На спомениците не треба да им се верува

26.07.2016 11:04
На спомениците не треба да им се верува

29.
„Могилата на непобедените“, едно од ремек делата на Богдан Богдановиќ во Македонија, била нарачана по повод одбележувањето на 20-годишнината од востанието / првата пушка во Прилеп. Веќе самата локација што ја одбрал градителот (вон понудените три), а којашто тој ја нарекува „воздушен споменик“, укажува на мудро око: на извишено плато веднаш до градот, на место кадешто претходно имало парк, релативно осамено и „празно“ а сепак достапно … на самата граница помеѓу урбаното и природното, со плаво небо како позадина (барем во тоа време, се разбира!).

И Богдановиќ „конструирал“ споменик – некропола, ремек дело не само за тоа време, без државни или партиски обележја, без идеолошки симболи … Само големи „деформирани“, односно женсковидно заоблени (7) столбови налик на јонски, високи 2.9 метри. „Моите нимфи“, како што ги нарекува авторот. Но тие се и надреалистички нимфи, зашто имаат две лица: во анфас и во профил. И всушност, целиот споменик е со доминантен женски принцип. Пред се’ заради „нимфите“, зашто жената го претставува континуитетот. Жртвата е дадена, но животот мора да продолжи!

Бидејќи градските претставници не биле целосно задоволни со понуденото и сметале дека мора да има и некакво победоносно обележје, Богдановиќ направил уште еден столб, повисок од другите и дијагонално профилиран во поднежјето и го нарекол „божица на победата“. Гладта за симболика била задоволена!

(Денес се среќаваат и поинакви толкувања за карактерот на споменикот, пред се’ на столбовите коишто, наводно, претставуваат урни, а најголемата пак го носи вечниот пламен, итн. Тоа уште еднаш говори за податноста на овој тип на споменици за разни наративи, за општи но и лични толкувања. Толкувањето што јас го давам се темели на искажувањата на Богдан Богдановиќ за овој споменик1).

30.

Не знам дали во еден ваков контекст смеам да го ставам и нашево спомен обележје што глуми „Споменик на паднатите херои“ во Скопје. Тоа веројатно би била длабока навреда и кон споменикот во Прилеп и кон неговиот автор но, од друга страна, станува збор за „тематски“ сличен контекст на споменичко одбележување и, според искажувањето на авторот на вториот споменик (Томе Аџиевски), за спроведување на сличен (антички) концепт. Аџиевски сака да потенцира дека споменикот е составен од неколку целини, што секако е евидентно, при што античкиот концепт е превземен преку трите дела: агората или светот на живите (со фонтана и фигурата на Прометеј), портата (со квадрилата како почит кон мртвите херои) како премин и конечно ротондата (со божицата на победата) како простор на мртвите односно на вечноста. И тоа звучи доста пристојно, да не речам убедливо. Иако и многу различно од сето она што го гледаме во потесниот и поширокиот круг околу ова спомен обележје. Што пак не го земам за негова слабост, дури напротив, но: дали тоа, таа различност од сите други спомен обележја што глумат споменици го натерала авторот да се дообјаснува себеси, и делото, преку краток текст – објаснение делено на новинарите? „Естетската рамка на проектот е класицистичка во постмодерна постапка што гази на тенката линија помеѓу културата и ангажманот. Препознатливи се германскиот неокласицизам во архитектурата и францускиот академизам во скулптурите. Проектот во целина е лишен од декорации со нагласен минимализам во архитектурата пропратен со модернистички скулптурални решенија. Инспиративен мотив за фигуративната скулптура на проектот ми беше концептот за рехабилитација на предвоената европска пост-Харковска скулптура. Моќниот ангажман кај скулпторите Вера Мухина, Георг Колбе и др, заслужува почит од денешна дистанца …“, вели Аџиевски во неговото писание. И колку и да е необично еден уметник – а Аџиевски тоа беше, за разлика од повеќето кои беа вклучени во „Скопје 2014“ – да си го „дообјаснува“ делото, овие неколку реченици само ни ја потврдуваат извесната конфузија во „концептот“: од класицистичка преку модерна до постмодерна постапка (три во едно!), од германски неокласицизам преку француски академизам до пост-Харковска скулптура и Вера Мухина и Георг Колбе (пет во едно), итн.

Во една анкета по повод целиот самонаречен проект „Скопје 2014“, за ова дело напишав: „Кога ќе го слушнете уметникот Аџиевски како го објаснува значењето на ’делото’, односно дека ’значењето е универзално, светско, сите елементи што се на споменикот се од универзална природа’ – се’ ви е јасно. Кога тој самиот не знае што направил, како ќе знаеме ние? Во секој случај, македонската историја на уметноста ќе го забележи како најголем (по димензии) плагијат на овие простори. Жалам што во минатото сум потрошил прилично време за овој ’уметник’“2.

Или, ако сакате, ова „објаснување“ на Аџиевски само уште повеќе ни ја комплицира пробавната агонија со ова спомен обележје, зацврстувајќи го ставот дека авторот сакал многу да каже, ама не кажал – ништо! Односно, попрецизно, барем јас мислев дека ќе се „дообјаснува“ себеси тоест ќе посочи паралели со неговата постара скулптура (коњите, на пример), дека ќе скицира развојна линија во неговото творештво наместо да се обидува да се мери со немерливи нешта, особено нештата од европски ранг!

31.

Или, ако сакате, сè што Богдан Богдановиќ успеал како емоција и уметност да извлече од „приказната“ за непобедените во Прилеп, сето тоа односно (приближно) истата приказна / тема Аџиевски успеал да го поништи со импостираниот златносјаен шум и „болните сетилни дразби“ (М. Грчев) што тој ги предизвикува. Зашто кај него нема ни меморија ниту комеморација, ни чест ниту почит, ни стојност ниту понизност пред саможртвата … Дури напротив, тоа спомен обележје – споменик како да е замислено да произведува непријатна звучност, дури силина на екот со неговата кичеста помпезност и непотребно перчење, со потенцираниот блескот и „суперчовечка“ предимензионираност. Нашиот контакт со него предизвикува контраефект: стриповска радозналост и вчудовидување, идеја за циркус или гладијаторски борби, нападна самопромоција и непријатна отуѓеност!

Но кога би можел(е) тука и да застанеме.

________________________________________________

[1] Urša Komac, Pablo Guillén, Bogdan Bogdanovic and the public space to enjoy solitude:Prilep, Travnik and Vukovar, S A J, 2011, 3

[2] Окно анкета за СКо14 (7), 10.10.2012

Слики: Свирачиња

Извор: https://teodosievskiumetnost.wordpress.com

ОкоБоли главаВицФото