Сè поизвесни се сомнежите дека Ердоган го одобрил пучот

18.07.2016 13:16
Сè поизвесни се сомнежите дека Ердоган го одобрил пучот

Обидот за државен удар во Турција од час во час е посомнителен. Молскавична е подготвеноста со која режимот на претседателот Реџеп Таип Ердоган избра речиси 3000(!) судии и обвинители кои требало да ги суспендира, а некои и да ги затвори, како помагачите на пучот, соработниците на побегнатиот имам Фетулах Ѓулен.

Постојат две можности: или во рамки на судската власт Ердоган манипулира со истражниот апарат кој е способен за неколку часови да спроведе темелна истрага, да утврди основан сомнеж и врз основа на тоа да суспендира и апси, со брзина и увид кои инаку ги поседува само милиот Бог, ако постои – или таа чистка била однапред подготвена, па само се чекал поволен момент, кој го пружи пучот, или можеби пучот е предизвикан, односно дозволен, за претседателот, кој според Уставот не е на чело на извршната власт (таа улога му припаѓа на премиерот), но кој доминантно ја држи власта во рацете, кој создаде сопствена дефиниција за тероризмот, неприфатлива за Европската Унија, за да може да ги елиминира непогодните парламентарни претставници, а со тоа и пресудниот дел од законодавната власт, сега се ослободи и од непогодниот дел од судската власт, единствената која досега повремено и умерено го кочеше во недемократските обиди, па и новинарите.

Ако се работи за тоа – а индициите водат во таа насока – треба повторно да се прегледаат фактите и да се согледа дали индициите се темелат на нив.

Прво, пучот е спроведен несмасно. Ни сенка од онаа ефикасност која турската војска – втора по сила во НАТО(!) – ја покажа во државните удари од 1960-1980 година, ни трага од онаа одлучност со која удира во Курдистан, не штедејќи го своето наследство. Не се искористени елитните единици, туку главно новајлии, збунети момчиња, од кои некои запрепастувачки тврдеа дека биле убедени дека се работи за воена вежба. Видовме снимки дека ги тепаат и полицајци и цивили – сосема неспоиво со духот кој би го покажале војниците кои свесно го ризикуваа животот во одбрана на својот идеал за татковината. Најпосле, не знам како е во Турција, но на Балканот е тешко да се замисли цивилни полицајци да тепаат војници кои трпат, кај нас вообичаено полицијата го извлекувала подебелиот крај, ременот знаел да биде помоќен од пендрекот, имам некои лични искуства, иако не скорешни.

Второ, меѓу генералите и високите офицери кои исто така се уапсени по пропаста на пучот, наведени се Ердал Озтурк, командант на Третата армија, Адем Худути, командант на Втората армија, и неговиот заменик Авни Ангун, и поранешниот командант на Военото воздухопловство Акин Озтурк. Третата армија дејствува против курдските „терористи“, одговорна е за источните и јужните покраини – не располага ли таа со трупи со висока воена подготвеност, а не со исплашени момци кои ги видовме покорни?

Трето, пучистите тргнаа кон центрите на политичката и комуникациската моќ, но не дојдоа ни близу до главниот и неприкосновен центар на моќта – а тоа е самиот Ердоган. Ги блокираа аеродромите во Анкара и Истанбул, но сеедно, Ердоган непречено слета на аеродромот Ататурк во Истанбул, па дури – како што јавуваат турските и странските извори – неговото доаѓање беше најавено половина час порано, со прашањето: дали телевизиските трупи се подготвени?

Четврто, првите најави за подготовката на ударот се најавени пред приближно два месеци, но тогаш енергично беа демантирани од Анкара.

Петто, додека сето тоа сè уште беше во превирање, додека изгледаше дека Ердоган е отсечен од институционалните комуникации, додека преку FaceTime се јави преку смартфон пред камерата на CNN, веќе го обвини Фетулах Ѓулен како организатор на пучот. Врз основа на која истрага, чии признанија, кои документи? Или и тоа веќе однапред беше подготвено?

Се разбира, се поставува прашањето, зарем турскиот водач би инсценирал, или барем дозволил акција, која ги одзеде животите на 161 цивил и припадник на полицијата и 104 пучисти, додека бројот на ранетите надмина 1440? Бројот на жртвите е поголем отколку во некои од најпознатите терористички атентати.

Противниците на Ердоган одговараат дека сегашната турска власт уби значително повеќе луѓе во турскиот и иранскиот Курдистан, па уште 200-300 мртви повеќе или помалку не ѝ значат многу, ако ѝ служат на политичката цел: елиминирање на противниците.

Се разбира, сето тоа се само претпоставки и индиции, не се докази. Можеби се и лабави, но секако далеку пообразложени од оние кои досега ги изнесе режимот на Ердоган. Еден од блиските соработници на Ангела Меркел, демохристијанинот Елмар Брок изразува загриженост дека Ердоган сега би можел „да се обиде да ја прошири својата моќ“, „да го промени уставот во автократска насока“, и на тој начин да ја „подели земјата“.

Ердоган: Веднаш да се врати смртната казна!

Турскиот претседател Таип Ердоган во неделата рече дека не може да се одложува употребата на смртната казна по пропаднатиот обид за пуч, додавајќи дека за тоа владата ќе разговара со опозициските партии. Обраќајќи се кон мноштвото следбеници кои бараа смртна казна, пред својата куќа во Истанбул, Ердоган рече: „Не можеме да го занемариме ова барање“.

Турција ја укина смртната казна во 2004 година за да ги задоволи критериумите на Европската Унија за пристапување, а не погуби никого од 1984 година. Ердоган исто така ги повика своите следбеници до петок да продолжат со протестите по улиците и плоштадите против обидот за воен удар додавајќи дека заканата против него сè уште не е докрај отстранета.

Извор: Jutarnji list