Лична одговорност, зборуваме за лична одговорност!

22.07.2016 12:40
Лична одговорност, зборуваме за лична одговорност!

Неодамна, на бурек кај „Мики“ во Струга, ми приоѓа еден крупен човек со бричена глава, темни наочари кренати на чело, златен ланец околу вратот и масивни прстени и брезлетни околу рацете. Ми се претставува, вели дека ме препознава и дека е „во ред“ тоа што го пишувам и зборувам, па прашува дали може да ми се придружи. Се согласувам и тој го почнува својот монолог за политичката состојба во градот и во земјата. Ништо неразумно.

Се чини, поведението на сите оние што се некакви управувачи е идентично ширум Македонија: самоволие, репресија, отсуство на демократска контрола и одговорност. Одеднаш ми поставува едно реторичко прашање: зошто сето она што го правеле поединци во највисоките ешалони на власта, објавено во „бомбите“, се затскрива зад партиските политики. Почетокот на кризата пред година и половина, гласно размислува тој, целосно на линија на моите размислувања, е врзано за скандалот со откривањето на злоупотребите на власта од страна на највисоки државни функционери. Тоа нема никаква врска, вели, ниту со ВМРО, ниту со СДСМ ниту со ДУИ или ДПА. Тоа има врска единствено со личната одговорност на оние кои го прекршиле законот, од било која партија и да се. И толку.

Патем спомнува дека казните на патиштата на кои вози се прилично ригорозни, и тие се многу лични. Инаку, не му е важен изворот на информациите на „бомбите“, наши служби-странски служби,важно му е да се утврди вистината и да следи правдата како лична одговорност.

Денес, водачот на владејачката партија, со својата изјава, само ги потврди стравувањата на мојот корпулентен соговорник, возач на некакво превозно средство, дека личната одговорност продолжува да се затскрива зад партиските политики и програми. Имено, поздравувајќи го договорот помеѓу партиите, досегашниот премиер, заклучува дека е сега време народот да се изјасни чија политика и која гарнитура ја поддржува. Чија политика е во ред, но за која гарнитура, ќе причекаме. Зошто, каде е личната одговорност на оние кои се осомничени за злоупотреба на власта, меѓу кои е и самиот тој. Наводната кинеска провизија, на пример?

Па, редно е барем тоа да се расчисти. Еве, да речеме дека народот и натаму ја поддржува политиката на ВМРО-ДПМНЕ. Ако биде резултат на чесни избори, таа волја ќе мора да се почитува, но што е со личната одговорност на луѓе од „гарнитурата“. Во демократиите тоа не оди „во пакет“: како партија можете навистина да имате најдобра политика, запишана во најсјана програма, но одговорноста е многу лична. Едното не го покрива другото, и затоа мора да се раздвои. Во спротивно, кризата и моралниот пад на македонското општество ќе продолжат и после изборите, а цинизмот и лицемерието секојдневно ќе добиваат нови приврзеници. Едноставно, не е можно да се заборават слушнатите работи, кои звучат многу веродостојно. Затоа, мора да се утврди вистината, а правдата да си го земе својот тек.

Дури на крајот од тој процес, македонските политичари со чист образ, ќе можат да го прашаат народот која политика и која гарнитура ја поддржуваат. Дотогаш, сите оние од власта инволвирани во аферата со прислушувањето, ќе сторат добро ако останат понастрана барем од наредните избори.

Банери: Кома
Извор: Плусинфо

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото