Милитаризација на МВР

05.08.2016 10:21
Милитаризација на МВР

Во рамките на општиот процес на суспендирање на уставната позиција на институциите (таканареченото „киднапирање на државата“ од страна на владејачката врхушка во земјата) се одвива опасен процес на милитаризација на полицијата. De fakto, таа израснува во паралелна војска на АРМ - но, задолжена, главно, за борба против „внатрешните непријатели“ на државата. Поради големата моќ - цивилно неконтролирана - и големите лични привилегии од нејзината злупотреба, сите се „грабаат“ за МВР.


Секоја партија на власт и секој претендент, сакаaт да управуваaт со ова министерство. Аксиомата важи и за нас: колку општеството e понедемократско, толку е поголема партиската желба за контрола над полицијата. Во комунизмот тоа беше главното животно, дресирано за јадење на „политички неподобните“ за потребите на одржување на „кликите“ на власт. Во „системот на демократија“, овој што кај нас се применува во последните 25 години, МВР продолжи да биде животно за јадење на политичките конкуренти и опоненти на владетелите, но се претвори и во главен инструмент за незаконско богатење на (не)демократски избраните функционери.

Особено во последнава „петолетка“, „нашето“ МВР израсна во вистински монструм: поднесуваше кривични пријави според принципот „кому ќе му се намерачи“; одлучуваше кој да биде притворен и колку да трае притворот, кој да добие затворска казна и колку да изнесуваат затворските казни, кој и колку треба да плати глоба за навреда на ликот и делото на властодршците - се разбира, сето тоа преку својата долга рака во судството; произведуваше меѓуетнички конфликти за власт по секоја цена; ритуално апсеше луѓе (кој не се сеќава на aпсењата на Р. Заревски, Д. Докиќ, Бошкоски, Кежаровски, Илиевски, М. Шиповиќ и многу други) без почитување на пресумпцијата на невиност; растураше синдикални и партиски организации - од нив правеше свои макети; репресираше граѓански активисти; се претвори во главен спин-доктор за манипулација на јавноста.

Освен тоа, МВР стана главна алатка за контрола на економскиот живот во државата - за незаконско заграбување имот, не само од функционерите во него, туку и од сите други во државната врхушка. Во кооперација со децениски познати нечесни бизнисмени, МВР стана судбоносна рака за раздавање на јавниот имот и јавните ресурси и експропријатор на имотот и капиталот на приватни пазарни субјекти. Неговите функционери, штом ќе му се намерачеа на нечиј имот и бизнис, од политички и/или профитни интереси, преку ноќ стануваше нивен. Затоа и последните разговори меѓу власта и опозицијата во процесот Пржино, по кој знае кој пат, ја потврдија екстремно големата улога на МВР за животот во Македонија.

Да бевме демократско општество, разумните луѓе би ги избегнувале функциите во МВР, зашто би им носеле повеќе лични непријатности отколку лична корист.

Важната вест од Чавков

Неодамна, министерот Чавков „нѐ израдува“: обзнани дека МВР распишало конкурс за вработување на 600 полицајци. Новите вработувања биле неопходни - сме имале „недостиг од униформирани полицајци“. Тврдеше дека европскиот просек бил „300 полицајци на 100.000 жители“, нашиот под тоа. Не кажа колку сме под европскиот просек - само додаде дека „состојбата во Скопје била уште полоша“ (145 полицајци на 100.000 жители). За да биде уште поубедлив, Чавков ни кажа дека до 2020-тата од МВР ќе заминеле во пензија 1.200 полицајци и 200 вработени од другите служби. Притоа Чавков не кажа како го утврдиле македонскиот просек на полицајци на 100.000 жители, кога никој во земјава не знае колку жители имаме. Не кажа колкав е вкупниот број вработени во МВР и дали тој број е над или под европскиот просек. Се разбира, Чавков знае дека веќе и чавките знаат дека новото вработување има две цели: дополнително партиско освојување на МВР и нови гласови за претстојните избори. Но тој е војник на партијата - ќе стори сѐ за нејзината кауза. Арамиска!

Што друго не кажа Чавков, а е поважно од кажаното?

Чавков не кажа, но нѐ натера да провериме и да констатираме дека:

1. На ДПМНЕ-овското МВР (не нам) му биле потребни барем 6.210 полицајци во униформа. Бројот 2.071.000 (жители според Државниот завод за статистика) го делиме со 100.000, а добиениот број од 20,7 го множиме со 300 (просекот на униформирани полицајци во Европа).

2. Во Ребаланс-буџетот за 2016 стои дека во МВР оваа година ќе работат 11.409 лица. Доколку бројот на униформирани полицајци во МВР е значително под 6.210, тоа значи дека многу повеќе од половината од вработените во МВР се другите видови вработени (професии). Чавков не кажа дали наведениот сооднос, униформирани полицајци - други професии, е во склад со европските стандарди; не кажа колку изнесува одделно бројот на полицајци во цивилна облека и дали тие одделно и заедно со униформираните се под или над европските бројки; не кажа ниту дали вкупниот број вработени во МВР (а тоа е најважно) е под или над европската практика. Да го кажеше сето тоа, полесно ќе ја проценевме потребата од нови вработувања. И, штотуку ја имав завршено оваа проста „математика“, Гроздан Цветковски (Фокус, 22 јули) пишува: „Чавков лаже! Бројот на униформирани полицајци во МВР изнесува 10.000, или 500 на 100.000 жители. И не е важно дали Цветковски е во право. Важно е што Чавков и сите од оваа власт постојао и за сè лажат. Но има некои бројки од кои дознаваме повеќе од тоа што Чавков сака да ни каже.

3. Во истиот Буџет на РМ е запишано дека Министерството за одбрана (МО) во 2016-тата (ќе) брои 8.013 лица, а МВР, како што веќе наведов, 11.409. Тоа е околу 30 проценти помалку во споредба со Чавковото министерство и тоа е многу важна информација. Стои и тоа (уште поважно) дека буџетот на МВР изнесува 11.087 милијарди денари (180.3 милиони евра) додека буџетот на МО 5.780 милијарди денари (93,9 милиони евра). Вториов е помал за 48 проценти. Тоа пак значи дека: расходите по вработен во МВР ќе изнесуваат 971.776 денари, додека во МО за 25.8 проценти помалку (721.352 денари).

4. Ако ги пресметаме расходите на двете министерства како процент од БДП кој во 2015, според ДЗС изнесува 560.1 милијарди денари, парчето за МВР е 1,98, додека за МО само 1,03 проценти.

5. Ако направиме споредба на расходите за армијата и полицијата во бившите ЈУ-републики, како дел од вкупните расходи на нивните државни буџети, доаѓаме до следнава слика.

Впечатливо: само Македонија и Црна Гора имаат речиси двојно поголеми буџети за полицијата споредено со армиските; во Хрватска и Србија блага предност за полицискиот, во Словенија за армискиот.

Дали двојно поголемите буџети на полицијата во Македонија и во Црна Гора се индикатор за понагласените проблеми во функционирањето на граѓанското општество во нив? Таква индикативна корелација има и во земји подалеку од регионот. Ќе спомнам само две, поради восхитеноста од нив на некои наши функционери. Агенцијата Франс Прес на 15 мај 2013 објави: „Во Кина, годишно, има повеќе од 180.000 протести. Владејачката Комунистичка партија троши огромни средства за обезбедување ред - повеќе отколку за нејзината војска...“. Секоја година растечки милијарди се одвојуваат за „одржување стабилност“ и за надгледување на дисидентите. Последните години сведоци сме и на растот на полицијата во Турција; на нејзината бруталност кон противниците на Реџеп Таип Ердоган. Турската полиција деновиве ја видовме и во улога на втора армија, а видовме и зошто „новиот султан“ на Турција инвестирал во неа - поефикасно да апси политички противници и да ѝ парира на секогаш „незгодната“ армија.

Милитаризација на полицијата и реквием за демократијата?

Повторно, несразмерно, јакнат силите на внатрешната репресија. Расте бројката „манекени“ облечени во специјална облека - со штитови, со палки, со водени топови, гумени куршуми. На улиците сè повеќе гледаме гасенични чудовишта и полицајци со „качулки“, чиниш стокмени да ги смачкаат незадоволниците од власта, во име на „одржувањето стабилност“. Всушност, полицијата се трансформира во војска против сопствениот народ. Тие слики повеќе од јасно говорат за загубениот легитимитет на власта. Таа, пак, за тоа не дава пет пари. Не размислува зошто се множат протестите на бројни социјални слоеви - студенти, земјоделци, интелектуалци, религиозни и етнички групи, осиромашени граѓани кои, сите заедно, својата земја сè помалку ја чувствуваат како своја. Не размислува зошто навистина ѝ се случува Шарената револуција. Наместо тоа, таа го јакне репресивниот апарат: сѐ повеќе пари за полицијата и сè поголем број вработени во неа. Затоа буџетот на внатрешните сили на репресијата стана двојно поголем од буџетот на армијата.

Власта демонстрира дека општеството е под поголема закана од себеси отколку од некоја екстерна сила. Поради тоа, во конструкцијата на општеството (по дефиниција самодоговорена заедница) вградува некој сѐ посилен кој „ќе нѐ чува од нас самите“. Но, кога тој што треба да нѐ чува од нас самите (до определен степен нужен) толку многу ќе се осили, претворајќи се во сила по себе и за себе, или ќе стане главна тупаница на еден човек или на мала група, јасно е дека немаме граѓанско општество. Немаме општествен договор. Немаме легитимна власт. Имено, моќта не може легитимно да се институционализира ако се востоличува и применува насилнички. Тоа значи дека таа, моќта, не е морално втемелена. Во таков случај може да имаме само некаков „Левитикус“ напишан од некој Пастир и „Левијатан“ (во Хобсовото разбирање на државата како апсолутна монархија) кој ќе ги присили луѓето на беспоговорно почитување на нормите и обичаите напишани од Пастирот (Монархот, Монструмот...).

Затоа, договорите од Пржино, дури и како привремена распределба на моќта (привремена институционализација) всушност се едно големо ништо. Измама! Злоупотреба! Зашто, нема процес на легитимизација на моќта (власта) без нејзино морално втемелување. Меѓу потписниците на тој серијал договори се наоѓаат големи измамници, арамии, морални отпадоци од секаков вид. Тие се грабаат за МВР (или „не го даваат“), зашто: тоа е инструмент за доаѓање на власт и нејзино задржување; инструмент за блокада на секој легитимен процес на дистрибуција на моќта. Оттука, нема „ОПШТЕСТВЕН ДОГОВОР“ со измамници. Таквиот е contradictio in adjecto. Потребен е „општествен договор“ за нивно санкционирање, како прв услов за нов почеток на легитимна распределба на моќта во општеството. Тоа е и основен услов за востановување парламентарна контрола над МВР, отпочнување на демилитаризацијата на полицијата, нејзино враќање во рамките на уставните овластувања.

Извор: respublica.edu.mk
Фотографии: Ванчо Џамбаски