Празнично „плукање“ по опозицијата

05.08.2016 11:36
Празнично „плукање“ по опозицијата

[Рецензија: Иронијата на СДСМ: Ги сквернавеа Илинденците, а денес лицемерно им се поклонуваат]

 

Текстот е целосен спин, од почеток до крај, креиран со единствена цел – да ѝ наштети на опозициската партија. Притоа се прави врска со големиот национален празник Илинден, па злоупотребувајќи ги чувствата на народот, социјалдемократите се обвинуваат за антимакедонство.

 

Линк до оригиналниот напис: Иронијата на СДСМ: Ги сквернавеа Илинденците, а денес лицемерно им се поклонуваат

Датум и време на објавување: 2.08.2016, 13:46

Датум на рецензирање: 03.08.2016

Рецензент: Владо Ѓорчев

 

 

НЕВИСТИНА

„Продолжува лицемерното однесување на СДСМ и партиските полтрони. Со месеци тие ги сквернавеа спомениците низ Скопје, плукнаа по асномците и илинденците, ги шараа со боја и ги уништуваа. Денес со насмевка на лицето лицемерно се поклонуваат пред нив, пишува Денешен.мк“.

Невистината почнува уште од првиот пасус. Неточно е тврдењето дека СДСМ ги „сквернавеле“ спомениците низ Скопје. Имено, протестите на кои се боеја спомениците низ градот, на што се алудира во текстот, беа предводени и организирани од здруженијата „Протестирам“ и „Шарена револуција“, а не од опозициската партија. Втората невистина е тоа што спомениците не беа сквернавени. Тие сè уште стојат на исто место. Демонстрантите ги боеја, во знак на револт за парите потрошени од народот за непродуктивни намени, а со боењето само обележуваа кои се тие споменици.

 

СПИН И МАНИПУЛАЦИЈА

Текстот продолжува во истиот стил со напад на пратеничката Лидија Димова, при што се прави спинерска конструкција:

„Пред спомениците се поклони и пратеничката на СДСМ, Лидија Димова, која беше дел од насилните протести на Шарената револуција, но си се повика на пратеничкиот имунитет за да се огради од насилството кое нејзината партија го предизвикува“.

Димова е цел на нападот поради тоа што беше во делегацијата што положуваше цвеќе, а се најде во написот затоа што го возеше возилото на „Шарена ревлуција“ во кое стоеше озвучувањето и направите за боење. Тоа е целото „злодело“ што го направила Димова.

Во финишот на написот се испраќа уште една манипулативна порака:

„Лидерот на СДСМ, Зоран Заев денес беше на Мечкин Камен каде беше исвиркан од граѓаните кои го нарекоа предавник кој ги напаѓа полицајците и бранителите и кому местото не му е таму на овој голем ден“.

Како поткрепа на оваа информација е поставен видеоматеријал од кој навистина се слушаат свирежи и извици против Заев. Но, од видеозаписот не може да се заклучи дали Заев бил исвиркан од присутните граѓани на церемонијата (како што се тврди) или се во прашање членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа, нели, е сосема различно.

Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).