За религијата и атеизмот

25.05.2010 10:43
За религијата и атеизмот

Со векови слушавме дека без религијата сме само егоистични животни кои меѓусебно се борат само за себе, дека единствениот наш морал е сличен на оној на глутницата волци: само религијата, ни се вели, може да нè возвиши на повисоко духовно рамниште. Денес, кога религијата сè повеќе станува инспирација за убиства и насилство низ целиот свет, убедувањата дека христијанските, муслиманските или хиндуистичките фундаменталисти само ги злоупотребуваат или первертираат благородните духовни пораки на своите вери звучат празно. А што е со враќањето на достоинството на атеизмот, едно од најголемите наследства на европската култура и можеби единствената наша можност за мир?

„Безбожен нихилизам“

Пред повеќе од сто години Достоевски, во романот „Браќа Карамазови“ и во другите свои дела, предупредуваше на опасноста од безбожниот морален нихилизам, всушност тврдејќи дека доколку Бог не постои – тогаш сè е дозволено. Францускиот филозоф Андре Глуксман дури и ја примени достоевската критика на безбожниот нихилизам по повод 11-ти септември 2001, насловувајќи ја својата книга „Достоевски на Менхетен“.

Таквата аргументација е сосем погрешна: лекцијата која ја учиме од денешниот тероризам е таа дека ако Бог постои, тогаш сè, вклучувајќи го и разнесувањето илјадници невини минувачи во милиони парчиња, е дозволено – макар на оние кои тврдат дека делуваат директно во името на Бог, бидејќи, очигледно, директната врска со Бог го оправдува повредувањето на основните човечки забрани и обзири. Накратко, фундаменталистите сè повеќе не се разликуваат од „безбожничките“ сталинистички комунисти, на кои сè им било дозволено бидејќи се доживувале себе си како директни инструменти на Неговото божество Историска Нужност На Напредокот Кон Комунизмот.

За време на седмата Крстоносна војна, која ја предводел Св. Луј, Ив ле Бретон запишал дека еднаш сретнал некоја старица која одела по патот, носејќи во едната рака сад во кој горел оган, а во другата сад полн со вода. Кога ја прашал зошто ги носи двата сада, старицата му одговорила дека со оганот ќе го запали Рајот сè додека не остане ништо од него, а со водата ќе го изгасне огнот од Пеколот: „Бидејќи сакам никој да не прави добрини за да го добие Рајот како награда или поради страв од Пеколот, туку исклучиво од љубов кон Бога“. Денес ова исправно христијанско етичко гледиште живее главно во атеизмот.

Добрите дела, или барем она што го сметаат под тој поим, фундаменталистите ги прават за да ја исполнат Божјата волја и да го заслужат спасот, додека атеистите, едноставно, зашто тоа е исправно. Зарем тоа не е нашето најосновно искуство од моралот? Кога правам добро дело, не го правам тоа погледнувајќи кон Бога за да ја заслужам Божјата милост, туку тоа го правам бидејќи во спротивно не би можел да се погледнам во огледало. Дејвид Хјум, кој и самиот бил верник, многу остро го нагласил тоа кога напишал дека единствениот начин на кој може да му се оддаде вистинска почит на Бог – е да се делува морално, игнорирајќи го притоа Божјото постоење.

Европското наследство на атеизмот

Пред две години Европејците расправаа за тоа дали преамбулата на европскиот Устав треба да го спомене христијанството како клучен дел од европското наследство. Како и обично, се најде спогодбено решение во вид на референца на општите поими „религиско наследство“ на Европа. Но што е со најскапоценото современо европско наследство – атеизмот? Она што ја прави единствена модерна Европа е тоа што таа е првата и единствена цивилизација во која атеизмот во целост е легитимна опција, а не пречка за извршување на нејзините должности.

Атеизмот е единственото европско наследство за кое вреди да се бори, и тоа не само зашто обезбедува сигурен јавен простор за верниците. Се сеќавам на расправата која беснееше во Љубљана, главниот град на Словенија, мојата татковина, додека зовриваше контроверзата околу Уставот: дали на муслиманите (поголемиот дел доселеници од поранешните југословенски републики) треба да им се дозволи да изградат џамија? Додека конзервативците се противеа на изградбата поради културолошки, политички, па дури и архитектонски причини, либералниот неделник „Младина“ упорно заговараше изградба на џамијата, имајќи ја на ум вистинската личност од другите југословенски републики.

Со оглед на либералниот став на „Младина“, не изненадува тоа дека овој неделник беше меѓу ретките публикации во Словенија кои ги пренесоа озлогласените карикатури на Мухамед. И, во склад со тоа, оние кои изразија најголемо „разбирање“ за насилните муслимански протести кои беа предизвикани од истите карикатури, беа истите луѓе кои редовно ја изразуваат својата загриженост за судбината на христијанството во Европа.

Уважување, но со доза на критика

Овие чудни сојузи ги соочуваат европските муслимани со тежок избор: единствената политичка сила која не ги сведува на граѓани од втор ред и им дава доволно простор за изразување на својот религиозен идентитет се „безбожните“ атеисти, либералите. Оние кои им се најблиски по религиозната општествена пракса, односно, оние кои претставуваат нивен христијански одраз во огледалото, се и нивните најголеми политички непријатели. Парадоксот лежи во тоа дека единствените вистински сојузници на муслиманите не се оние кои први ги објавија карикатурите поради ефектот на шок, туку оние кои, во знак на поддршка на идеалот за слобода на изразување, ги преобјавија истите карикатури. Вистинскиот атеист нема потреба да се фали со своите ставови провоцирајќи ги верниците со богохулење, но и одбива да го сведе проблемот со карикатурите на Мухамед на прашање кое ги засега туѓите верувања. Уважувањето на туѓите верувања како највисока вредност може само да значи едно од овие две нешта: или другиот го третираме како штитеник и избегнуваме да го повредиме за да не ги уништиме неговите илузии, или го прифаќаме релативистичкиот став за повекратните „режими на вистината“ и секое јасно инсистирање на вистината го дисквалификуваме како насилно наметнување.

Но што е со подложувањето на исламот – заедно со сите останати религии – на уважувачка, но истовремено не помалку немилосрдна критичка анализа? Тоа, и само тоа, е начинот на кој можеме да го искажеме вистинското почитување кон муслиманите: да ги третираме како сериозни и возрасни личности кои се одговорни за своите верувања.


Извор: New York Times

Слики: Przemek Blejzyk

Слични содржини

Општество / Теорија
Активизам / Теорија
Активизам / Теорија
Активизам / Теорија
Активизам / Теорија
Активизам / Теорија
Општество / Европа / Теорија
Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото