Врбопуц*

20.07.2016 01:17
Врбопуц*

„И понатаму се кратки“, вели тетка ми низ шпенадлата во забите. И додава дека машките бермуди треба сепак да бидат малку под колената, како и женските здолништа, впрочем. Кимнувам со главата зашто знам дека нема да добијам пократки од овие, дури и да сум најдобар преговарач на планетата. Тетка ми пали цигара и ја додава покрај шпенадлата. Малку замижува додека повлекува чад, го дува покрај мене и одлучува, штом го заврши фирцањето, двајцата да одиме на кафе. Се радувам на секое мало патување од станот на тетка ми до кафулето каде обично седиме, иако никогаш не ѝ го кажувам тоа.

Чекориме низбрдо кон гостилницата „Пролет“ и мојата шеесет и четири години постара тетка е секогаш чекор-два пред мене. Има долги стапала и две запалки во џебот од здолништето.

„Пак те фатил твојот врбопуц, не слушаш што ти зборувам и постојано гледаш во лисјето. Она кога ќе те удри пролетта, па не знаеш каде си, тоа ние некогаш го викавме врбопуц“, објаснува тетка ми палејќи нова цигара. Не ми забележува што одам побавно и што се вртам по точкестите црвени бубачки и дрвјата.

Пиеме кафе и тетка ми зборува за тетин ми кој сакал да свири клавир и да прави пита со јаболка и за нивните чести патувања некогаш. Потоа додава дека ѝ е драго што, кога веќе само седам и ги пишувам тие мои песни, ќе можам некому некаде и да ги прочитам, а најмило ѝ е што конечно ќе можам некаде да отпатувам. Криво ѝ е што нејзиниот брат, а мој татко, барем не се потруди да го разбере тоа и што поради тоа секое утро започнува кавга со него. За бермудите да не се грижам, ќе ги доврши до вечер, да ги имам за пат. Молчам и гледам во пепелта на нејзината цигара која сега веќе е голема колку потенка тапа. За неколку мигови сама ќе се истресе на чаршафот покрај шолјата, тетка ми ќе го собере со работ од запалката на дланката, па во преполниот пепелник.

Утредента во возот лактите ми се лепат за дршката од седиштето и пијам кафе од термос. Размислувам како татко ми утрово не излезе од собата сè додека не се спакував и излегов. Мислам и на Маша која вчера од тролејбусот ја видов пред киното, како купува карти, а мене ми рече дека сака да гледа филмови во кино и дека речиси секогаш заспива пред крајот. Мижам, сркнувам од кафето и се трудам да замислам како изгледа малиот град на врвот на Полска во кој е поетскиот фестивал на кој тргнав. Се плашам дека таму ништо нема да направам како што треба. Се срамам што косата ми е леплива и нешишана, веѓите прегусти, а ноктите изгризани.

Тетка ми не сака да се прегрнува и поздравува кога одам некаде. Додека синоќа излегував од нејзиниот стан, на скалите ми дофрли кеса со скратените бермуди и малку пари, поврзани со тегет конец за фирцање.

„Да имаш за кафе таму“, довикна и ми трепна кратко со двете очи, во знак на поздрав.

По ден и пол патување и три возови со различни бои на влакната на седиштето, стигнувам во гратчето. Има езеро, мал стадион и една улица и мене таму сè ми е добро. Во бермудите кои мирисаат на тутун пијам кафе, одам наоколу и никој ништо не ми забележува. На подноктиците и грдата фризура не стигнувам ни да се сетам. Јадам топчиња од компир и постојано се смеам. Потоа утрото од татко ми стигнува порака дека на тетка ми не ѝ е добро и, ако можам, што побрзо да се вратам.

Во возот одонде преку лицето имам качкет со реклама за некои полски цигари. Ми студи и не сакам некој да види дека плачам. Се пикам во влакнестото седиште и тука останувам до крајот на патувањето.

Следниот ден седам на неотпакуваниот куфер и пијам кафе. Не можам ништо да правам и ѝ се лутам на пролетта. Сè уште ми студи и во стомакот чувствувам нешто грдо, како да сум ги проголтал сите оние црвени бубачки од тротоарот. Попладне излегувам до трафиката и прв пат во животот палам цигара.

Превод од српски: Иван Шопов
Слики: Џон Фокс

Милена Илиќ (Белград, 1978), пишува песни и кратки раскази, слуша музика, оди и свирка. Работи како наставничка во основно училиште.

_____________________________________________

* Врбопуц - српски архаичен збор; кованица која означува пукање на врбите; овој збор се користи за да се опише „пролетното лудило“ кога дрвјата „распукуваат“ од цутење, а истото се случува и со чувствата кај младите (заб. на прев.)

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото