Нова српска (а ко да е наша) сатира (4) - Нашите победи се историски. Поразите се секојдневни.

01.08.2016 14:58
Нова српска (а ко да е наша) сатира (4) - Нашите победи се историски. Поразите се секојдневни.

ЗА ВОДАЧОТ

Направив најголем меур од сапуница на светот. И јас да оставам некоја трага зад себе.
Ѓорѓе Оташевиќ

Водачот зрачи со некоја енергија. Во негово присуство на сите им се дига косата на глава.
Зоран С. Станоевиќ

Немојте да ви паднам на ум! Главата ќе ви ја скршам!
Миќа М. Тумариќ

Не се чувствувам виновен. Сепак е најважно како човек се чувствува.
Александар Баљак

Зошто ти не мислиш како јас кога си толку паметен?
Александар Баљак

Кога слушнав дека стапот од рајот бил излезен, беше тоа мелем на рана.
Весна Денчиќ

Мислев дека паролата „Готов е!“ се однесува само на еден човек, а не на целиот народ.
Горан Т. Алексиќ

Ни требаат политичари со визии. А не со халуцинации!
Слободан Симиќ

ЗА СИТУАЦИЈАТА

Не ни е само околината загадена. И центарот смрди.
Ристо Малешевиќ Рима

Капитализмот го воведуваме на голема врата, како и што му доликува на организираниот криминал.
Весна Денчиќ

Го достигнавме највисокиот степен на демократија по Меркалиевата скала.
Жељко Марковиќ

Копањето ровови го забрзува процесот на погребување.
Весна Денчиќ

Имам впечаток дека сме на робија. Насекаде околу мене врие од криминалци.
Рабош Ракијавели

Веќе не пропаѓаме. Дното сега ни е на врв.
Дејан Тофчевиќ

Кај нас на висина на задачата се само оние кои се однесуваат под секое ниво.
Вељко Рајковиќ

Откако петелот ни заврши в лонец, никако не знаеме кога ќе ни зазори!
Стеван Р. Стевиќ

Увезовме ѓубре. Сега чекаме да процути демократијата!
Весна Денчиќ

Нашите победи се историски. Поразите се секојдневни.
Александар Чотриќ

ЗА ВЛАСТА

Тоа си е партискиот живот: неколкумина живеат, а останатите се надеваат дека и ним ќе им дојде редот.
Тома Ракијаш

На власта не треба да ѝ се дадат одврзани раце. Ионака се однесуваат како да се пуштени од синџир.
Весна Денчиќ

Зад нас не стои никој. Бидејќи возиме во рикверц.
Томислав Марковиќ

Во општеството се најгласни пролупаните.
Александар Чотриќ

Секој е невин, додека не се симне од власта.
Радивое Рале Дамјановиќ

Човекот е наше најголемо богатство, а доволно му е ронка леб.
Срба Павловиќ

Се бара гласач повеќе. Жив или мртов.
Зоран С. Станоевиќ

Ги познавам по муцката. Тоа се кучиња на војната.
Миќа М. Тумариќ

ЗА НАРОДОТ

Живееме како во логор. Уште само формирајте концентрациона влада ‒ впечатокот да биде потполн.
Драган Илиќ

Веднаш се разбегавме. И така спречивме судир од поголеми размери.
Александар Баљак

Треба јавно и отворено да се каже кој е крив. Дрина!
Слободан Симиќ

Нема од што да се живее. За среќа, нема ни зошто.
Слободан Симиќ

Ја поделија власта. Ним им припаднаа финансиите, а за народот ‒ полицијата.
Небојша Боровина

Денес е вака, и никој не ви брани да верувате дека утре ќе биде подобро.
Живоин Денчиќ

Она што денес ни се случува, за тоа пишувале многу историчари.
Живоин Денчиќ

Жилав сме ние народ. Подолго ќе се вариме во пеколот.
Дејан Тофчевиќ

Медицината толку напредуваше, што болен човек не може да ја следи.
Срба Павловиќ

Не сме осветољубиви. Никогаш не сме му возвратиле на посилниот.
Весна Денчиќ

Јуришаме на ветерници. Слушнавме дека таму се дели брашно.
Ѓорѓе Оташевиќ

Лесно се вклопуваме во демократските текови... Ние барем сме навикнати на трпење.
Стеван Р. Стевиќ

Избор и превод: П. В.
Слики: Свирачиња
Извор: Artija.net (SatirArt)

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото