Виста ди Маре

18.07.2016 01:10
Виста ди Маре

Во Џенова, додека таа се пакува да си замине, ѝ кажува дека не сака врската да им заврши, а таа одговара дека ако тој навистина знае што сака таа не би си заминала.

Продолжува сам по брегот накај Рим, но на една станица од каде се гледа сончогледово поле свртено накај морето импулсивно се симнува од возот. Недалеку од крајбрежјето може да види двајца риболовци како фрлаат мрежи.

Тргнува по нагорната патека минувајќи низ маслинови и лимонови насади и стрмни терасести лозја. Во Џенова целиот свој багаж го сведе на еден ранец. Се поти под прерамките и помислува дека баш вака би изгледало да отидеше на патување низ Европа кога беше млад. На факултет имаше девојка која сакаше да патуваат заедно. Му се одеше, ама се плашеше дека со тоа би се обврзал повеќе од што беше спремен, па наместо да патува - се вработи. Откако се искачи на една карпа, застанува да ги посматра галебите носени од воздушните струи и се прашува дали воопшто некогаш знаел што најмногу сака. И тогаш му доаѓа со јачина до солзи дека за прв пат, ете, знае: Ова го сака, да биде овде и сега, во овој момент додека гледа накај морето.

Градот, изделкан во падината, е терасест како лозјата, со калдрмести улици. Сака да остане овде каде што му дојде откровението, каде што морето е постојано пред очи, а единствениот пансион е затворен поради нечија смрт. Во еден ресторан нарачува минерална вода и смокви со пршут. Келнерот по малку зборува англиски и му кажува за некој стан што се дава под наем, но дека можеби нема да му се допадне.

„Зошто да не?“ прашува тој.
„Нема виста ди маре“. Сите Американци, вели келнерот убедено, сакаат виста ди маре. „Затоа станот е евтин“.
„Кон каде гледа станот?“ го прашува келнерот.
„Кон планините“.

Оригиналниот расказ

Превод: Ивана Галапчева
Слика: Клод Моне

Стјуарт Дајбек (1942) е американски писател и поет. Се смета за мајстор на кратката проза во современата книжевност. Неговата проза се одликува со концизност, фрагментарност и нагласена лиричност. Добитник е на стипендијата Мекартур и Гугенхајм и наградата ПЕН/Маламуд.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото