1011 hPa
100 %
16 °C
Скопје - Саб, 05.10.2024 06:59
„Се колнам во мојата чест дека во време на мир и војна, на копно, море и воздух, секогаш и секаде, ќе ѝ служам на својата нација и на Републиката, со вера и љубов, и дека ќе ги почитувам законите, одредбите и претпоставените, ќе ја бранам честа на војската и славата на турските бои повеќе отколку сопственото постоење, а по потреба, ќе го жртвувам доброволно својот живот за државата, Републиката и должноста“. Ова се зборовите од заклетвата на турскиот војник, која се положува пред мавзолејот на основачот на Турција, Кемал Паша Ататурк, основа на турската воена култура. Воената култура се дефинира како збир од вредности, норми, филозифии и традиции на војската, кои се создаваат организациски меѓу луѓето под униформа.
Меѓу најголемите вредности и најзначајните особини на војската е самопожртвуваноста, дисциплината, послушноста кон легитимната власт, верноста на нацијата, единиците и сопатниците во војската. Голем дел од воената култура е како војниците се однесуваат секој ден. Воената култура создава почитување, често и пријателство меѓу припадниците на воените сили. Иако граѓанската и воената култура делат многу вредности во демократијата, мора да постои и значајна разлика меѓу нив. На пример, таму каде што цивилната култура ја нагласува слободата и индивидуалноста, воената култура ги омаловажува и ги цени вредностите како што се дисциплината и саможртвата, кои се основа на воената ефикасност и успехот на боиштето. Војската не е збир од индивидуалци, туку ја нагласува хиерархијата, традицијата, ритуалите и обичаите, специфичните униформи и инсигнии.
Во високо милитаризираните култури, како што е Турција, ваквата верност кон државата се повторува низ поголем дел од постоењето на Република Турција. Секој 29 октомври Турците го слават Денот на Републиката (Cumhuriyet Bajrami), на денот кога во 1923 година Ататурк ја основал новата држава. Училиштата тогаш не работат. Наместо тоа, учениците се собираат во јавноста и рецитираат турски поеми или пеат песни во чест на историјата на Републиката. Градовите организираат собири, концерти и говори во текот на целиот ден. Учениците задолжително ја рецитираат својата заклетва, која е укината по доаѓањео на Партијата за правда и развој (АКП) на власт: „Јас сум Турчин, чесен и работлив. Моите начела се да ги штитам помладите, да ги почитувам постарите, да ја сакам татковината и нацијата повеќе од себе. Мојот иедеал е раст и напредок. Ох, голем Ататурк! На патот кој го поплочи, се колнам дека ќе одам кон целите кои ги одреди. Моето постоење ќе биде посветено на турското постоење. Колку е среќен оној кој вели 'Јас сум Турчин'!“
Ваквиот национализам не е ништо посебно, затоа што во Турција тој е дел од дневниот политички дискурс. Државата има активна улога во зачувувањето на таквиот национализам, а сеприсутниот Ататурк ги надминува границите на државно спонзорство, и се наоѓа во секој дел од турското секојдневие. Култот на личноста на Ататурк е фасцинантен, но ослабнува. Радикалниот модерен пресврт кој Ататурк го направил ја исфрлил од видокруг исламската традиција, иако повеќето турски граѓани се сметаат себеси за религиозни. Ататурк создаде авторитарна воена држава втемелена на либералните европски политички идеи, делумно врзани со неговата верност на слободноѕидарските начела, со оглед на тоа дека бил член на ложата во Солун, која ја сочинувале османлиски воени функционери.
Како симболичен напад на оваа врска, пред НАТО самитот во Истанбул 2004 изведен е терористички напад со бомба во Истанбул, и тоа на масонската ложа. Нападот го изведе Исламскиот фронт на големите источни јавачи, милитантна организација настаната во 1970, а која постои и денес. Се темели на идеологијата на Бујук Догу (Големиот Исток) која ја осмисли Неџип Фазил Кисакурек, познат турски книжевник, поет и исламистички идеолог. Групата сака да основа сунитска исламска федерална држава на Блискиот исток и повторно да создаде калифат. Посебно се спротивставени на шиитските, алевитските, христијанските и еврејските интереси, и сметаат дека е дозволено да се користи насилство против дипломатите, претприемачите и другите верски групи.
Иако се тврди дека нема многу слободни ѕидари (нешто повеќе од десет илјади членови), тоа има долга традиција во секуларна Турција, особено меѓу воените чиновници, претприемачите, академиците и политичарите. Во очите на јавноста, слободното ѕидарство често се поврзува со ционизмот и Израел, особено затоа што во времето на Османлиското царство членството претежно било еврејско. Интересно е дека поранешниот претседател Сулејман Демирел мораше да напише јавно соопштение дека не е масон пред да стане претседателски кандидат на својата партија. И поранешниот претседател Неџметин Ербакан имаше јавна антимасонска позиција во својата политичка теорија наречена „Национална визија“.
При доаѓањето на Реџеп Таип Ердоган, кај мнозинството постоеше јавно присутниот култ на личноста и кемалистичкиот став. АКП, донекаде оправдано, почна да го преиспитува турскиот однос кон кемализмот и радикално секуларната идеологија. Во културната војна секогаш на војската се гледаше како на гарант на секуларниот поредок и идеологијата на Ататурк. Причина за тоа не е само одбрана на државата, туку концептот на цивилно-воени односи кои во западните земји се вкоренети во секуларизмот и се одвоени од цивилните и воените делови на власта. Меѓутоа, во исламот, дури и концептот на одвоеност не постои, бидејќи не постои поддршка на секуларизмот и разлики помеѓу воените и цивилните чиновници. Затоа, постојат многу муслимански земји кои денес или во минатото биле под власт на војската или војската доминирала. Тоа може да се рече за Алжир, Либија, Египет, Судан, Турција, Иран, Ирак, Сирија и бројни други земји.
Но, колку повеќе државната елита го користеше секуларизмот како политички проект со кој се контролира силата на верските групи во Турција, толку државата стануваше помалку плуралистичка и демократска. Затоа во современото турско општество критиката на секуларизмот главно беше за начинот на кој државата владее преку регулирање и управување на верските заедници. Институционалното одвојување на религиските и политичките подрачја почна да се преиспитува токму преку политичките партии. Прво реагираше војската, рушејќи ја владата на происламистичките челници Мендерес и Ербакан, неволно следејќи ги настаните околу бирањето на АКП и постојаниот раст на партијата која има идеологија како Муслиманското братство.
Единствената идеологија која се чини популарна и ефикасна во исламските земји е исламската идеологија, но таа во Турција истоврмено ги поттикна процесите на сакрализација и деприватизација на религијата, и со тоа ја натера војската да размислува. Во еден миг Турција имаше двојна суверена моќ, онаа политичката и онаа воената, при што двете беа прилично независни. Меѓутоа, бидејќи исламистичката идеологија е промилитарна и ексклузивна, војската сфати дека има можност да делува во рамки на својата вообичаена улога дури и под исламистичка власт, како што постои исламистичка идеолошка поддршка на воените влади во некои земји (најблизок пример е Пакистан).
Крајниот семиотички показател на новата верност на војската стигна минатата година со одлуката на Високиот воен суд, според која турските воени сили го ублажуваат својот строг однос кон носењето шамија, влегувањето на сопругите, децата и родителите во воените бази со верски обележја, што овозможи ситуации во кои мајките и сопругите со шамија ги гледаат своите синови и мажи како положуваат заклетва пред обележјата на Ататурк – нешто пореди кое основачот на модерна Турција би се превртувал во гроб. До пред само неколку години, за воените сили беше незамисливо да се дозволи такво нешто. Генералот Аслан Ѓунер во 2007 година излезе од протоколот на дочекот на претседателот Абдула Ѓул на аеродромот и така избегна да ѝ пружи рака на неговата жена која носеше шамија. Кога во 2010 година Емине Ердоган, жена на тогашниот премиер, отиде во болницата на воената медицинска академија во Анкара за да ги посети пациентите, не ѝ беше дозволен влез затоа што носеше шамија.
Може да се каже дека турските вооружени сили навистина поминуваат низ промени паралелни на промените во општеството. Сосема сигурно поблагиот однос кон носењето шамија, па дури и брада, ќе придонесе позитивно за воено-цивилните односи. А неодамнешниот обид за воен пуч е само дополнителен доказ дека помеѓу Ердоган и воените челници постои разбирање и потреба за нормализација на државните односи. Сепак, внатрешната динамика, мислењата, вредностите и намерите на војската секогаш ќе бидат во главата на Ердоган, затоа што турската војска, во случај на одлична констелација, сосема сигурно би тргнала во рушење на исламистичка влада, при што судбината на Ердоган би била идентична како онаа на Мохамед Морси во Египет.
Извор: www.advance.hr