Југославија е творец на модерната кошарка

03.08.2016 14:12
Југославија е творец на модерната кошарка

Новинарот на американски Ролинг Стоун, Том Хокинг, напиша фантастична статија со наслов „Зошто најважниот кошаркарски тим на ОИ не е Дрим тимот“.

Тој се осврна на развојот на светската кошарка во последните 25 години и откри колкаво влијание на него имала југословенската кошаркарска школа.

„Таму каде некогаш за надмоќ се бореа само Леброн и Коби, одеднаш првото лице на НБА лигата стана 28-годишниот Стеф Кари кој изгледа како момче и кој може да ги опсипе ривалите со тројки. Американската игра се промени, а Голден Стејт на Кари е последниот чекор во бавната еволуција на кошарката која трае со децении. За да ја разберете таа еволуција, мора да се вратите на Олимписките игри од 1992 година“, пишува Хокинг.

Игрите во Барселона 1992 ќе останат вечно запамтени по сосема сигурно најсилната кошаркарска селекција во историјата. Дрим тимот со Мајкл Џордан, Меџик Џонсон и останатите великани ја покажа својата големина.

„Игрите во Барселона ни го донесоа Дрим тимот, колекција НБА ѕвезди кои дојдоа до златниот медал победувајќи ги противниците со просечни 43,8 поени разлика. Сепак, тоа не е тимот кој нè интересира во оваа приказна. Ние се занимаваме со најголемиот тим кој не постоел, тим кој се распадна пред да почнат игрите, тимот кој можеше да им се спротивстави и на Американците: кошаркарскиот тим на Југославија од 1992 година, кој никогаш не зачекори на паркетот под тоа знаме“, додава Хокинг и продолжува:

„Историјата на големиот тим на Југославија во доцните 80-ти и раните 90-ти години на минатиот век и начинот на кој се распадна, одлично е документирана. Во филмот 'Некогаш браќа', се гледа на кој начин се дезинтегрираа југословенските играчи кои некогаш беа блиски пријатели, посебно српската ѕвезда Владе дивац и динамичниот хрватски бек Дражен Петровиќ. Кошаркарското наследство на таа селекција сепак остана недоволно документирано, зашто тоа е веројатно највлијателниот тим во светот последниве години. Заборавете на Булси на Џордан, на Спарси, на кој било тим на Леброн или на Вориорс: Југославија ја создаде модерната игра каква што ја гледаме денес.

На извонреден начин авторот потоа прави споредба помеѓу европската кошарка и сфаќањето на истата во Америка.

„Кошарката е фасцинантна затоа што таа е нешто помеѓу индивидуалниот и тимскиот спорт. Во фудбалот постојат 11 играчи на теренот и дури ни најдобриот на светот не може сам да го носи целиот тим, што може да се види во примерите на Лионел Меси и Кристијано Роналдо кога играат за репрезентацијата. Индивидуалниот спорт како што е тенисот е целосна спротивност - победата и поразот зависат само од една личност, а тениските мечеви на највисоко ниво се играат во главите на тенисерите исто онолку колку што се играат и на теренот. Кошарката е некаде помеѓу, нешто помеѓу индивидуализмот и колективизмот. Пет играчи на теренот се доволни да ја придвижат тимската игра, а повторно еден играч може да има огромно влијание врз натпреварот или сезоната. Играч како Мајкл Џордан не може баш сам да освои титула, но може да дојде блиску. Сепак, дури и на ѕвездите како Џордан им се потребни играчи како Пипен и Кукоч, кој играше за некои југословенски тимови.

Отсекогаш постоеше фундаментална филозофска разлика помеѓу европската и американската кошарка. Приоритети на европската кошарка секогаш беа тимската работа и грижа, а американската кошарка се сведуваше на индивидуалност и забава. Европската кошарка почива на основите, а американската ги истакнува атлетицизмот и суровиот талент. Европската кошарка е во воздржувањето, а американската во истакнувањето. Тоа е така кога работите ќе ги поставиме поедноставено, секако, но корисно е ако се разберат двата пристапи кон играта.“

И токму тука доаѓаме до игрите од 1992 година и дуелот кој никогаш не го видовме: Југославија-САД.

„Американскиот тим од 1992 година беше ултимативен напредок на американската кошарка, заиграа најголемите играчи кои некогаш играле. Нивната индивидуална брилијантност беше толкава што хемијата во екипата никогаш не се доведуваше во прашање. Од друга страна, Југославија исто така имаше брилијантни поединци - Петровиќ беше потенцијална НБА суперѕвезда, експлозивен стрелец и шутер чија кариера трагично заврши со сообраќајната несреќа од 1993 година, додека Кукоч беше единствениот сестран играч кој можеше да напаѓа и да брани на сите пет позиции. Тука беше и Дивац кој ја промени улогата на центар во екипата и правејќи го тоа имаше можеби најдиректно влијание на НБА, ако се земе предвид неговиот престој во Сакраменто. Центрите се традиционално највисоки и најсилни играчи во екипата. Дивац беше поинаков. Беше неверојатно добар додвач за сите позиции, не само за центар. Тимскиот напад некогаш одеше преку него исто колку што одеше преку Петровиќ и Кукоч.

Тоа беше совршен тим. Погледнете некој од натпреварите на Југославија од Светското првенство 1990 година кое го освоија лесно и убедливо. Делува како да гледате стара касета од натпревар на Вориорс. Голден Стејт секако се потпира на индивидуалната брилијантност на своите ѕвезди, но уште повеќе се потпира на начинот на кој играат заедно, течно како тим. Југословените го правеа истото. Во напад топката се движеше неверојатно брзо, во одбрана ротираа ефектно. Нивната можност да го задушат противникот не зависеше од тоа дали ќе бидат посилни или побрзи, зависеше од дисциплината и меѓусебната доверба.

Тие беа врв на развојот на европскиот пристап кон кошарката. Можеби и не е изненадување што тој пристап најде свој пат и во НБА последните две децении, затоа што американската кошарка немаше каде да оди по Дрим тимот. Не можеше да се направи подобар тим. Подоцнежните американски тимови сè повеќе се ближеа до поразот кој на крајот и се случи на Олимписките игри во 2004.

Оттогаш американската кошарка направи темелна разлика. Не е случајност што најуспешниот тим во последните 20 години, Сан Антонио на Попович, беше најактивен регрутирајќи играчи надвор од Америка. Спарси од тоа профитираа освојувајќи пет НБА титули. Но, најдобра сезона во последните 20 години беше минатата. Вориорси, кои остварија 73 победи, неверојатно личеа на големиот тим на Југославија кој никогаш не заигра.

Луѓето често се прашуваат 'што би било кога би било' кога се зборува за ОИ 1992. Што ако Југословените останеа заедно на уште еден турнир? Хрватска, која во петорката ги имаше Кукоч и Петровиќ, освои сребро и му пружи каков-таков отпор на Дрим тимот. Никогаш нема да дознаеме, но за мене е најголема трагедија што никогаш не ги видовме најголемите експоненти на американскиот и европскиот пристап кон кошаркарската филозофија. Сепак, од друга страна, можеби тој дуел и не беше потребен, зашто како што изгледаше развојот наредните 25 години, сè повеќе изгледа дека Европејците излегоа како победници.“

Извор: Rolling Stone, B92

ОкоБоли главаВицФото