Поезијата како чин на бунт (1)

26.07.2016 13:12
Поезијата како чин на бунт (1)

Lawrence Ferlinghetti (1919), поет, сликар, либерален активист и издавач, е последниот жив припадник на легендарната бит (beat) генерација. Ферлингети денес има големо влијание не само на современата американска литература, туку и на издаваштвото. Бил и прозен писател, преведувач, критичар, филмски наратор, а работел и во театар. Неговата најпопуларна и најпреведувана стихозбирка е Coney Island of the MInd (1958). „Кони Ајленд на Умот“ е преведена на девет јазици и продадена во повеќе од милион примероци. Иако во потполност не ја делел животната и естетската филозофија на битниците, покрај Гинзберг, Бароуз и Кероуак, се смета за еден од припадниците на најтесното јадро на движењето. Овековечен е во ликот на Лоренцо Монсанто во романот на Кероуак, Big Sur (1962).

За интегритетот на Ферлингети добро зборува една контроверзна случка од 2012 година, кога одбил да ја прими големата меѓународна награда за поезија „Јанус Панониус“ (паричниот дел изнесувал 50.000 евра) како израз на противење на десничарскиот режим на унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој делумно го спонзорира тоа вносно книжевно признание.

Во продолжение го пренесуваме (во два дела, денес и утре) преводот на неговото дело Poetry as Insurgent Act (2007). „Поезијата како чин на бунт“ е збирка со афоризми, патемни забелешки и опсервации за природата и целта на поезијата. Започната е уште во 1950-ите кога Ферлингети го пронаоѓал својот препознатлив глас меѓу поетите на бит генерацијата и ја почнувал издавачката кариера втемелувајќи го книгоиздателството City Lights во Сан Франциско.

 

 

Поезијата како чин на бунт

за Ненси Џојс Питерс

Мртви се шумите на Аркадија,
дојде крајот на древната им радост.
Со сон се хранеше стариот свет;
сега е сива вистината во бојосаната играчка...
Вилијам Батлер Јејтс

Какви се тоа времиња
кога пишувањето љубовна песна
е речиси злостор
Оти за толкуте
ужаси
толку молчи...
по Бертолт Брехт

„Се извинуваме поради непријатноста,
но ова е револуција!“
поткомандант Маркос

***

Ти испраќам сигнали низ пламен.

Северниот пол не е таму каде што беше.

Манифестот на Судбината веќе не е манифест.

Цивилизацијата се самоуништува. Немезисот чука на врата.

Чуму поети во вакви времиња?
Има ли корист од поезијата?

Печатарската преса поезијата ја втиши
толку што остана без песна. Пак нека пропее.

Ако сакаш да бидеш поет, создавај дела кадарни да одговорат
на предизвикот на апокалиптичните времиња, дури ако тоа
значи дека ќе звучиш апокалиптично.

Ти си Витман, ти си По, ти си Марк Твен, ти си Емили
Дикинсон и Една Винсент Милеј, ти си Неруда и
Мајаковски и Пазолини, ти си Американец и не-Американец,
Ти со збор можеш да ги освоиш освојувачите.

Ако сакаш да бидеш поет, пишувај живи весници. Биди репортер
од космосот што му испраќа пораки на врховниот главен уредник
кој верува во голотијата на вистината и слабо трпи какви било
срања.

Ако сакаш да бидеш поет, експериментирај со сите
видови поетики, еротски искинати граматики,
екстатични религии, домородечки баења во
транс, бомбастични јавни говори, автоматски
чкртаници, надреалистички насетувања, струи на свест,
пронајдени звуци, лупетања и манијачења - не би ли
го создал сопствениот лимбичен, сепроникнувачки глас, својот ур глас.

Ако се нарекуваш поет, немој само тука да седиш. Поезијата
не е седечка активност, не е една од оние „само-ти-
седни-си-на-своето-место“ практики. Станувај, друг нека седне.

Имај ширина на визијата, во секој поглед најди го случајниот свет.
Изрази ги непрегледноста на надворешниот свет, Сонцето кое сите
нè гледа, Месечината што нè шара со сенки, тивките езерца по градините,
певот на скриените дроздови во врбите, самракот над речната
матица, пространствата што се отвораат кон хоризонтот...
високата плима и чапјиниот зов... и луѓето, да, луѓето ширум
земјата во вавилонскиот хаос.
Дај им глас на сите нив.

Мораш да решиш дали птичјиот лелек е лелек на очајување или
екстаза; по тоа ќе знаеш дали си трагичен или лирски поет.

Ако сакаш да бидеш поет, откриј им на смртниците нов начин
да се продолжи земјата.

Ако сакаш да бидеш поет, објавувај нови вистини, кои светот
нема да може да ги негира.

Ако сакаш да бидеш голем поет, настојувај да ја транскрибираш
свеста на расата.

Со помош на уметноста од хаосот на животот создавај ред.

Твоите новости нека бидат нови.

Пишувај отаде времето.

Преобрази ја идејата на вистината.

Преобрази ја идејата на убавината.

Со првата светлина биди поетичен. Ноќе, пак, биди трагичен.

Слушај го галежот на лисјето и мрешкањето на дождот.

Потпри го увото врз почвата и наслушни ги вртежот на земјата,
ширењето на хоризонтот и тажаленките на животните штп умираат.

Замисли љубов од онаа страна на сексот.

Преиспитај сè и секого, вклучувајќи го и Сократ којшто сè
ставал под прашање.

Преиспитај го „Бога“ и неговите пајташи на земјата.

Биди субверзивен, постојано испитувај ги стварноста и статус квото.

Настојувај да го менуваш светот така што веќе никој нема да има потреба
да биде дисидент.

Хип-хопирај и рапувај го својот пат на ослободувањето.

Обиди се да бидеш животно што пее, кое се претворило во
сводник на кралот миротворец.

Читај помеѓу животите и пишувај помеѓу редовите.

Твоите песни мораат да бидат нешто повеќе од рубрика на осамени срца.

Песната мора да пее и лета со тебе, инаку е мртва патка со прозна душа.

Лирската песна мора да се издигне над звуците најдени во абецедната супа.

Запишувај ги зборовите на астрономите кои заедно со
Хајнхрих Олберс1 го виделе местото каде што сè е светлина.

Запомни дека во зборовите „ноќ, неколку ѕвезди“ има повеќе
поетска сила отколку во целиот каталог на небесата.

Твоите слики во песната треба да бидат jamais vu, а не déjà vu.

Зборовите можат да те спасат таму каде што пушките не можат.

Одлучи се дали е песната прашање или изјава, медитација или повик.

Преобрази ги Америка и светот.

Качи се на Статуата на слободата.

Сомневај се во метафизиката, верувај ѝ на имагинацијата и постојано потхранувај ја.

Наместо да бегаш од стварноста, нурни се во месото на светот.

Ако се нарекуваш поет, пеј, избегнувај го изјавниот тон.

Не давај да зборуваат дека буицата на фантазијата ја исушила калта на срцето.

Повторно зближи ги раскажаната приказна и живиот глас.

Ткај големи приказни, дури и оние најмрачните.
Подари ѝ глас на улицата без јазик.

Онеобичи ги обичните зборови.

Со човечката судбина љубовнички спори се.

Бакни го огледалото и на него тогаш забележи го виденото и слушнатото.

Поету, биди Божји шпион, ако Бог постои.
Сликару, сликај го Неговото око, ако Го има.

Биди мрачно суштество што лае пред шатрите на животот.

Види ружа низ со светот обоените стакла на очилата.

Биди им око на слепите.

Танцувај со волците и брои ги ѕвездите, вклучувајќи ги оние
чијашто светлина сеуште не допрела до нас.

Биди наивен, лишен од цинизам, како тој момент да си стигнал на
Земјата, вџашен со тоа што го гледаш.

Испрашувај ги со чисто срце неумоливото значење на нештата
и нашата трагикомична судба.

Имаш ли заводничка дарба, дали си овенчан со чудо?
Располагаш ли со луд звук? Биди луда на зенот.

Сонцето на поезијата фрла сенки. И нив насликај ги исто така.

Никогаш не можеш премногу да видиш, осетиш или чуеш.
Ако воопшто можеш да поднесеш такво нешто.

Настојувај да ја вратиш детската недолжност на окото.
Компонирај на јазикот, не на хартија.

Како будист, ослушнувај го сопствениот здив.

Втишај се и говори од градите, а не низ нос.

Кога јавно ја читаш својата поезија, настојувај од твојот глас да не се тресат прозорците во соседниот кварт.

За оваа уметност не постои учител по пеење,
затоа чувај го своето внатрешно уво.

Сјаен си само онолку колку и твоето уво.
Жалам случај ако е од ламарина.

Песните се погубно фалични. Токму како и луѓето.

Пеј Здраво!

Напиши бескрајна песна за својот живот на земјата или негде другде,
поезија поширока од животот.

Една сјајна песна би требало да изникне од збирот на сите твои песни,
бележејќи повеќе од површинската стварност,
повеќе од „она што минува под прозорецот“.

Најди ја пооддалечената стварност, ако постои.

Твојот јазик мора да пее, со рими или без нив, како би
го оправдал своето место во типографијата на стихот.

Нека биде повеќе од „говорна поезија“, нека биде
поезија на „испеаниот збор“.

Поткрепи го својот глас со некој музички инсрумент
или со некој друг звук и допушти им на своите песни
да расцутат во сонг.

Засакај ги фолк пеачите кои се вистински пеачи на она вчера и ова денес.

Читај помеѓу редовите на човечкиот дискурс.

Научи го умот како да управува со срцето.

Твојот живот е твојата поезија. Ако немаш душа, ќе пишуваш бездушна поезија.

Избегнувај го провинцијалното, сосредоточи се на универзалното.

Не ковај камења! Нурни во морето поради поезијата,
оти секоја песна е жива риба.

Искажи го неискажливото, невидливото направи го видливо.

Мисли субјективно, пишувај објективно.

Биди дословен толкувач на фантазијата.
Конкретното е најпоетично.

Мисли долги мисли во кратки реченици.

Ако сакаш да бидеш поет, не мисли дека секоја шашава мисла е песна.

Секои три реда не прават хаику.
Потребна е епифанија за работата да излезе на виделина.

По поетското читање, не се изложувај на сесиите „прашања и одговори“.
Поезијата на слушателите им овозможува „хај“. П&О нè враќаат на нивото на прозата.
Зарем некој од фолк пеачите бара да ги објаснуваат песните?

Налик на поле со сончогледи, песната не треба објаснување.
Ако песната треба да се појаснува, таа е комуникациски пропуст.

Поетот не би требал да го објаснува поетскиот занает или творечкиот процес.
Песната е повеќе од цеховска тајна, таа е мистична од сопствените мистерии.

(Втор дел)

Превод: П. В.
Слики: Paco Pomet
1 Heinrich Wilhem Matthias Olbers (1758-1840), германски физичар и астроном

ОкоБоли главаВицФото