Контраспин: Власта ги урна институциите – затоа народот излезе на улица

04.08.2016 11:42
Власта ги урна институциите – затоа народот излезе на улица

Класичен, би рекле школски, пример на политичко спинување на вистината беше протуркан во интервјуто на Срѓан Керим, актуелен кандидат на Македонија за нов генерален секретар на Обединетите нации, емитувано на 26 јули вечерта на Телевизија „Новa“. Ред вистина, односно енциклопедиски дефиниции за демократијата и функционирањето на државата, ред погрешни лоцирања на нештата, односно искривен приказ на анатомијата на кризата.


Керим „ги претумба“ работите и случувањата околу политичката криза, антивладините протести на улиците организирани од граѓанскиот сектор и поддржани од опозицијата и легитимните демократски барања за ревизија на владеењето и расчистувањето со злоупотребите во државните институции и демократските механизми, но и политичкиот дијалог и договорот.

Спин: За надворешниот имиџ на Македонија, за нејзината стабилност севкупно, е многу важно институциите да функционираат и нивната легитимност да биде признаена и прифатена. Не можеме стално да одиме во циклуси: Легитимни се, нелегитимни се. Ако ние сами ги рушиме тие институции, се поставува прашањето, па како ќе ги изградиме рушејќи ги постојано? Сега некој може да полемизира па да ми каже: Па да, треба да ги срушиме до крај, па да правиме нови. Тогаш јас ќе реплицирам: Извинете, па каква е тоа тогаш демократија? Ако ние треба да ги рушиме институциите до крај, до темел, за да правиме нови, тоа не е демократија. Тоа е во тоталитаристички режими и слични ситуации неопходно. Меѓутоа, во нашиот случај тоа апсолутно не е неопходно. Пак ќе кажам, некој нема со тоа политички да се согласи, ќе рече не е точно, ние сме таков режим… Тоа е ствар на политичка перцепција. Нека некој гледа така, јас така не гледам. Мое право е да си кажам како јас гледам, негово право е да си каже… Па ќе се расправаме каде – не на улица, во парламентот. Он со неговото право, јас со моето, ќе излеземе пред граѓаните, ќе си ја кажеме секој својата вистина, своето гледање, па граѓаните да кажат кој е кој во целава приказна, а не по улици да се расправаме и на крај со насилство сè да се заврши. Тоа би било најлошото сценарио и тоа дефитинивно би ѝ наштетило сериозно на Македонија, на нејзиниот меѓународен имиџ…

[ИЗВОР: ТВ Нова (Од 59:36 до 1:01:31 во видеото), Датум: 26 јули 2016]

Констраспин: Искажувањето на Керим за динамиките во Македонија претставува спин на елементите од политичката криза која ја опфати земјава пред повеќе од година и половина, односно извртување на состојбите и односите.

Нема кој не би се согласил со Срѓан Керим во класифицирањето на вистинското функционирање на институциите на системот, кои би биле општоприфатени како легитимни, како нормална и посакувана состојба која што е костур на здраво демократско општество. Но, во Македонија, според испитувањата на јавното мислење, го имаме токму антиподот. Регионалното истражување спроведено од Советот за регионална соработка (RCC), интервладино тело на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (SEECP), со седиште во Сараево, покажува голема недоверба на македонските граѓани во институциите.

На прашањето „Дали верувате во независноста во судскиот систем, односно дека тој е независен од политиката?“, 62 отсто од граѓаните на Македонија сметаат дека тоа не е така, односно дека судството е зависно. Поточно, 29 отсто се целосно убедени во тоа, а 33 отсто би се согласиле со мислењето дека судството е зависно.

Недовербата во институциите меѓу граѓаните не е многу за чудење, ако се има предвид дека снимките од прислушуваните разговори, што СДСМ ги презентираше лани, имаа силен одглас во јавноста, односно предизвикаа драстична недоверба во институциите на системот.

Според истражувањето на јавното мислење спроведено во април годинава од страна на Брима Галуп за ИРИ (Меѓународниот републикански институт од САД) и објавена во јуни годинава, недовербата кон државните институции во земјава е значителна. Довербата кон сите институции, освен кон Специјалното јавно обвинителство и претседателот Иванов е под 30 отсто, а довербата кон политичките партии изнесува само 16 отсто.

Дека нема голема доверба ниту судството, како една од институциите, покажува и фактот дека само 21 отсто од запрашаните сметале дека кризата може да има разврска низ судскиот систем.

Во една ваква состојба, илузорно е да се зборува, како што прави Керим, дека „институциите не смее да се рушат“, односно дека тие не може да се изградат „ако постојано ги рушиме“. Евидентната недоверба во институциите зборува дека, според граѓаните, институциите се гнили и импотентни да гарантираат подобра иднина. Односно, треба да се „урнат“ на фер политички мегдан, т.е фер и транспарентни општи избори, оти не може да се доизградуваат гнили нешта..

За избори, додуша, зборуваше и Керим, ама недоследно, оти не одбележа дека изборниот процес и избирачкиот список, односно потребата од нивно унапредување, беше еден од главните фактори на политичката криза, при што освен опозицијата, за обезбедување услови за фер изборен процес, притискаше и меѓународниот фактор, што може да се види во Извештајот на Прибе.

Неодамнешните објави ги потврдија претходните претпоставки за изборни нерегуларности. Седмата и осмата објава на 6-ти март и на 10-ти март 2015 година, содржеа наводи со дискусија за манипулација со Избирачкиот список, купување гласови, заплашување на гласачите, вклучувајќи и закани кон државните службеници и спречување на гласачите да ги дадат своите гласови.

…Секоја нерегуларност којашто е откриена треба да биде проследена на таков начин што сите грешки/мани, вклучувајќи ги и тие коишто се утврдени во набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР од Извештајот во 2014 година, се адресирани пред наредните избори да се одржат, со цел да се увери дека такви нерегуларности нема да се случат повторно.

И кога станува збор за изборите, граѓаните немаат доверба дека институциите можат да гарантираат слободни и демократски избори. Ова е случај и кога станува збор за Министерството за внатрешни работи, владата и политичките партии и судството. Единствено Државната изборна комисијата има повисоко ниво на доверба кога станува збор за обезбедување слободни и демократски избори.

Бројните масовни протести што ја одбележаа и минатата и оваа година, и на кои се бараше, меѓу другото, и обезбедување услови за чисти избори, претставуваат јасен изблик на незадоволство од власта и јавен притисок. Но, кандидатот за Генерален секретар на ОН во интервјуто порача дека работите не се решаваат на улица, туку зборува за „Парламентот“. А тој одамна не е вистинска слика за демократија. Почнувајќи од црниот понеделник, кога пратеници, а и новинарите сосе нив, беа силеџиски исфрлени, бидејќи сакаа да спречат нова епизода неразумно трошење и корупција при изгласувањето на буџетот за 2013 година.

Кога станува збор, пак, за расправии по улица и опасноста „на крај со насилство сè да се заврши“, ако се погледнат протестите кои се одржуваа и лани и годинава, може да се заклучи дека нивото на инциденти е ниско и во однос на бројноста и во однос на нивниот интензитет. Односно, тоа на што Срѓан Керим предупредува, не може да наиде на вистинска потврда. Посебно поради фактот што двата инцидента кои имаа најголем публицитет, оној на раскрсницата кај Соборен храм, кога лице со мотор имаше расправа со протестирачите и со празното возило на Брза помош кај мостот Гоце Делчев, беа испровоцирани – во првиот случај од самото лице на мотор, а во вториот, се покажа дека празното возило, управувано од член на ВМРО-ДПМНЕ, двапати се туркаше низ демонстрантите, но, сепак, работите не ескалираа. Имаше и други инциденти, но во секој случај прашањето не беше дека работите ќе ескалираат, затоа стануваше збор за инциденти во кои беа вмешани многу мал број луѓе, инцидентите беа бргу сузбивани од организаторите и не стануваше збор дури ни за опасност да ескалираат.

Во однос на завршницата на анализираната изјава на Срѓан Керим, односно неговото наведување „а не по улици да се расправаме и на крај со насилство сè да се заврши. Тоа би било најлошото сценарио и тоа дефитинивно би ѝ наштетило сериозно на Македонија, на нејзиниот меѓународен имиџ….“, не може да се одмине фактот дека имиџот на Македонија е нарушен не само од незаконското прислушување, поради што и меѓународниот фактор побара расчистување на ситуацијата, а како конечен исход доаѓаме до вонредни парламентарни избори најверојатно до крајот на годината, туку и од низа други настани кои беа лошо менаџирани од власта, како случајот Диво насеље во Куманово, кој покрена низа контроверзи и сериозни сомнежи, но не помалку и случајот што претходеше – она со караулата Гошинце, за кое отсуствуваше сериозна реакција.

Случајот Диво насеље предизвика силен интерес во јавноста, а дека власта знаела за групата од Косово и не презела ништо, наведува анализата на Џон Гринвалд, потпретседател на Меѓународната кризна група и Илија Прачковски, аналитичар, објавена на веб сајтот на Коференцијата во Рига, која почна на 6 ноември лани.

Има неколку јасни работи што загрижуваат. Високите слоеви на моќ во Косово и Македонија знаеле за групата со месеци; многу нејзини членови и претходно учествувале во инциденти на територијата на Македонија во кои имало насилство. Неколку од нив биле и осудувани таму за прекршоци како грабеж и убиство, но сепак се движеле непречено; групата „ја третирала Македонија како свој сопствен двор“, како што кажа еден дипломат.

Токму ваквите „утки“ во безбедносниот систем, односно дозволување работите да ескалираат, иако се знаело и претходно за заканата, се работи што го урнисуваат имиџот на државата – а не протестите на кои граѓаните побараа соодветна разврска на целиот случај со незаконското прислушување.


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.