Како ДПМНЕ тивко го задуши Илинден во Крушево

03.08.2016 10:30
Како ДПМНЕ тивко го задуши Илинден во Крушево

Ако нешто со душа сме чекале уште од деца, тоа е прославата на Илинден.

За да ја пречекаме коњаницата која пристигнуваше во 18 часот, ние помалите веќе бевме во градскиот парк во 17:30, стокмени, за да фатиме место. Вчера ме заболе срцето кога видов коку беше мизерен пречекот. Паркот полупразен, само по некои деца кои се радуваат на комитите како ние порано. Коњаницата беше побројна од луѓето кои ја следеа по главната улица. А главната улица полураскопана, не се погрижија барем за празникот да е проодна.

Гумења порано уште од кај споменикот на Карев беше наредена со тезги за играчки, сувенири, пуканки, шеќерни волни, мерак за детските очи. Вчера, бројот на тезгите беше пола од тоа.

За луѓе да не правам муабет, порано со братучед ми моравме да се држиме за рака за да не се изгубиме. Една година, поради гужвата, дури се изгубивме со друштвото и ни требаше половина час за да се најдеме. Вчера позади мене можеше и фудбал да се игра. Освен крушевчани, ретко да се види некој друг. Во градот 85-90% од туристите се параглајдеристи кои абер немаат што е Илинден.

Но, ова не е од моментот кога дојде ВМРО-ДПМНЕ на власт, туку тие се погрижија сè поболно да го задушат Илинден. Почнаа ентузијастички со „Етно Град“, проект кој беше надеж за крушевчани, како што и самото ВМРО-ДПМНЕ беше надеж за многумина кога дојдоа на власт. Во текот на годините „Етно град“ стана ‘Етно село’, се одржуваа сè помалку денови, програмата е сè помизерна и со исти артисти (фолк!) две-три години по ред. Вистинските симболи на двете борби, двата Илиндена, се во очајна состојба.

Споменикот на борците пред Македониумот е почнат да се фарба и не е довршен, а секоја година таму се положува цвеќе на 1 август. Изгледа тоа нивното „не ме фарбај“ го сфатиле сериозно.

Музејот на НОБ го немам видено во функција (да не заборавиме дека Крушево како град дал многу народни херои во борбата против фашизмот), како и разрушената летна сцена до него каде како мали гледавме безброј претстави и филмови.

Споменикот на Мечкин Камен е распукан, позеленет и никој не се грижи да го исчисти (ова важи и за бистите на народните херои од НОБ, кои освен од срам на какво дереџе дојдовме позеленеа и од негрижа).

И така ДПМНЕ болно и тивко го убива Илинден секоја година. Ја менуваат градската култура, слават „борци“ како Александров, го поделија градот на мои и твои. Турците можеби ни го задушија востанието, ама овие ни ја задушија прославата, единствените денови кога сите крушевчани пулсирале заедно.

Единствени за пофалба овие денови останаа угостителските објекти кои нудат програма подобра од онаа што треба да следува и вредните жени кои со помош на американската амбасада (нели, смрт за странските душмани) ги продаваа своите домашни слатка, чаеви, зимници и зачини.

Се надевам дека крушевчани по подолго време ќе ги видам обединети, особено младите и заедно да го вратиме изгубениот дух на градот.

Нека ни е честит Илинден и АСНОМ.

Во 1903 победи храброста, а најважно е дека во 1944 победи државата.

Слава им на сите кои животот го дале за слобода.

Извор: Фејсбук профилот на авторката