Кеплер, Њутн и падот на астрологијата

04.08.2016 13:29
Кеплер, Њутн и падот на астрологијата

ФИЛОЗОФИЈА

Во состојба на вечно мирување, во центарот на вселената, се наоѓа Земјата. Околу неа, или барем околу точката блиску до неа, во низата небесни сфери, кружат по ред Месечината, Меркур, Венера, Сонцето, Марс, Јупитер и Сатурн, и зад нив кружи сферата на неподвижни ѕвезди. Насекаде основата е круг. Сонцето прави полн круг околу Земјата на секои дваесет и четири часа. Сферата на ѕвездите исто така кружи околу Земјата, и тоа во униформна сферична патека и за да направи полн круг потребни ѝ се неколку минути помалку отколку на Сонцето. Со пресметување на положбата на Сончевата патека во однос на сферата на ѕвездите се добива еклиптика – годишната патека на Сонцето во однос на ѕвездите, во облик на кружница што ја сече нивната сфера. Другите планети исто така се движат во однос на ѕвездите, но значајно покомплексно, забавувајќи во правилни интервали, застанувајќи, и движејќи се некое време наназад. Во тоа движење тие не се оддалечуваат далеку од Сончевата еклиптика, а сите заедно опишуваат еден појас на сферата на ѕвездите: низата од дванаесет соѕвездија што се нарекува Зодијак.

Во најкратки црти, ова е геоцентричната слика на вселената во текот на средниот век и ренесансата, кога астрологијата и астрономијата биле една наука – наука за небесните тела, и за нивното влијание на земните настани. Бидејќи ѕвездите и планетите се навидум совршено униформни во своето движење, постоело верување дека настаните на Земјата, од раѓањето на човекот, преку потпишувањето документи до војните, се под влијание на небесните прилики; односно, моменталната положба на планетите во однос на ѕвездите одговарала на судбината на настанот во моментот. Бидејќи за набљудување на положбата на планетите било потребно огромно знаење за опсервацијата, сметањето и небесната геометрија, единствено добрите астрономи можеле да бидат добри астролози, иако во тоа време таа дистинкција не постоела. Навистина, главниот мотив за интересот за ѕвездите бил човечкиот копнеж за толкување и проречување на земните настани. Галилеј, Брахе, Кеплер, сите биле прочуени астролози на своето време, нудејќи им ги своите услуги на кралските дворови ширум Европа. Желбата за подобра астрологија била водилката на астрономскиот напредок.

Меѓутоа, до раздвојување на астрологијата на наука астрономија и псевдонауката астрологија не дошло со паѓањето на геоцентризмот – барем не директно. Навистина, за потребите на астрологијата не е претерано битно дали Сонцето се врти околу Земјата или обратно; битна е релативната положба на Сонцето и планетите во однос на ѕвездите. И хелиоцентриците Галилеј и Кеплер се бавеле со астрологија, како и геоцентрикот Брахе, изведувајќи астролошки пресметки на хелиоцентрични основи.

Астрологијата не ја загрози хелиоцентричното сметање и предвидувањето на движењето на планетите, туку новите објаснувања на небесните движења кои се појавија значително после Коперник во перата на Кеплер и Њутн. Кеплер, по долгогодишното истражување, дошол до откритие дека движењето на планетите во хелиоцентричниот систем многу подобро предвидува ако се претпостави дека тие не се движат по кружни туку по елипсоидни патеки. Иако Коперник го изместил центарот на вселената, поместувајќи го од Земјата на Сонцето, неговиот хелиоцентризам и понатаму ги претпоставувал небесните сфери во кои се сместени планетите на Сончевиот систем, вклучувајќи ја и Земјата. Кеплеровиот премин на елипси не го пореметил само повеќемилениумското потпирање на совршеноста на кругот како основа на вселенскиот поредок, туку го сменил и становиштето за природата на планетите, опишувајќи ги како тела кои слободно се движат низ вселената.

Њутн го дал завршниот удар на основните столбови на астролошките верувања. Не само што планетите се небесни тела кои слободно се движат низ вселената, туку тие се движат според истите закони кои важат на Земјата. Њутн, носејќи ја физиката меѓу ѕвездите, со тоа го споил земното со небеското: Сонцето и планетите, другите ѕвезди, сите тела, па и самите ние, сите сме подлежни на истите закони. Од Њутн астролозите станаа астономи, а верувањата во астролошките влијанија исчезнуваа под притисокот на толку радикално сменетата слика на вселената. Како впрочем и може да се зборува за влијанието на положбите на планетите во однос на ѕвездите, кога тие положби се само привидни феномени гледани од Земјата која е толку небитен камен во однос на големината на вселената?

Во вековите по Њутн, астрологијата имала свои подеми и падови во популарноста. Таа, се разбира, никогаш нема да „се врати“ како наука, но останува присутна како вид умешност или религиски уверувања, во зависност од тоа кој се прашува. Астрологијата не функционира не затоа што не ги исполнува методолошките услови да биде наука, туку затоа што почива на идејата за вселената која не е точна – на сферата на неподвижни ѕвезди, на одвоеноста на земните и небесните закони, на привилегираната позиција на Сончевиот систем. Верувањето во астрологија едноставно бара да се верува во овие претпоставки. Кој е подготвен, па, добро.

АРГУМЕНТИ

Зошто астрологијата не е наука

ПСИХОЛОГИЈА

Фореров ефект

За да бидат уверливи, астролозите се служат со добро познати психолошки техники кога опишуваат одделни знаци и нивните особини. Една од најчесто користените е таканаречениот Фореров ефект – кога на слушателот наслепо му се даваат описи кои инаку важат за голем број луѓе.

ФИЛОЗОФИЈА

Поперова критика

Методите на астрологијата најдобро покажуваат дека оваа дисциплина е псевдонаука. Според филозофот на науката Карл Попер астрологијата не го задоволува условот на фалсификабилност според кој некој збир на тврдења мора да биде задоволен за да се смета за научна теорија. Имено, во астрологијата не постои ниту една теза која би можела да биде проверлива со експеримент.

СТАТИСТИКА

Марсов ефект

Кога астрологијата исправно би ги опишувала типовите луѓе, би морала да постои извесна статистичка корелација помеѓу особините на некои групи луѓе и состојбите на небото во моментот на нивното раѓање. Сите досегашни обиди да се најде таквата врска или не успеале или, како во случајот со таканаречениот Марсов ефект, биле фалсификувани.

АСТРОНОМИЈА

Грешка со соѕвездијата

Астрологијата користи наводни проекции на небесната сфера на кружница и притоа гледа само дванаесет соѕвездија на Зодијакот на еклиптиката, распоредени така како што изгледало небото над Земјата пред 2000 години. Меѓутоа, заради прецесијата на Земјата денес на оваа кружница се наоѓаат 13 поинаку распоредени соѕвездија, така што сите хороскопски знаци се дадени погрешно.

ПАРАДОКСИ

Временски близнаци

Најпознатиот меѓу парадоксите во хороскопот се однесува на таканаречените временски близнаци. Имено, според астрологијата, луѓето родени во ист момент на исто место имаат сосема идентични натални карти бидејќи состојбата што тогаш можела да се види на небото би морала да биде сосема иста. Меѓутоа, особините, како и судбините на ваквите луѓе се битно различни.

ФИЗИКА

Непостоечко влијание на планетите

Астрологијата имплицитно подразбира влијание на планетите врз луѓето. Единствена позната сила што може така да влијае на далечина е гравитацијата, но кога ќе се пресмета, гравитационото влијание на одделни планети врз човекот е занемарувачки мало во однос на многу помалите, но поблиски објекти, како што се другите луѓе, превозните средства и објектите.



Извор: „Елементи“, списание за промоција на науката