1023 hPa
100 %
7 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 23:59
Иако наталната карта како персонален астролошки наод, делува поуверливо од вашиот дневен хороскоп, таа е скроена на истиот принцип. Таа, исто така, се однесува на вас и на уште приближно 600 милиони други луѓе. Тогаш, како е возможно описите на карактерите што одат со наталната карта да звучат толку единствено?
Погледнете го следниот опис: Преферирате промени и разновидност, а станувате незадоволни кога работите стануваат еднолични.
Дали оваа реченица добро ве опишува? Веруваме дека вашиот одговор е потврден; и тоа не затоа што се потрудивме да добиете личен примерок на списанието „Елементи“, туку затоа што е толку општа што повеќето наши читатели (и целата редакција) веднаш се препознаваат.
Тенденцијата на луѓето тривијалните и генерални тврдења да ги проценуваат како точни описи на својата личност е позната како Фореров или Барнум ефект, и психолозите ја проучуваат веќе речиси 70 години. Форер бил психолог кој прв го демонстрирал постоењето на овој феномен, а Барнум бил забавувач и сопственик на циркус кој принципот „за секого по нешто“ успешно го применувал во својата работа многу пред да почнат психолозите да го испитуваат.
Во еден од најпознатите експерименти во социјалната психологија, Форер побарал од своите студенти да пополнат тест на личноста. За неколку дена студентите ги добиле резултатите од тестирањата, краток опис на својата личност, кој, како што воодушевено тврделе, бил многу точен – во просек барем 85 проценти точен. Но, возбудата спласнала кога студентите дознале дека Форер на сите студенти им дал ист опис на личноста, составен од хороскопски рeченици слични на реченицата што предмалку ви ја понудивме како потенцијален опис на вашата личност.
Експериметот на Форер бил повторен многупати, на различни популации и во различни култури, и секогаш испитаниците биле уверени дека токму описот на нивната личност е умножен и поделен на останатите.
Силата на Барнум ефектот многу малку зависи од (вистинската) личност на испитаникот, а многу повеќе од верувањето на испитаниците дека резултатот што го добиле е специфичен за нив; на пример, испитаниците кои мислат дека описот што го добиле е направен врз основа на денот, месецот и годината на раѓање проценуваат дека тој подобро ги опишува од испитаниците на кои им е кажано дека нивниот профил е изграден само врз основа на месецот и годината на раѓање.
Исто така, испитаниците многу лесно се препознаваат во позитивните описи, додека се резервирани кон негативните; за да може лицето да прифати одреден опис како добра карактеризација на својата личност, тој мора да содржи пет пати повеќе позитивни отколку негативни тврдења. На ласкање не се имуни ни оние кои не веруваат во хороскоп – кога на скептици ќе им се понуди хороскоп полн со комплименти, тие почнуваат да веруваат „дека тука сепак има нешто“.
Она што исто така ѝ помага на астрологијата и на сличните дисциплини да делуваат поуспешно во своите анализи и предвидувања е тенденцијата на луѓето да ги помнат информациите и настаните кои одговараат на нивните уверувања, односно да ги забораваат оние кои не се вклопуваат во нив. Колешката која е наклонета кон астрологијата ќе ви ги пренесе од збор до збор сите три примери кога нејзиниот астролог бил во право, но нема да ви пријави 33 ситуации кога не било така.
Иако прикажаните когнитивни механизми ни помагаат да разбереме зошто на луѓето им се чини дека астрологијата има некој успех во своите тврдења, тие се само средство со чија помош астролозите одговараат на потребата на луѓето за смисла и објаснување на работите што им се случуваат.
Астрологијата нуди нешто што ниедна наука не може – извесност. На многумина астролозите им изгледаат утешно – како луѓе кои може да објаснат како се поврзани случајните настани и кои може да ослободат од анксиозноста што неизвесноста ја носи со себе. Таквата понуда им е привлечна на сите, а особено на луѓе кои се соочени со комплексни проблеми, со многу непознати, за кои рационалниот научен пристап нема соодветно решение. Нема ни астрологијата, но не ѝ е проблем да го тврди спротивното.
Слики: Carolina Espinoza
Извор: „Елементи“, списание за промоција на науката