Патувачкото кино на „МакеДокс“ на „Д-Фестивал“

20.07.2016 01:57
Патувачкото кино на „МакеДокс“ на „Д-Фестивал“

Со проекциите на документарните филмови „Ликвидатор“, „Дае“, „Ритам и звук“, „Во потрага по Фела“ и „Звукокршач“, Патувачкото кино беше дел од креативното здружување на музичкиот „Д-Фестивал“, што се одржа од 15 до 17 јули во Стар Дојран.

Патувачкото кино на „МакеДокс“, кое оваа година од 11 до 25 јули е во валандовско-дојранскиот регион, со селекцијата на музички документарни филмови направена за „Д-Фестивал“ даде свој придонес во обемната тридневна програма на музичкиот фестивал што од година во година привлекува сѐ повеќе музички фанови, но и туристи. Покрај музичката програма, на фестивалот се случија и поетски читања, рекреативно-забавни активности и повеќе дебати на невладиниот сектор. Оваа година во програмата беа ставени и филмските проекции на „МакеДокс“.

Првично замислени да се одвиваат пред сцената „Москито“, поради невреме и силен ветер, организаторите на „Д-Фестивал“ и екипата на МакеДокс“ требаше да пронајдат нова локација за поставување на филмското платно. Имајќи предвид дека во црквата „Свети Илија“ веќе се одвива музичка пладневна програма, беше одлучено на третиот ден од фестивалот во вечерните часови проекциите во форма на филмски маратон да се одржат во црквата.

Во црквата „Св. Илија“, која е препознатливо обележје на Стар Дојран и претставува значајно културно наследство од 19. век, во тек е процесот на реставрација и непосредна заштита на објектот. Проектот се реализира со цел овој духовен храм да се преосвети и повторно да биде ставен во активна црковна служба. Чинот на осветување на црквата треба да се случи во спомен на стогодишнината од бомбардирањето во Првата светска војна, кога храмот претрпел сериозни оштетувања и бил ставен надвор од употреба.

Црквата „Свети Илија“ во Дојран е изградена во 1848 година година со доброволни прилози од дојранските верници. Главен архитект бил Ѓорѓе Новаков од велешкото село Папрадиште. Во поново време познато е дека во разрушената црква додека била без покрив, значи под отворено небо, се одвивале проекции на македонската филмска продукција во рамките на некогашната културна манифестација „Дојрански ракувања“. На некој начин, со проекциите во црквата, Патувачкото кино ја продолжи таа стара традиција.

По Дојран, Патувачкото кино се враќа на својата патека, а следни станици се Костурино (19 јули), Јосифово (20 јули), Валандово (22 јули), Богданци (23 јули) и Фурка (25 јули).