пред себе имаат ментални слики додека за други овој феномен е сосема непознат, исто како што не знаеме дали, на пример, зборот „црвено“ произведува иста слика сите оние кои немаат афантазија.

Препознавање

За афантазијата се знае многу малку, но досегашните податоци укажуваат на тоа дека таа главно е вродена, па когнитивните функции на овие луѓе се развиваат поинаку отколку кај оние кои се навикнале да се потпираат на сликите во својата глава, што не ја спречува нивната меѓусебна комуникација. Стана очигледно дека меѓу нив постојат разлики дури кога во 2010 година д-р Адам Земан, професор по неврологија на Универзитетот во Ексетер пријави човек на кого во шеесет и петтата година почнало да му се случува нешто необичнно, што подоцна професорот го нарекува афантазија.

Откако професорот го објави својот труд за овој случај, следуваше научно популарен текст, а дваесет лица, препознавајќи дека им се случува нешто слично, но од раѓање, одлучиле да му се јават на Земан. Неговиот тим во 2015 година објави труд за истражувања во кои учествувале овие луѓе, а неможноста за создавање на ментални слики доби официјален назив.

Професорот Земан продолжува да ја истражува афантазијата и сака да одговори на прашањата колку често и зошто се појавува. Освен тоа, неговите истражувања се фокусирани на разликите меѓу овие два начина на замислување (со помош на слики и без нив), а меѓу испитаниците имало и такви кои зборувале дека оваа состојба не им претставува проблем, туку само информациите ги обработуваат на поинаков начин, но имало и такви кои изјавиле дека не им е лесно да зачуваат некои сеќавања, пред сè автобиографски.

Што имавте за појадок?

Сепак, приказната за афантазијата не почнува со нејзиното официјално препознавање и дефинирање, туку со појадокот во 19-тиот век. Првите емпириски истражувања на ментални слики, во осумдесетите години на деветнаесетиот век ги спровел Франсис Галтон, познат меѓу другото и како пионер на психометријата. При испитувањето на квалитативните и квантитативните разлики во ментални слики кои се јавуваат кога луѓето во сеќавањето се обидуваат повторно да го произведат она што веќе го виделе, Галтон од луѓето барал да се сетат како тоа утро изгледала нивната маса за време на појадокот, а потоа им поставувал прашања за боите, јасноста и светлината. Не само што заклучил дека постојат големи индивидуални разлики во овие слики, туку забележал дека некои од испитаниците воопшто не се во можност да се создадат слика. За време на ова истражување менталните слики биле важна тема во круговите на филозофите и првите психолози.

Во 17 и 18 век филозофите на емпиристичката традиција ја истакнувале важноста на менталните слики како во човечката перцепција, така и во значењето на јазикот. Додека Дејвид Хјум и Џорџ Баркли ги поистоветувале идеите, но и перцепциите на стварноста со ментални слики, велејќи дека се разликуваат само во степенот на живост, Џон Лок тврдел дека значењето на зборовите е засновано на идеите, односно на менталните слики кои ги имаме кога ги изговараме. Останува нејасно како тогаш апстрактните нешта добиваат значење, бидејќи не може толку јасна претстава и жива слика да произведе зборот „слобода“, како што може зборот „куче“. Токму апстрактните зборови се поле на кое луѓето се навикнале на менталните слики, па така можат да разберат како изгледа да се има афантазија, односно да го разберат значењето без слики.

Во филозофијата на јазикот од крајот на деветнаесетиот и дваесетиот век значително слабее разбирањето на менталните слики како носители на значење, за што пред сè придонесува Готлоб Фреге, а потоа Лудвиг Витгенштајн и Џон Остин, па дури и Жан Пол Сартр, кој припаѓа на сосема различна филозофска традиција. Фреге велел дека значењето кое е објективно не може да се поистовети со слика која е од субјективна природа, додека Витгенштајн и Остин значењето на зборовите го поврзувале со нивната употреба, а Сартр сликите не ги сметал за ентитети, туку само како некој вид на врска со самиот објект. Никој од овие филозофи не го негирал постоењето на ментални слики, но укажале на можноста за постоење на когнитивните процеси и давање значење на зборовите и тогаш кога сликите не постојат, што е случај и кај луѓето кој имаат афантазија.

Среќавајќи луѓе со афантазија, Адам Земан забележал дека тие имаат развиена моќ за апстрактно размислување, во изборот на професии не се разликуваат од другите луѓе, а некои од нив се многу креативни, се занимаваат со ликовни уметности или сакаат да читаат, иако признаваат дека книгите со многу описи не им се меѓу омилените. Освен тоа, забележано е дека тие сонуваат во слики, иако не можат своеволно и свесно да ги создадат во будна состојба. Доколку ги прашате каква боја на коса има некоја славна личност или колку прозорци има во нивниот стан, ќе одговорат точно дека се потпираат на факти, а не на фотографска меморија.

Слики: David Szauder

Извор: elementarium.cpn.rs

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото