Време за себе

03.08.2016 11:51
Време за себе

Мракот донесе некаква потешка запурнина од денот зашто денот, што замина да го посети другиот дел од светот, беше прогласен за најтопол таа година.

Езерото нараснуваше и веќе доспеваше до праговите од построените куќи на плажата. Среде водата, тромаво се извишуваше едно старо, испукано стебло дури до небото. Виктор сметаше дека единствениот начин да се спаси од давење беше да се искачи на врвот и да премине на страната зад облаците.

Почна да ползи по стеблото. Височината до која се искачи го надминуваше нивото на куќата во која сите спиеја како заклани. Се двоумеше дали да вика и да ги разбуди останатите, да излезат и да се спасат качувајќи се со него, зашто водата речиси го имаше запоседнато целиот прв кат од неговата куќата. Сети како кората од стеблото за која се држеше почнува да се лупи и целосно се откажа од помислата. Инстинктот за преживување му ја даваше потребната сила за да продолжи да се качува, но качувањето, сепак, не му одеше од рака зашто водата му ги имаше обвиено нозете до колената. Беше жешка како врела смола. Му се чинеше како целото езеро да е собрано во џиновски котел, а огновите на Пеколот да го вријат. Водата, наскоро, стигна до неговиот врат. Реши да земе длабок здив и да се држи за стеблото додека целосно не се најде под неа.

Во моментот кога помисли дека вдишува за последен пат, езерото престана да се искачува и наеднаш, почувствува како целата крв му се насобира во слепоочниците; како целиот свет да се преврте наопаку. И беше превртен наопаку: сега тој висеше со главата надолу, свртен кон водата, а водата имаше започнато да се повлекува. Ако претходно сметаше дека бегањето од водата ќе го спаси, овој пат знаеше дека вистинското нешто што треба да го направи е да остане во неа. Но, езерото се повлекуваше толку бргу што беше превисоко дури и да се скокне во него. За кусо, водената површина целосно исчезна и престана да се гледа. Останаа само тој и стеблото во запурениот мрак. Стеблото почна да се рони под неговите раце, па тој паѓаше долго низ празното, до останување без здив.

 

* * * * * * *

 

Нечие длабоко земање воздух одекна низ селото, беше Виктор, штотуку се имаше разбудено од сонот. Капки пот што паѓаа од неговото чело удираа по неговите гради. Се одлепи од чаршафот и се пушти кон балконот по воздух. Ноќта беше мирна со полна месечина, Виктор и езерото беа единствените кои не беа мирни во тие часови на глуво доба.

На балконот се појави еден пес со дишење кое оддаваше ист немир како оној на Виктор. Тоа беше стариот, болен пес на семејството од Русија, кое отседнуваше во апартманот до неговиот. Му се броеја деновите на кутрото суштество: носеше пелена зашто задните нозе му беа парализирани. Истата таа глетка го згрози првиот пат кога се отслика пред неговите очи, но набргу, чувството на гадење се претвори во чувство на сожалување.

Гледјаќи го песот, не можеше, а да не помисли на неговата сопственичка, една бујно-убава Русинка со црна коса. Гласот ѝ звучеше како оној на самовилите од старите руски цртани филмови. Ја слушаше внимателно секогаш кога ќе имаше можност да ја слушне: кога таа разговараше со нејзиниот сопруг додека готвеа; кога разговараше со нејзината мајка, старица на која, исто како и на болниот пес, ѝ се броеја деновите. Нејзиниот глас особено му прозвучуваше како стара тамбура, додека таа разговараше со својата ќерка, девојче на прагот од зрелоста кое читаше една распарталена книга на руски, секој ден, на стол што се наоѓаше пред нивниот апартман на балконот.

Особено додека црнокосата мајка Русинка ѝ се обраќаше на својата ќерка го привлекуваше не само неговото внимание, туку му ја режеше утробата, целата негова природа, својствена за маж во почетокот на своите триесетти, се превртуваше во него.

Песот се довлечка до Виктор. Молчеа обајцата, а чадот од цигарата на Виктор се извиткуваше во мали облачиња над нивните глави. Начинот на кој седеа еден покрај друг на балконот, на било кој ѝ да ги видеше, ќе оддадеше впечаток дека тој и песот се најстари пријатели.

Романтичната слика за нивното пријателство испари во моментот кога песот за’ржа зашто некој или нешто се наоѓаше точно зад нив. Се слушна женски глас кој зборуваше на руски. Единствениот кој можеше, не само да разбере, туку и да биде искаран (зашто интонацијата беше висока, но придушена заради утринските часови) беше песот по име Бобик.

Бобик, зайди, люди спят!

Бобик, тој толку тажен, а истовремено и тромаво смешен пес, го погледна својот пријател и речиси низ воздишка, разочарано, го отпоздрави; се сврте и се одвлечка назад во апартманот. Виктор мислеше дека ќе остане сам, но девојката остана на балконот, сместувајќи се на нејзиниот стол крај масата што се наоѓаше зад неговото десно рамо.

Запурен молк. Немаше ников шум, ниту, пак, движење; езерото се лулаше под месечината. Обајцата ја уживаа глетката сѐ додека девојката не почна да го одмерува голиот грб на Виктор. Виктор сети дека е набљудуван. Го сети и моментот кога таа стана; и кога тргна кон него за, најпосле, да сети колку ѝ вриеше крвта откако седна покрај него со нозете виснати преку блаконот како неговите. Лагодноста со која таа се расплинуваше покрај него, нејзините разлеани движења истовремено го привлекуваа, но и парализираа до непријатност.

Гледано од лево кон десно, од зад нивните грбови, сликата изгледаше вака: таа, тој и кутијата за цигари. Таа посегна по кутијата цигари дури преку него. Пред да извади цигара сопре, а потоа прошепоти:

Ако ме издадеш, ќе кажам на тато како ја гледаш мама.

Го продолжи движењето по кутијата цигари, неспретно извади една зашто, сепак, цигарите беа малку подалеку, а таа не толку вешта во намерата; и ја запали. Виктор се стаписа. Зјапаше во езерото, му се чинеше дека нараснува и дека брановите одеа кон него накасани како песји заби. „Како, воопшто, дојде до сево ова?“, си помисли.

Ноќта не само што беше неусетно топла, стана и безобразно непријатна. Присутноста на таквото чувство се обиде да ја оправда со присутноста на девојката: млада, неискусна и со зовриена крв; сепак, нереално многу го привлекуваше фактот што беше хормонски темпирана од животот за да го спознае и заживее на ново, од почеток. Небаре, тој можеше да ѝ помогне во тоа.

- Никогаш не би кажал дека си девојче што пуши цигари – ѝ рече. Зборот девојче му се чинеше најсоодветен во тој момент, мораше да постави некакво растојание меѓу нив. Дете ќе беше премногу навредливо, а девојка ќе ги одзатнеше сите можни пори на телата на обајцата. Во тоа беше и проблемот, самиот тој се бореше со самиот себеси: разумот му удираше како калуѓер по црковно ѕвоно, а телесното му се бунтуваше од под облеката.

- Никогаш не би кажал многу работи за мене зашто вешто ги кријам – му одговори таа – ајде да слеземе покрај водата – му ги зеде цигарите и се спушти по извитканите скали. „Невоспитано девојчиште“ си помисли, но токму тоа беше тремплинот не само на вечерта туку и на неговиот живот.

На плажата гореше нивната втора цигара. Од водата пред нив ѕиркаше една карпа, чиниш џиновска крастава жаба која ги подала очите над површината. Беа тоа минути на најнеподносливата тишина на светот. Не се сеќаваше дали прво таа си поигра со неговата коса или тој ѝ го допре лицето пред да почнат да се бакнуваат; крвта им струеше на обајцата, а езерските бранови за‘ржуваа сѐ повеќе и повеќе. Таа се обиде да стане, но тој ја сврте и ја притисна под себе врз камењата. За да му избега, сепак, го повика во езерото и тоа беа нивните последни зборови. Таа застана сосем до карпата и го гледаше со насмевка зад која тој не забележа ништо, а, зад која, всушност, се криеше победа, сурова како онаа кога ќе се пороби цел еден вид, цел еден народ.

Ја грабна силно, брановите пенеа врз карпата. Ѝ ги разоткри белите напупчени гради, две млади дињи спремни за загризување. И, најпосле, во мигот кога меѓу две човечки тела и да не постои празен простор, во моментот кога тој, всушност, направи престап, девојката го испушти својот прв плач на возрасна жена. Чинот ужасно ја вознемири и таа ја прекина играта во која, несомнено, губеше, а ни тој не доби ништо. „Сѐ уште е дете, сепак е дете“, си помисли Виктор. Најпосле, некој лошо ги имаше поделено картите.

Девојчето плачеше, тој се обидуваше да ја смири. Плачот никако не престануваше и стана доволно силен за да почнат да се палат светилките од куќите. Една и се запали. Исплашен да не биде виден, Виктор ѝ ја притисна главата под вода. Чувствуваше како таа се бори за здив, но беше далеку посилен од неа, а одржувањето на тишината беше најважно од сѐ. „Уште само малку, мора да издржи уште сосема малку“ си рече додека чекаше како војник легнат во ров среде војна. По кусо време, човекот се повлече во својата соба и ја изгаси светилката. Настапи тишина. Виктор, конечно, успеа да остане незабележан во езерото крај карпата, но каде беше девојчето?

Ништо повеќе не беше важно зашто сите го гледаа Виктор како го вози својот прв велосипед: татко му, мајка му и соседите кои им беа на гости тој ден; во следниот миг рацете му станаа испотени зашто на масата, пред него, се наоѓаше тестот по математика заради кој ја доби првата единица на школо; потоа ја држеше и првата цигара во едната рака, а во другата ја држеше раката на својата прва девојка; речиси и да го почувствува првото водење љубов; и првата ноќ; ја виде жена си; ќерка им; телефонскиот разговор со жена му пред да дојде на езерото: „земи си време колку ти треба, но врати се за роденденот на Ања, те молам“; ја виде и Русинката, ѝ го слушаше гласот што звучеше како тамбура; му се чинеше дека го гледа девојчето/девојката, сеедно, која одамна веќе го имаше удрено со камен по слепоочницата; го виде и песот со пелената; ех, песот со пелената, тој стар пријател...

Над селото крај езерото почна да роси. Запурнината ко да испари. Еден пес во пелени стоеше сам на еден балкон и завиваше сам, сепак романтично, среде тивката, свежа ноќ.

Слики: Метју Квик

Милош Б. Андоновски е роден 1989 година во Куманово каде завршува основно и средно гимназиско образование. Во 2012 година дипломира на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје на катедрата за општа и компаративна книжевност. Истата година е студент на Универзитетот во Осло, Норвешка на Интернационалната Летна Школа (International Summer School 2012 at the University in Oslo). Во 2014 година магистрира на Институтот за македонска литература во областа на културолошките студии.

Во 2010 година се запишува на Факултетот за драмски уметности на катедрата за театарска режија во класата на проф. Слободан Унковски и проф. Златко Славенски, каде дипломира во 2015 со претставата Поблиску според текстот на Патрик Марбер.

Работи како професор по театарска и филмска уметност.
Пишува поезија и кратки форми на проза.

ОкоБоли главаВицФото