На Мечкин Камен

02.08.2016 11:52
На Мечкин Камен

Илинден 1903.

 

Ако има рај има и пекол
и ако има пекол има и рај
што било почеток станува крај
и што е крај било почеток еднаш
бескрајно земјава Афионија
на кол колонија
ту од крвца е пијана
ту за крвца е жедна.

Од прегратки победнички се издавивме
слободичката сватовски ја поздравивме
змијолик аскерски обрач
дојдe да нè стисне
Султанот нè подбра

     Држете се побратими
     оцетот ќе ни скисне.

И им свртевме грб на каците
на сурлите им ги затнавме грчмаците
не ја даваме Републикава недозреана
кренавме берданка кон месечината
предавнички над нас разлеана
в магли ја нурнавме
па ѝ остина муцката искината
а ние в темница јурнавме.
Коли беси
беси коли
боли удри
удри боли
реве в пламен Мечкин Камен.
Се кренале повици
од сојот на Гули
ќе кукаат вдовици
белолики були
ќе кинат чинтијани
аргатите пијани.
Но од куршуми аргатите се серкме
дупка до дупка
не ќе им чкрапне со око
ни најцрната Ѓупка.

Ако нема рај нема ни пекол
и ако нема пекој нема ни рај
она што е почеток е и крај.
Од еванѓелија Отец Аврам ми читал
крајот опаш по почетокот влече -
земјава од трупја е сита
И дни на недела нова течат
Гоцеден
Јанеден
Питуден
Каревден
Ѓорчеден
Илинден
Крвавден.

Ми пропеа пилево в гради
ене го Смилево чади
еве го Крушево татни
татни и чади Баница
шуми раснат од обесени
еј куми и кумчиња златни
од земја месени
земјата е кланица
и небото е рана
носете поздрав мршојади
на мојата посестрима Јана

     Јана през гора врвеше
     билје лековно береше.

Но и билките свенаа
мртвите им останаа на гавраните
ранетите на кол ги кренаа
до господа поблизу да се
и објавија манифес’ гласен
дека за чалмите е оној рај
за нас е црниот пекол
и дека на почетокот му е крај.

 

Слика: Борко Лазески