Што донесува вонредната состојба во Турција?

21.07.2016 11:09
Што донесува вонредната состојба во Турција?

Законот за вонредна состојба во Турција кој е на сила од 1983 година во извесна мера е застарен, па не може со сигурност да се процени како ќе биде применет сега, кога претседателот Реџеп Таип Ердоган прогласи тримесечна вонредна состојба поради обидот за пуч.

Важна одредба на законот е што отвора пат за владеење со претседателски декрети.

Со законот е предвидено вонредна состојба да се прогласи во случај на природни катастрофи, епидемии, економски кризи и „во случај на сериозно нарушување на јавниот ред, прво: поради сериозни навестувања на насилни акции чија цел е рушење на слободното демократско уредување воспоставено со Устав, или темелните права и слободи, и второ: во случај на насилни инциденти“.

Според овој закон, Министерскиот совет, земајќи го предвид мислењето на Советот за национална безбедност, на заседание со кое претседава претседателот на Републиката прогласува вонредна состојба на дел од територијата или во целата земја, во период не подолг од шест месеци.

Траењето на вонредната состојба може да го продолжи Собранието на Турција, што и се случи во 1987, кога беше прогласена вонредна состојба на југоистокот на Турција, која важеше до 2002 година.

Според законот за вонредна состојба, може да се ограничи или забрани сообраќајот, собирите, движењето на некои места во одредено време, може да се нареди претресување на лица, возила и запленување предмети кои се сметаат за доказен материјал, а може да им се нареди на граѓаните постојано да носат лични карти.

Може да се забрани печатење и дистрибуција на весници, списанија и друг печатен материјал, да се воведе контрола од секаков облик на печатените и аудио-визуелните медиуми, како и театарските претстави и филмовите кои јавно се прикажуваат.

Со воведувањето вонредна состојба, се укинуваат сите уставни ограничувања за издавање претседателски декрети.

Надзрот над мерките кои се спроведуваат во текот на вонредната состојба е во надлежност на кабинетот на премиерот или министерството кое премиерот ќе го овласти за тоа, а се основа и координативно тело во кое се надлежни министерствата.

Извор: 6YKA