Ова е огледало во кое болката заспала

01.08.2016 11:08
Ова е огледало во кое болката заспала

Тунел

Некој човек
веќе со денови стои
пред мојата куќа. Потајум го набљудувам
низ прозорецот
од трпезаријата, а ноќе,
немоќен да заспијам,
со џебна светилка
го осветлувам тревникот.
Тој постојано е таму.

По некое време
ја отворам влезната врата
со чкрипење и му велам
веднаш да го напушти мојот двор.
Запрепастено ме погледнува
и почнува да јачи. Со тресок
ја затворам вратата и брзо заминувам
во кујната, потоа се качувам на катот
во спалната соба, и пак се симнувам во приземјето.

Цмиздрам како средношколка
и правам опсцени движења
низ прозорецот. Испишувам
крупни пораки за самоубиство
и ги ставам на видно место
за да може лесно да ги прочита.
Ги уништувам домашните работи
за видливо да му докажам
дека не поседувам ништо вредно.

Кога ќе ми се причини дека тој и понатаму е непоколебан
решавам да ископам тунел
до соседниот двор.
Влезот кон скалите
што водат во подрум
го заѕидувам со цигли. Снажно копам
и за миг тунелот е
веќе прокопан. Оставајќи ги
копачот и лопатата

излегувам пред куќата
и стојам таму премногу уморен
за што било веќе да направам или дури кажам,
надевајќи се дека некој ќе ми помогне.
Чувствувам дека некој ме набљудува
и повремено слушам
машки глас,
но ништо не се случува
и јас веќе со денови чекам.

 

Поштар

Полноќ е.
Тој доаѓа по приодната патека
и чука на врата.
Брзо излегувам за да го поздравам.
Стои крај вратата и плаче,
додека со трепетливата рака ми врачува писмо.
Ми вели дека
внатре се наоѓаат морничави приватни вести.
Паѓа на колена.
„Простете ми! Простете ми!“, ме преколнува.

Го повикувам да влезе внатре.
Тој ги брише очите.
Неговата темномодра работна облека
наликува на голема флека мастило
на мојот гримизноцрвен кауч.
Беспомошен, нервозен, малечок,
се склопчува
и паѓа во сон додека јас составувам
уште повеќе писма
упатени до самиот себе:

„Ќе живееш
нанесувајќи си болка.
Ќе живееш, простувајќи.“

Соба

Тоа е стара приказна, како и начинот на кој се случува
понекогаш во зима, понекогаш не.
Слушателот паѓа в сон,
крилата на орманот на неговата лоша среќа се отвораат,

и во неговата соба несреќата влегува ‒
смрт в зори, смрт во самрак,
нејзините дрвени крила го рануваат воздухот,
нејзините сенки се прелиеното млеко над кое светот плаче.

Постои потреба по ненадејни завршетоци;
зелено поле каде што кравите горат како новинска хартија,
каде што селанецот седи и ѕури,
каде што ништо, кога ќе се случи, никогаш не е доволно страшно.

 

Друго место

Влегувам
во она
малку светлина

недоволно за слепило
или јасен поглед
во она што следи

сепак, гледам
вода
еден чамец
човек што стои

тој не е некој што го познавам

ова е друго место
она малку светлина
се шири како мрежа
преку ништо

она што следи
овде е уште од
порано

ова е огледало
во кое болката заспала
ова е земја
која никој не ја посетува

Писмо

Луѓе трчаат по поле,
моливи им испаѓаат од џебовите.
Минувачите што тука поминуваат ќе ги соберат.
Тоа е еден од начините за пишување писма.

Како нештата се вклопуваат едни во други!
Моето јас веќе не ми припаѓа, туку спие
во сенката на странец, час попосле веќе го облекува,
а потоа го води навака-натака.

Пладне е додека ова ти го пишувам.
Нечиј живот влегол во моиве раце.
Сонцето ги осветлува зградите.
Тоа е сè што имам. Сето тоа ти го дарувам.

Избор и превод: П. В.

Слики: Chris Buzelli

Марк Стренд (1934-2014) е американски поет, есеист и преведувач. Роден е во Канада, но во раното детство се преселил во САД. Објавил дваесетина поетски книги, неколку книги со раскази, книжевна критика и една книга за деца. Многу пишувал и за сликарството и за ликовните уметници. Неговата магистратура исто така се однесува на ликовните уметности. Добитник е на повеќе важни книжевни награди, меѓу кои и Пулицеровата награда (1999). Предавал англиски јазик и компаративна книжевност на петнаесетина универзитети, главно во САД.
Иако го сметаат за мошне самосвоен автор, осамен и издвоен, неговото поетско дело најчесто се поврзува со неформалната група американски поети од Источниот брег, чие делување во педесеттите години било познато под името „Њујоршка школа на поезијата“. Меѓу нив се истакнуваат поетите Тед Бериген, Френк О Хара, Џон Ешбери, Кенет Кох, Џемс Тејт, Џемс Дикеј, Џемс Рајт, Џоел Опенхајмер, Чарлс Симиќ и многу други.

ОкоБоли главаВицФото