Како критички да се размислува?

25.07.2016 09:34
Како критички да се размислува?

Тоа не е здрав разум.

Здравиот разум е начин на размислување што многу често нè мами. Мислиме дека е навистина одлично што го имаме најздравиот од сите здрави разуми околу нас, но и понатаму крајно несвесно правиме некои грешки. Дали грешиме во изборот на партнерот или банката, или не сме во состојба да ја максимираме месечната заработувачка или џепарлакот? Ќе мора да се преиспитаме. Многу е веројатно дека нè кочи токму сопствениот здрав разум – сет на мислење што сме го прифатиле додека сме биле многу малечки или помеѓу врсниците во средното училиште.
Времето минува, науката константно се оспорува. Фала богу, она што еднаш важело веќе не важи. Исто така и нашите ставови мора повремено да се пуштат низ сито, да се прочешлаат и да се задржи тоа што сè уште вреди, а останатото великодушно да се пушти по вода каде ќе се деконструира.

Значи, за проверување на здравиот разум потребно е да имаш, то ест да умееш критички да размислуваш. Тоа значи дека доколку сакаме исправно да судиме за тероризмот или за исправноста на работата на нашата влада или некоја друга, неопходно е, на пример, да умееме барем малку да ја користиме статистиката и веројатностите. Значи, научната писменост е клучот на исправното размислување за секојдневните работи. Филозофија да, но исто така и физика и математика. Честопати, учениците мислат дека работите што ги учат на училиште веројатно никогаш подоцна во животот нема да им притребаат и лесно ги забораваат ако воопшто и некогаш ги научиле. Меѓутоа, децата кои не ја гледаат смислата во учењето физика, математика или хемија, подоцна често немаат доволно алатки за правилно критичко размислување, особено за неговата нумеричка страна. Или како што тоа исправно се илустрира во скорешното издание на New Scientists, „учебниците тешко се преведуваат во пракса: микробиологијата навистина изгледа многу далечна кога е потребно да се донесе одлука кого вреди да слушаме кога станува збор за вакцинирањето на децата“.

Критичкото размислување го редефинира начинот на кој го гледаме својот живот или како го анализираме влијанието на групата. Тоа ни помага да ги контролираме своите емоции. Практично е невозможно да се досадуваме доколку умееме да размислуваме на овој начин.

Критичкото размислување е од суштинска важност за себенабљудувањето. Доколку сакаме да живееме живот што има смисла, мора да сме во состојба да судиме и да промислуваме за своите вредности и одлуки. За да ги надминеме предрасудите и стереотипите кон кои сме наклонети, важно е критички да размислуваме. Можноста за јасно и рационално размислување е важна во секоја работа. Некој што критички размислува може да ги види логичките врски помеѓу работите, да ги создава и толкува аргументите, да ги увиди неправилностите и општите грешки во размислувањето, систематски да ги решава проблемите, да го раздвојува важното од неважното и да знае кога ќе му даде предност на емотивното заклучување.


Слики: Patric Sandri

Извор:  „Елементи“, списание за промоција на науката

ОкоБоли главаВицФото